2win800x200

Наставничката професија (пишува Александар Адамовски)

Мај 09, 2022

Да се зборува за една од најблагородните професии во животот, како што е професијата наставник, лично за мене, претставува огромна чест и посебно задоволство. Ќе кажам: наставник, може и треба да биде, оној што ги сака децата и кој во настава, има една и единствена цел, т.е мисија: од ученичето, да направи прав ученик! Тој пат е долг, трпелив и најважно, мора да биде исполнет со радост и љубов. Така, се влегува и се прави првиот чекор во школо и во училница. Така, се учат деца. Од моето професионално искуство, еве, скоро 13 години, сум бил по многу основни и средни училишта во Битола, имам впечаток дека во работата, никогаш не сум почувствувал замор, а најмалку не, тежина, макар и кога требало да останам 10 саати на школо (се случувало, сум заменувал многу години, многу колеги и колешки). Тоа за мене, претставуваше и секако дека претставува, врвно искуство, начин, да принаучам нешто повеќе. Секој занает се кали со учење, а за него, потребен е мајстор!

Наставникот треба да ја сака и почитува својата професија

Добар наставник, не се учи, ами се станува низ годините. Доказ за тоа, се генерациите кои ќе ги изучи и извади на прав пат, како и впечатоците кои ќе ги остави во самото училиште и пошироко. Денес е реткост, а богами и многу пријатно, кога ќе чујам некој просветар да каже: со мерак одам на училиште, или едвај чекам, да си ги видам учениците на час. Подолго време, тоа не сум го чул. Но, нема да навлегувам во причините, бидејќи секој наставник, има свој авторитет и принцип на однесување во наставата. И тоа, треба да се цени. Една работа, која што никако не можам да ја оправдам е: неодговорноста и недоследноста кон работата. Што тоа значи? Тоа значи, кога си се определил да работиш со деца, треба да ти биде задоволство и мотив плус, да бидеш успешен/на. Не може да доаѓаш на работа само за плата, или за чаршиски муабети и колку да помине времето. Тоа не е приоритет во наставниот процес. Рака на срце, ама учениците се искрени и чесни гласноговорници, и доволно е јасно, да се процени кој наставник работи со нив, вложува труд и време, и секако, секогаш стои на располагање кога ученикот има потреба, за разлика од наставник, кој си поминува најлесно од вообичаеното (работел, не работел, исто му се фаќа). Тука, не е виновен образовниот систем, ами се тргнува од совеста на самиот претпоставен, кој се стекнал со титула да учи деца (за жал). Кога се работи со волја и интерес, секогаш ќе има пат кон некаков успех... Оној наставник, кој сериозно пристапил кон својата работна обврска, точно знае и очекува што ќе добие за возврат, затоа што знаењата и вештините на работење, си го прават своето. Макар, колку и да имаме специфични ученици, точно дека денешните ученици, не се како некогаш, но тоа не е пречка да се мотивираат и да научат нешто. Не можеме да бараме вина во некој друг, ако самите не се преиспитаме, затоа што, секогаш се тргнува од пристапот и односот на претпоставениот кон тој убав и млад свет пред кој стои (2 часа, 5 часа, 7 часа) итн. Не смее, да демотивира и доминира неработникот, напротив, мора да се приспособи и да тргне по патеките на работникот. Добриот наставник менаџира успешен час, а резултат е, гласот кој излегува од училницата. Целта и суштината на наставникот кој сериозно и одговорно пристапува кон својата наставна дејност е денес, нешто да им пренесе на учениците и да знае, дека навистина успеал во тоа. Вредниот наставник е пример, затоа, нека се црпи од неговото искуство!

Наставникот-почетник и наставникот-ментор

Обично, на почетокот, кога ќе се вработи помладиот наставник (прво вработување), се води како приправник и му се определува ментор, со кого треба да се советува и да добива насоки како треба да пристапува во наставата и во работењето со учениците. Кога постои доследен и дисциплиниран однос, помеѓу нововработениот и квалитетниот наставник, работата напредува. Само послушни приправници, израснуваат во прави наставници. Многу е важно, да се слуша и да се советува со менторот, затоа што тој веќе е во настава и неговите компетенции некој треба да ги наследи (во случајов, помладиот колега, приправник). Се случува, помлади вработени, да не сакаат воопшто никаква консултација, ниту со педагог, ниту со психолог, ниту со ментор... Тоа не е во ред и претставува многу погрешен начин на однесување. Тоа мора да се искорени. Никој не е сезнаен, поготово кога првпат влегува да работи со деца. Врвен приоритет на секој помлад наставник, треба да биде консултацијата, интересот за: методите, формите, наставните средства и уште многу други наставни помагала и предизвици со кои ќе се соочува во наставата. Секако, за тоа стојат на располагање компетентни лица во воспитно-образовниот процес. Најважно е, додека приправникот не го положи приправничкиот стаж, па и понатаму, да не го прекинува односот со својот ментор и сите останати чинители во стручната служба на училиштето, кои многу би му помогнале. Добрата соработка, донесува плоден резултат! Чест е, да се учи од подобриот!

Задоволството од наставната работа, надалеку се слуша

Успешни генерации ученици, се резултат и сведоштво на класа наставници (вредни, посветени, доследни, вешти во работењето) со многу знаења, со многу квалитети. Познавам многу такви, на кои само им порачувам да продолжат успешно! Никогаш, работникот, не смее да дојде до ниво и да потпадне под влијание на неработникот  (го има и тоа како само). Работникот има цел и визија, и мора да продолжи да напредува во следење и континуитет на наставните предизвици. Ништо не е тешко, кога се сака и може. Прво треба да заслужиш, па да бидеш награден. Мотивот е врвен приоритет! Правите наставници, се умешни во секој поглед и во секоја комуникација. Тие ја прават динамична наставничката професија. Прави наставници, кои не се штедат во тоа што го прават, напротив, го даваат максимумот за своите ученици, па и за колегите кога ќе имаат некоја потреба. Ќе биде задоволство, солидните наставници, еден ден да бидат наследени, односно, да има, кој да го продолжи нивниот талент и квалитет! За годините кои ги имам поминато со многу ученици и колективи, задоволство ми е да пишувам на оваа тема. Има уште многу да се пишува, но, ќе оставам за следна прилика.

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани