
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува: Жаклина Цветковска
Игор Јанушев, носител на листа на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 3, во online партиско соопштение од Крива Паланка, објавено на 22.06.2020 година на неговиот фејсбук профил, го обвинува СДСМ дека промовира успешна изградба на експресен пат на делницата Ранковце-Крива Паланка, додека одвивањето на градежните работи, според негови неофицијални извори, е проблематично.
Обраќајќи им се на граѓаните, тој се повикува на посетата на лидерот на СДСМ Зоран Заев, носителот на листата во ИЕ 3, Љупчо Николовски, министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и градоначалниците на Крива Паланка и Ранковце, остварена на 21.06.2020 година, на завршните активности од реконструкцијата на магистралниот пат Ранковце –Крива Паланка.
Во овој случај, станува збор за два сосема различни и одвоени проекти на истата делница, кои се реализираат истовремено, а кои Јанушев ги става во ист контекст. Додека СДСМ промовира еден проект, Јанушев зборува за стопирање на сосема друг проект, тврдејќи дека тој е цел на промоцијата на владејачката партија.
Со својата изјава, Јанушев ја извртува вистината и може да ја наведе јавноста на погрешен заклучок дека не се реализирани никакви инвестиции во патната инфраструктура на овој патен правец. Тој ја изоставува информацијата дека целта на посетата и промоцијата на раководството на СДСМ е реконструкцијата на постоечкиот магистрален пат А2 на делницата Ранковце-Крива Паланка, чија реализација е во завршна фаза. Наместо тоа, во овој контекст тој се осврнува на сосема друг проект – експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, кој е нова патна инфраструктура, во фаза на изградба и не е повод за посетата на раководството на СДСМ.
Од информацијата на МИА, се гледа дека челниците на СДСМ посетиле и промовираат сосема друг проект – Реконструкцијата на постоечкиот магистрален пат Ранковце-Крива Паланка, во должина од 21 км, во кој се вложени 2,6 милиони евра и кој финишира со реализацијата.
Во пренесената информација никаде децидно не е наведено дека се промовира експресниот пат Ранковце-Крива Паланка.
Изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка е сосема друга тема. Јанушев во својата изјава се потпира единствено на неофицијални извори за стопирањето на градежните работи, без изнесување на факти и релевантност на информациите, што би било предмет на дополнително истражување.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар