АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Афоризми
Ако ја сакаме фотелјата оти е удобна и мека, подобро да се фрлиме во првата река.
Образовани имаме со лопата да ги риниш, но лопатите ни останаа на буниште да извиниш.
Кога го избираа – скандираа, потоа со него се нервираа.
„Бели Мисли и размисли (афоризми)“, Битола, 2000 година.
Хумореска
ДОСИЕТО НА ДОСЕ
Досе потекнуваше од богата фамилија, од едно од полските села, но кога дојде време да им се зема на кулаците, да се прават колективи, од мали ниви во полето да се прават големи парцели, ова да се расипува, она да се прави, на едни да им се земаат овци, на други коњи и крави, татко му осиромаше. Оф, денес, оф утре, од склет кутриот и предвреме умре.
Остана Досе сам да го обработува само земјиштето што му остана, но тешко му одеше работата, оти кога ќе тргне колата надолу тогаш тешко и се сопира. Затоа, виде не виде Досе, си најде работа во градот, си најде и станче под кирија, а подоцна од паричките од добитокот што го продаде на село, си купи на старо и мала куќа на периферијата, но важно во градот. Син му си го исшколува и место како него со волови по ливади да се расправа цела младост, му најде канцелариска работа во државна служба. Дотурка така Досе и до пензија, си туркаше така мирен пензионерски живот, кога, иди еден ден син му од работа и му вели:
-Дознав дека и за тебе се водело досие, па поднесов барање за отворање. Да видиме меѓу нашите кои ти беа кодошите.
За Досе тоа беше изненадување што му дојде како гром од ведро небо. Што ќе им требало за мене да водат политичко досие? - се прашуваше. Се мисли, се размислува, се замислува. Знае дека понекогаш иташе некои расправии со оние од Народниот фронт, ама до толку за да го следат и да водат и за него досие, не му се веруваше.
Кога дојде денот да си го види своето досие, се поддотера и замина заедно со син му.
Во една мала канцеларија му донесоа една папка. Гледа Досе, се чуди и се крсти. Ги стави ѕрцалата за поубаво да види да не е лага, пак исто, само малку почисто. Убаво cи пишува: Досие број тој и тој и шифра „Нос“.
-Колку биле итри, во себе си вели, не напишале шифра „Носе“ оти одма ќе се знаеше дека се однесува на Досе. Но, знае Досе зошто напишале „Нос“. Тој ѝ беше познат со неговиот голем нос со кој никогаш не се срамеше, туку напротив многу се гордееше, па дури и го сметаше за своја гордост.
Ја отвори Досе корицата, и уште поголемо изненадување на страницата: на тој и тој датум и во заграда на ден петок, односниот беше виден со попот и сигурно се договарал како да го организира крштевањето вода. На крајот напишал С. Ф. - С. Н. и се потпишал Цане, ама знае Досе дека тоа може да биде само комшијата Алексо. Како учкур и гаќи беа со командирот на полициската станица.
- Ете ти зад грб што ми правел, а јас жали го, – си вели Досе. – Колку само го помагав. Еднаш и две вреќи пченкарно брашно им дадов.
Врти Досе понатака, ги брише очилата од што му се замаглија, или од мрак на очи што му падна, чита, а притисокот му се крева од што го фаќа некоја нерва. Пак некој датvм напишан, дури и од колку до колку часот бил во коперацијата и додека пиел една бира со тие и тие, дека ги убедувал дека не треба да влезат во колективот. Прочита и за тоа дека рекол оти Хитлер ќе нè направел сапун ако не беше Црвената армија на Сталин. Прочита уште не знам колку вистини и лаги, но не можеше повеќе да чита, на бел ден му се стемни.
– Станувај – му вели на син му – Носи ме во болница да ми го слезат притисокот, море нешто и за срцето да ми дадат, ако сакаш да ме спасат.
„Оаза на плачот (хуморески)“, Битола, 2002 година.
Панде Петровски: Ликовен уметник и педагог, карикатурист и хуморист. Роден е 1939 година под Пелистер, во село Брусник, Битолско. Во 1963 година завршува Педагошка академија (ликовна насока) - Скопје, со студиски престој во Италија. Сликарство учеше од: Павле Павловски, Мамер Сулејманов, Иван Мелников, Менде Ивановски, Пепи Пашанко, Тоде Ивановски, Борислав Траиковски и Вангел Коџоман. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметницина Битола), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво). Соработува со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Добитник е на наградите: „4 Ноември“ на Општина Битола 1987 година и Специјална награда на 37. Светска галерија на „Остен“ 2009 година.
подготвил: Александар Литовски