АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Слушам како сегашната опозиција обвинува за популизам и не можам да си поверувам на ушите. Филмот ми се враќа пред две и пол години во кабинетот на нашиот актер и градоначалник. Пред очи ми излегува еден сертификат чија содржина новинарите не можевме да ја дешифрираме иако беше на англиски јазик. Простете и на нашата маленкост, а можеби и неукост , но не можевме точно да разбериме за што ни е наградена општината. Беа наведени повеќе квалификации, ама се некако описни, ништо допирно. Тогашниот градоначалник ни рече „не прогласија за лидери во Лас Вегас!“
Ако ова не беше популизам, тогаш што всушност значи оваа опструирачка, демагошка политика? Битола лидер во градот на коцкарниците Лас Вегас! Прашањата сами се надоврзуваа. Како стигнавме до Лас Вегас? Што врска има метрополата на коцката со лидерството? Немаше одговор на ваквите прашања. Само ни беше кажано дека наградата и ја доделува Европското здружение за истражување на квалитетот кое својата конвенцијата ја одржа во светски познатиот град во САД. Битола пак изби на првото место во конкуренција на повеќе јавни администрации, организации, институти од петте континенти Америка, Австралија, Европа, Африка и Азија.
Бомбата од вест стигна во периодот кога паѓаа бомби на политичката сцена во Македонија. Во едната од нив екс министерот за финансии Зоран Ставревски и Јанкуловска со погрдни зборови го критикуваа Талески дека склучил „коруптивен договор до даска“. И веста за Лас Вегас беше фрлена како ас во коцка да ги замолкне обвинувањата, критиките и да му го врати угледот некому.
- Во ова време кога се прават обиди да се замагли реалноста, каде што има многу бомби и одредени приврзоци на оние кои ги експлодираат бомбите сакат да прикажат една своја фикција, ние добивме признание доделено од Лас Вегас. Матната вода и водостојот на коритата на политичката река стагнира и полека се спушта што значи за кратко чувствувам дека целата вода ќе се расчисти.- рече тогаш Талески.
Водата се расчисти, па потекоа кривични пријави за организирање на школски превоз по повисоки цени од реалните, па обвиненија за првиот човек на општината , секретарот и други вработени, па судски процеси, па нови Тарнспортери. А од Лас Вегас ни останаа само долговите.
Откако градот доби нова локална власт, веќе не е тајна дека општината тони во долгови. Веќе е направено скенирање на финансиската состојба и наскоро властите ќе излезат со прес конференција за тоа колкави дупки останале во општинската каса. За општината да може да функционира сега неопходно е да има ребаланса на буџетот. Некој подолго време не ги исплаќал доспеаните обврски, па проблемите им ги натовари на следбениците.
Точно е дека не е време за популизам. Но, тоа најмалку можат да го бараат тие што со години го сееја. Сега не е време за популизам, туку за реална акција. За вадење на виделина на сите состојби, зделки, договори, злоупотреби од кого и да се направени. Време е судските процеси да добијат епилог и оние кои се огрешиле да бидат казнети. Впрочем и народот ја испрати пораката зашто при славањето на победата на СДСМ најчесто извикувана парола беше „Шутка не ти бега ......“.
Жанета Здравковска