Секој кој поседува некаква морална вертикала во овој криминален свет мора да биде раздразнет од тоа што најважната цел на човековата опстојба станал профитот, па така човечкиот живот ја загубил сета своја внатрешна смисла и убавина. Неолибералното проповедништвото со својата меркантилната реторика, секојдневно, човекот кој е деградиран до роб и потрошувач, го прикажува како природна состојба.
Многу работи, појави и поими денес се дефинирани погрешно, се оценуваат неточно, а целиот систем конвенционални лаги дава верна негативна слика нa нашето време. Луѓето, денес, се преплашени оти идеалот за среќен живот е грешно поставен и претставен. Има огромни научно-технолошки достигнувања, ама нема прогрес на разумот и моралот. Напротив. Нормално е, а не треба да биде, деца да ракуваат со базуки, китовите, сè уште, да висат на куки, шумите во Амазон, сè уште, да горат, а парите, и понатаму, да се во рацете на сосема мал број плутократи. Времето, кое се случува пред наши очи, ни се оцртува како себељубиво, опседнато со различни фиктивни идеи, бедно, неуко, диво, пропагадно излудено и безморално во слепата трка по злато. Тоа криминално време, со своите секојдневни убиства и кражби е безусловно сурово, тоа е време кое е до глава натопено во крв, со пандемии од кои масовно се умира, време во кое луѓето се гонети од демоните на налудничавото и неурамнотежено темпо на живот, време кое е сето исткаено од слепосебељубиви несразмерности, идолатрии, војувања, немири и тотални пропагандни измами е толку антиразумско и антихумано што, сенишно, наликува на најтемното средновековие во кое пустошеше „Светата инквициција“.
Војски од ортодоксни неолиберални „научници“, „геостратези“, „професори“, „новинари“ и „советници“ со своето ѕидање на експлоататорската и колонијалистичка идеологија, го претворија светот во безалтернативен затвор за сите што не се ариевци, расни или економски. Затоа, добро е да се знае дека, во суштина, сите тие „убијци на разумот и хуманоста“ се платеничка војска на буржоазијата, дека се толпа од душојадци, блудници и мали стаорци кои изнудуваат, пљачкосуваат и уценуваат, со краен безобразлук и бесрамна наметливост, дека се огромна маса од безморални „интелектуални консултанти“, кои се движат по светот како јато скакулци и трутови, ги ломотат најглупавите глупости и го демонизираат и уништуваат секој оној кој ќе се обиде да побара прераспределба на богатството на нивните газди, или ќе побара преиспитување на нивната неолиберална догматика.
Руменкавиот одблесок од денешните клади на кои ги палат книгите, писателите и кривоверниците, трепери и по нашите македонски полоштади, а на тие баханалии во придружба од тапаните и лимената музика присуствуваат сите наши политичките авантуристи и интелектуални праматари, кои се надеваат дека евроатланските господари ќе им фрлат некаква финансиска трошка... Сеопштата илузија дека капиталот е семоќен и дека неговото владеење вечно ќе трае, деновиве е јасно видлива низ медиумите, па не само што е протеран здравиот разум, не само што „уценувањето на глави“ е „херојство“, туку и „одбраната на фашизмот“, стана премолчено прифатливо и одобрено од неолибералните медиумски шамани, кои, такаречи, до вчера глумеа антифашисти.
Така, може слободно да се заклучи дека лудачката атмосфера за создавање масовни хистерии и фобии, атмосферата во која е дозволен медиумски и физички јавен линч, воопшто не е самородна и спонтана појава, туку е поттикната од перфидните перверзни интелектуални накази, што самобендисано се прикажуваат како пророци и месии. Тие политиканти со луциферски маски, преку медиумите провалија во нашите домови, та нè истероризираа со безбројно многу лаги, манипулации и дезинформации... Овие митолози на капиталот, кои имаат директен финансиски интерес што го бранат милитаризмот и фашизмот на своите господари и што ја убиваат вистината, со својот „западен поглед на свет“ нè оптоваруваат катадневно, темелно и безмилосно, така што многумина наши луѓе поверуваа во нивните недоследни, антиразумски и антихуманистички дрдорења.
Но, наспроти сета оваа пропаганда стои Вистината. Таа, Вистината, може да биде субјективна или објективна, интерсубјективна или стварно условена од надворешни фактори, теориска или практична, естетска, етичка, политичка, идејна, априорна или емпириска, прагматична, хумана, социјална, културна, историска..., ама секогаш е спротивна на лагата, манипулацијата и измамата. И, секако, Вистината секогаш е спротивна на непринципиелното брборење, во кое, на пример, цензурата е еднаш лоша и неприфатлива, а другпат добра и пожелна, ако ја наредат и вршат нивните господари. Или, не може да молчиш како риба, со години, за стотина илјади воздушни напади со милиони бомби кои се од арсеналот на твојот газда и илјадниците цивилни жртви во тие класични отворени агресии, а наеднаш да добиеш „напад на моралност“, па да почнеш да изигруваш „миротворец“ кога бомбардира и уништува некој друг. Право да обвинуваат и прозиваат имаат само оние кои секогаш, неселективно, против секого кој вршел злосторства го кревале својот глас и се бореле против лудачкото уништување на објекти и луѓе. Поинаку кажано за Киев може да судат и осудуваат оние кои тоа го правеле и за Багдад, и за Дамаск, и за Триполи, и за Сана...
А, пак што се однесува за прашањето како да се определи која е правата Вистина, потребно е да се знае сосема правилното искажување на големиот историчар Евард Халет Кар, по кое единствениот вистински критериум на вистинитоста е Времето! Оттука, денешните пропагандисти, без разлика на тоа колку пари и технички можности им стојат на располагање, напразно се надеваат на успех, оти тие можат да ја потиснуваат, поткупуваат и „закопуваат“ вистината, но таа, по падот на нивните господари, а тоа порано или подоцна сигурно ќе се случи, повторно ќе се појави во сиот свој сјај.
Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)