АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Некој некогаш рекол, ако сакаш да уништиш еден народ тогаш уништи го неговото образование. Можеби несвесно, а можеби и свесно, претходната власт така се однесуваше кон битолските училишта. Третирани беа како најголемите непријатели на државата, како нешто кое треба да се онеспособи, како нешто кое треба да се уништи, како нешто кое треба да го снема од лицето на земјата.
Директорите беа доведени до ситуација да молат на колена за една креда, да „просат“ за парче сапун или тоалетна хартија, да должат пари на секој и на секаде, а виновници беа не само оние кои ги тераа така да постапуваат, туку и самите тие кои се согласуваа со таквата улога.
Со долгови до гуша, со блокирани сметки, како да се чекаше „Денот Д“ кога некој ќе дојде и ќе стави катанец на влезната врата.
Училишта под „стечај“
Медицинското училиште беше лидерот во должниците. Триста илјади евра долг по сите основи. Се должеше кон превозниците, кон јавните претпријатија, се должеше за нафта, за струја, вода, комуналии, се должеше секаде и секому. Гимназијата „Таки Даскало“ некое евро помалку, ОУ „Крсте Петков Мисирков“-Бистрица, илјадници евра, блокирани сметките и на ОУ „Коле Канински“, ОУ „Трифун Пановски“, ОУ„Климент Охридски“, односно блокирани вкупно 12 битолски училишта.
Да беа обични претпријатија, уште пред пет-шест години ќе им беше одреден стечај и стечаен управник, ама цела среќа што законот не познава таква категорија за овие институции.
Со испревртената логика бевме убедувани дека тоа не е важно, дека децата е важно што одат на училиште, дека и да нема некој ден струја не е важно, дека не е битно што нема средства за хигиена, дека директорите се „добри“ менаџери кои се снајдуваат со блокирани сметки.
Инвестиции
Блокирани училишта во овој момент нема. Се изнајдоја средства и начини истите да бидат одблокирани и да започне нормален процес на функционирање.
Се извршија многу реконструктивни зафати во многу училишта. Реконструирани се многу тоалети, променети врати, променети прозорци, реконструирани спортски сали и смарт табли. Некој ќе рече- па тоа е нормално, ама по дванаесетгодишното цунами, и нормалното е тешко да се почне.
Морам да го спомнам она што деновиве се случува во ОУ„Кирил и Методиј“-Битола. Се променува начинот на греење, со што 90.000 евра инвестирани од Влада. Комплетно променет системот на греење, елиминиран голем загадувач во центарот на градот кој годишно троши околу 130 кубици дрва, нема повеќе пепел, нема чад, сè е почисто, а „логичарите“ велат- требало мерки, за џабе доаѓал министерот. Човек да се чуди и да не верува на сопствените очи и уши.
Времето назад никогаш не се вратило, и блокираните училишта се далеку зад нас, а и политиката која истите ги создаде.
Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)