Чекајќи ги мигрантите, сите станавме мигранти

Ноември 27, 2017

Некои политички структури не заплашуваа дека ќе ни се населат мигранти, а една третина од градот ни мигрираше.

Битола, некогаш втор град по број на население во Македонија, е на прагот со жители да стане колку една Струга или Кичево. Ситуацијата е поразителна ако се каже дека некои скопски општини имаат повеќе жители од Битола, како на пример Гази Баба и Аеродром. Веќе одамна не претекнаа Тетово, Прилеп и Куманово. Попис нема со години, нема ни официјални податоци да ја потврдат оваа демографска катастрофа. Но, се почести се претпоставките во битолската јавност, па и од експерти од оваа област дека градот ни спадна на шеестина илјади постојани жители. На интерент страници постветени на  локалните самоуправи можат да се најдат податоци дека во Куманово има 105 484 жители, Тетово 86 580, Прилеп 76 768.

И кога би имало официјални податоци, тие само би ја потврдиле сликата што ја гледаме. Се празнат се повеќе клупи во битолските училишта. Некогаш паралеките броеја по 33 ученици, а денес ги има со по седум до 12 деца. И ова година Советот на Општина Битола даде согласност за работа на паралелки со помал број од законски максимално предвидениот, 24 ученици. Без ваква согласност училиштата ќе останат со по една до две паралелки во генерација, па дел од наставниот кадар ќе ја загуби работата.     

Катастрофални се бројките кои беа презентирани пред битолските советници.  Училиштето „Ѓорги Сугарев“ побара во деветто одделение една од паралелките да опстојува со пет ученици. Во осмо одделение едната од паралелките е со седум, а друга со единаесет ученици.Основното училиште „Гоце Делчев“ иако е во центарот на Битола, има паралелки со половина ученици од законскиот минимум, односно по 12 во четврто, петто, шесто и осмо одделение. Основното „Даме Груев“ има шест паралелки со по 14 ученици. Во „Кирил и Методиј“ кое исто така е во центарот на градот, од прво до деветто одделение останаа само по две паралелки. Слични се состојбите и во другите основни училишта.

Од средните школи, најзагрижувачка е ситуацијата во земјоделството „Кузман Шапкарев“, каде една паралелка од прва година по земјоделско-ветеринарна струка опстојува со девет ученици. Во повисоките класови има паралелки со по шест до осум ученици. Дозвола да се формираат паралелки со помал број ученици од минимално дозволениот побараа и гимназијата „Јосип Броз Тито“ по одделени предмети, економското училишта „Јане Сандански“, гимназијата “Таки Даскало“ и други.

Причините за намалениот наталитет и иселеувањето се многу пати кажани и прераскажани. Но, наместо акција на терен, бројките за иселените лица последниве години станаа државна тајна. Тоа што нема попис им одеше од рака на властите. Мерките кои се преземаа беа само на хратија или игра на зборови. Се презентираа бројки за тоа колку млади вработила екс Владата преку преземените мерки, а во соседството ни се испазнаа куќите, во школите ни се намалија одделенијата. Па и Широк Сокак е полупразен. Освен во петок или сабота, во другите денови дотолку е намалена фреквенцијата на движење во вечерните часови што може само носталгија да ве фати.

Зборовите на политичарите низ годините беа големи, а делата мали. Од Битола направија провинција. Возовите доцнеа, автобусите се расипуваа на Плетвар. Битолчани како во педестите години од минатиот век уште патуваат до Скопје по три часа. Лекарите во болницата остареа, повеќето се за во пензија, други заминаа во странство или во приватни болници. Постои изреката кога некој ќе се поболи, да си го бара чарето во Скопје.

Младите остареа чекајќи да заврти за’рѓаното тркало на транизцијата. Дел си згазнаа на факултетската диплома и се вработија во новоотворените погони работејќи за 12 до 14 000 денари во смени. Други извадоа партиски книшки и се измолија да влезат на работа во РЕК, некои дури и во пепелта само да однесат пари за да ги прехранат семејствата, а други и за да спијат во бараките, а да им тече плата зашто имале за роднина некој голем политичар во Скопје.

Оние кои немаа никого, си извадија бугарски пасош и заминаа. Некои за секогаш го свртија грбот разочарни што според квалитетот не им се дала шанса. По белиот свет го бараат она што не им го даде татковината. Оние кои останаа пак, треба да ја запрат досегашната практика да царуваат врските партиски и родбински, туку да се цени квалитетот. Да се запре со популизмот и да се преземаат конкретни чекори за подобро утре. Да се даде стимул на бизнисот, а не само да фрчат казни. Да има место за сите под ова пелистерско небо, зашто во спротивно и ќе полетаат и други птици преселници.

Жанета Здравковска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани