
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ по изборот на новиот Извршен комитет на партијата, сега објави и јавен повик за кандидирање на нови раководства во општинските комитети. На огласот стои дека нови раководства ќе се бираат и во пелагониските општини Битола, Могила, Новаци, Ресен, Крушево, Демир Хисар... Во изминатите пет години ОК на ВМРО ДПМНЕ Битола го води Пеце Милевски, кој е актуелен пратеник. Во мандатот на Милевски зеадно со градоначалникот Тони Коњановски извојувани се две победи на локалните избори во 2021 и 2025, а ВМРО-ДПМНЕ во 2024 година победи и на претседателските избори со убедлива победа во гласови за кандидатката, сега претседател на државата, Гордана Силјановска - Давкова и листата на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата бидејќи изборите беа двојни, претседателски и парламентарни. Останува да се види кој се ќе покаже апетити за лидерската позиција на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола. Во колуарите се зборува дека има лоби групи од партиски и државни функционери кои имаат аспирации да раководат со Општинскиот комитет во Битола. Се зборува дека и жена има намера да ги води битолските членови на ВМРО-ДПМНЕ, што ако успее во намерата ќе биде за прв пат во историјата на Општинскиот комитет во Битола, партијата да биде во рацете на понежниот пол. Инаку пред Милевски, ОК го водеа Иванчо Тошевски актуелен директор на НП Пелистер, Борче Димитровски актуелен секретар на Општина Битола и поранешен директор на Центарот за култура, Зоран Илиоски поранешен пратеник, Јовко Крстевски поранешен директор на РЕК Битола, Златко Милошевски екс градоначалник, Владимир Талески поранешен градоначалник, Љупчо Бошевски поранешен директор на Стрежево, Зоран Коњановски актуелен директор на производство на АД ЕСМ и поранешен министер. Всушност овие имиња го водеа ОК Битола во последните две децении, до денес.
Анета Блажевска
По долгите анализи и испитувања кои ги правеше и она што го констатираше, ВМРО-ДПМНЕ ги комплетираше листите за советници и кандидати за градоначалници кои ќе настапат на следните избори, изјави денеска Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на партијата, пред седиштето на Државната изборна комисија. За Битола за носител на листата ВМРО- ДПМНЕ се определи за универзитетскиот професор Филип Поповски, а на листата зад него се актуелниот советник Бојан Бојкоски, Наташа Марковска претседател на Унија на жени на ВМРО ДПМНЕ, познатиот уролог од Клиничка болница Битола, д-р Илија Келепуровски, директорката на старски дом "Сју Рајдер" Марина Крстиќ, докторот на науки Љубе Никлевски, професорот по историја Александар Јаневски и др истакнати членови на партијата. Тони Коњановски ќе ја бара довербата на битолчани за втор мандат, а Сајковски рече дека во цела држава за кандидатите за градоначалници ги избрале оние кои покажале добри резултати во изминатите четири години, но имаат и нови кандидати кои „се профилирани ликови во средините од каде што доаѓаат“.

-За листите за советници се избрани луѓе коишто се предлог на месните и општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Можам да констатрам дека партијата е комплетно мобилизирана, дека ќе имаме голем успех на следните локалните избори. Исто така, можам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ на следните локални избори ќе има плус советници и плус градоначалници во споредба од она што го имавме во 2021 година, изјави Сајкоски, кој беше придружуван од членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска-Кочоска и Орце Ѓорѓиевски, кандидат на оваа партија за градоначалник на Скопје.
Според роковникот на ДИК за спроведување на Локалните избори 2025, денеска до полноќ истекува рокот до кога сите што сакаат да се кандидираат на претстојните избори, закажани за 19 октомври, своите кандидатури за градоначалници и листите на кандидати за членови на советите во 80 општини и Градот Скопје треба да ги поднесат преку своите овластени предлагачи во просториите на општинските изборни комисии (ОИК) и Изборната комисија на Град Скопје (ИКГС).
