2win800x200

Афера - Колку пати мечката убива едно исто говедо во Битолско?

Септември 16, 2024
мечка-архива мечка-архива

Обвинителството во Битола покрена истрага за новодни измислени напади на мечка на говеда и инсценирани рани за да се добие отштета од државата објавува https://nezavisen.mk/kolku-pati-mechkata-ubiva-edno-isto-govedo-vo-bitolsko/

 

 

БИТОЛА – Дали и мечката се користи во незаконски шеми за добивање отштета од државата за фиктивно убиена стока или уништени кошници со пчели?

Сточари од битолскиот крај велат дека поединци, фармери, по разработени и веќе испробани шеми за наводно угинати говеда и пчелни семејства од мечка земаат големи отштети од државата. Сточари со кои разговараше „Независен“, велат дека од мршата на едно угинато говедо ќаруваат повеќе сточари, кои се од исти крај, село или се роднински поврзани.

По укажувањата од сточарите се обидовме да ги провериме ваквите сомнежи и во надлежните институции од каде добивме потврда за покренати истраги.  

Основното јавно обвинителство – Битола постапува по укажување од Основниот суд во Битола, бидејќи според процедурата на обештетување, судот е инстанцата која носи одлуки за секој еден предмет.

Дека имало обиди за злоупотреба на законот, потврдуваат и од ОЈО Битола и од СВР Битола. 

Обвинителството за „Независен“ изјави:

„По известување од Основен суд Битола во врска со сомнителни поднесени тужби за штета, Основното јавно обвинителство Битола оформи предмет. Веднаш се дадени наредби и насоки до СВР Битола да изврши проверки. По наредбите се постапува.“

Од СВР Битола објаснуваат дека со истрагата се опфатени 2023 и 2024 година и дека работат „по пријави каде има сомнежи за неправилности во постапките за обештетување. Пријавите се од две институции.“

За овие случаи очекуваме став од МЗШВ и Основниот суд во Битола. 

Познавачите велат дека со Законот за облигациони односи е пропишано дека државата одговара за штетата причинета од мечка за која има трајна забрана за ловење, доколку не се докаже дека штетата настанала по вина на оштетениот сточар.

Мечка фото Апла.мк

Мечка архива фото Апла.мк

 

„Ја гребат кравата со грибло како да ја изела мечката. Една иста угината крава ја шетаат по ливади и со фалсификувани ушни маркици ја прикажуваат како да е нивна сопственост. Потоа со шепа од препарирана мечка лажираат напад на пчели. Се работи за обештетување од напад на дивеч на стока за што сточарите земаат оштета од државата“, велат сточарите кои се сомневаат за наместени настани. Сточари со кои разговараше „Независен“, од села кои гравитираат  во јужниот дел на Општината кон границата со Грција велат дека веќе извесен период наназад имаат сериозни индиции за злоупотреби со угинати говеда и наводни напади од мечка.

Сточари укажуваат дека шталска крава пцовисана од болест се прикажува како нападната од мечка, потоа дека мечка изела две крави во еден напад, што според нив е невозможно.    

Во случаи со пчелни семејства нападнати од мечка, друг наш соговорник од Битолско-демирхисарскиот крај вели дека со шепа од препарирана мечка и по некое расфрлано влакно се бара надомест на штета за угинати пчелни семејства.

„Замавнуваат по сандаците од пчели со препарирана шепа од мечка, ќе ги испревртат и ќе пријават во МЗШВ за комисијата да излезе на терен. По некој ден откако еден пчелар ќе пријави дека мечка влегла во селото или во атарот на селото, одма ќе се јават уште неколку дека и кај нив влегла мечката и така приказната станува поверодостојна. Ова е изразено од Битолско до Демирхисарско“, вели нашиот извор.

Наш соговорник кој долги години работи во секторот земјоделие вели дека секое говедо има ушна маркица и пасош регистрирани во АХВ и при угинување сточарот го пријавува кај матичниот ветеринар за да го одјави од регистарот. Вештаци се вклучени во постапката за обештетување кои треба многу добро да знаат како изгледа говедо нападнато од мечка, оти врз мртвото говедото не се врши преглед на внатрешните органи за да се утврди причината за смртта. Вештакот ја цени штетата, а судот носи пресуда на лице место на терен, вели нашиот соговорник.

„Сточарот пријавата за угината крава од диво животно ја доставува до МЗШВ, во рок од 24 часа, најрано, комисијата (составена од членови од АХВ, ветеринар, шумарски инспектор по ловство…) излегува на терен. Се прават фотографии од лице место како доказ за на суд и се запишува она што се гледа со голо око. Не се прават други анализи. Судскиот вештак ја одредува штетата по одредени параметри. Сточарот со адвокат оди на суд. Порано и судија излегуваше на терен, на лице место, сега веќе не, тоа го презема комисијата, како што беше пред короната“, вели нашиот соговорник.

Соговорникот додава дека многу лесно се познава дали говедото е јадено од мечка или не. И вели дека е точно оти имало случаи сточари да пријавиле напад од мечка и да лажирале, но такви пријави биле одбиени, без да има последици по пријавителот за лагата.

„Мечката ја напаѓа кравата од задниот дел и цели да го изеде вимето. Се познаваат траги од ‘борбата’ каде стоката е кината, растргната од ѕверот. Се познаваат лесно повредите од канџите, а и на земја има измет од чинот на нападот и борбата. Влакна има наоколу и на стоката. Или пак јасно се гледаат вистинските повреди кога мечка ќе задави стока. Ова е веродостојно бидејќи при одредени напади сме гледале и видео снимки од камерите поставени во и околу шталите. Знам за случаи кога сточари се обиделе да побараат обештетување, но немале докази за нападната стока од мечка и биле одбиени“, вели нашиот извор.

 

А.Блажевска  за nezavisen.mk

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани