АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Своето државно правно постоење оваа земја може да го следи од 1944 година, до ден денес. Во тој голем период од 74 години таа развила свои политички, културни, правни и социоекономски односи. Распадот на поранешната заедничката држава СФРЈ донесе не само политички туку и социјални реперкусии. Во времето на државно правното етбалирање се формираа и националните приказни и митови кои имаат определени огромни фалинки, кои впрочем се употребуваат до денес и истите се јавно познати и видливи. По нецели четериесет и шест години во 1991 година доаѓа до распад на општесвено политичкиот систем и оваа земја станува независна. Новиот период на национално остварување и дејствување започна, негирајќи ги митовите од предходниот систем. Сега фундаменти беа антикомунизмот,античкото минато, повторно се појавува борбата против „турскиот зулумќар“ но сега од нова призма која е тесно националистичка со тенденција на етноцентризам, плуралното општество и победата на демократијата како и религијата која е еден вид неформален, задскриен но сериозно силен столб. Врз основа на ова во сите Балкански земји се разви силен етноцентризам, меѓуетничка и меѓуверска нетрпеливост, односно состојбите деградираа до нивото на кое беа во Османлискиот период. Се забележува дека во овој конструкт отсуствува производно економскиот аспект кој пак е основното врзивно ткиво на нацијата како степен на организираност на народот. Последна карактеристика на овој конструкт е секако постојаното лутање низ историското минато со цел пронаоѓање цврста идентитетска основа, врз која ќе се базира државата. Ова пак не води до повторно реафирмирање на историското право за државност и митот за светоста и неменливоста на нацијата, кои се крајно погрешни и неодржливи тези.
Разгледувајќи ја економската историја ќе забележиме дека во периодот 1944-1991 година НРМ, па потоа СРМ доживува определен висок степен и брз развој на индустријализација. Овој процес кон крајот на 80 тите години ќе слабее за веќе во 90тите години, во првите наши „независни“ дни, потполно да крахира. Од овој крах не се изродија само економски проблеми. Проблемите од овој тип донесоа и еден друг нус продукт односно видоизменување на општествената перцепција. Соочувајќи се со мачното секојдневие, човекот природно реагирајќи во неможност да го реши проблемот си создаде свои психолошки слики, имагинарни светови односно како што викаат психолозите „своја комфорт зона“. „Комфорт зоната“ се одликува со карактеристиките наброени во првиот параграф. Основниот проблем во оваа општествена ситуација е тоа што овие психолошки слики не само што се потхрануваа од разни јавни мислители туку станаа и политичка абецеда. Абецеда која безусловно гарантираше победи на избори, и долги мандати. Во суштина ако направите сумарен преглед на политичките агенди и програми од 1991 година и заклучно со изборните програми за претседателските избори во оваа 2019 година се забележува следново: 1. Предоминација на националните „апстрактни“ теми; 2.Ветувања за нови и светли иднини, конкретно НАТО и ЕУ интеграции; 3. Слаби внатрешни економски, еколошки, образовни, научни и културни аспекти. Точката 3 која е најсуштинска и најболна, била и е до ден денес најмалку третирана и процентуално гледано зазема најмал дел од програмите на идните државници и функционери. Со тоа смислено но задскриено се испраќа порака дека најважното е да се зачуваат националните интереси и да се обезбеди светлата иднина. За да оствари втората точка, со оглед на тоа какви меѓународни околности имавме и имаме, првото логично и практично морално беше да се погази. Поинаку кажано првата точка била и ќе биде, најболната точка но и најпродуктивната за добивање гласови. Непостоењето и неработењето на аспектите наведени во точка три, ја обезбедува, генерерира веќе 27 години, гласачката машина. Недоволно образована, соочена со животнозагрозовачки и животноопстојувачки проблеми, заглавена во партиските шаблони на институциите, таа сесрдно се става и ќе се става во прегратката на партитократијата.
Партитократија се храни и опстојува со лажен национализам, силен егоцентризам, слабо образование и безброј партиски вработувања. Немајќи поинаков избор и оние што во себе носат квалитет, сакале или во изборот живот или смрт, логично е да го изберат она што ќе им даде живот. Во овој случај повторно животодавец, хранител, своевиден татко на општеството е партијата. Со неа се почнува, со неа се завршува. Орвеловски кажано во ова постоење иако како предзнак стои „ демократија“ е всушност „Животинска фарма“ со некои „животни“ кои се повеќе а некои кои се помалку „животни“. Јас би се запрашал ако демократијата е волјата на демосот, тогаш кој е демосот и што е демосот во оваа ситуација? Демосот изгледа е понижен, угнетен и беспомошен до тој степен, фаќајќи се во коштец со својот брат, другар, колега и за најмало партиско ветување за вработување, или било каква друга лукративна ситна придобивка од новата власт. Лениновски речено слободата во капиталистичките општества е еднаква со слободата во античките робовладетелски општества.
Дијалектичкиот социоисториски круг пренесен во погорните редови ни ја дава денешната ситуација која можеме да ја наречеме, безусловна, макијавелистичка паритоткратија. Економскиот пад, распадот на општесвените норми и правила, политичката безидејност и ефтиното политичко поентирање, немоќта односно повеќе би се рекло немањето желба на народот да се спротистави се животната сила на оваа општествена болест. Искоренувањето и лечењето е лесно ама е долго. Тендицијата да се размислува надвор од понудените рамки, да се дејствува сходно на убедувањата и наобразбата, дрско и безмилосно спротиставување на се што е: нецелоисходно, глупаво и неефективно, се основните орудија на оваа борба.
Васко Гичевски, Студент на Институт за историја при Филозофски Факултет, УКИМ, Скопје