АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Афоризми
Не се прават големи патриоти со мали плати.
Без бистри глави, нема еколошки чиста свест.
Крена најголема прашина, а беше само обичен штраф во гласачката машина.
„Бели Мисли и размисли (афоризми)“, Битола, 2000 година.
Хумореска
РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
Поканата ја најдов во поштенското сандаче. Ја читам, ја препрочитувам. Ме канат некои, а не знам ни кои, ни зошто. На кои сум им потребен сега откако заминав во пензија. Ама ете останал некој за да ми направи чест. Ја вртам поканата и од другата страна. До мене адресирана. Не е никаква грешка. Убаво пишува дека мене ме канат на презентација, на некаква репрезентација.
Терминот гледам ми одговара. Кој датум да беше ќе го прифатев. Сега барем секој ден сум слободен. Почетокот во десет часот претпладне, исто така е супер. После тоа време, никој дома ни ме бара, ни ме сака. Ме бараат само кога леб и млеко треба да се купи, или некои сметки за да се платат.
Кога дојде денот од поканата, се поддотерав, оти сепак си мислев штом со покана те викаат, ред е да не си секојдневеи. А денот беше обичен, по ништо не се разликуваше од другите.
Кога стигнав на назначеното место, вратата не можев да ја згрешам. Над неа напишале на платно: Добро ни дојдовте. Голема чест ми прават, си мислам, ама никако да смислам во што е работата. Пред вратата застанале две градски селанчиња. навезани, држат по една тафта со црвени каранфили. Да не е некој конгрес на комунистите? -се прашувам. Влегувам внатре во големата сала. Се врти некоја новосоздадена, но никој не ја слуша. Илје милје од луѓе. Сите насмеани, мислиш устите ни отаде ушите не ќе им ги собере. Масите наредени, преполни со триста мезиња. Велат тоа биле шведски маси. а јас знам дека такви се и норвешките, данските и од сите други европски и неевропски земји и држави. Ги гледам, и сè си мислам дека сепак се македонски. Кикиритчиња, бадемчиња, маслинки, саламчиња набодени со чечкалици, ем да јадеш ем забите да си ги чепкаш.
Ова ли е таа репрезентација, си велам. Мора да сме светски прваци со ваква репрезентација. Ас до ас. Не знам ни кои се тренери, ни кои се прва, втора, трета или не знам која постава. Мене во тимот ме викаат за резерва, или за квалификации ли се спремаат или за олимпијада?
Се пробив низ масата од одбрана во напад, а се сопнав уште на првата тафта. Луѓето дупат ли дупат во кашкавалите. Не не бидува ни за оваа работа нас малите. си велам. Јас со овие не можам ништо да делам. Како што не ме видоа кога влегов, не ме видоа ни кога излегов. Немам јас тренинг за вакви натпревари.
„Оаза на плачот (хуморески)“, Битола, 2002 година.
Панде Петровски: Ликовен уметник и педагог, карикатурист и хуморист. Роден е 1939 година под Пелистер, во село Брусник, Битолско. Во 1963 година завршува Педагошка академија (ликовна насока) - Скопје, со студиски престој во Италија. Сликарство учеше од: Павле Павловски, Мамер Сулејманов, Иван Мелников, Менде Ивановски, Пепи Пашанко, Тоде Ивановски, Борислав Траиковски и Вангел Коџоман. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметницина Битола), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво). Соработува со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Добитник е на наградите: „4 Ноември“ на Општина Битола 1987 година и Специјална награда на 37. Светска галерија на „Остен“ 2009 година.
Подготвил: Александар Литовски