2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

ПОРОБЕН ЖИВОТ

Август 11, 2020

Пишува: Марија Младеновска Димитровска

 
Новиот светски поредок изгледа веќе одамна ни чук(н)а на врата. А од оваа година наголемо ни дојде новата (не)нормалност, која веќе се спроведува со метеорска брзина. Сведоци сме дека светот се промена од корен и никогаш веќе ништо нема да биде исто. Луѓе под маски, луѓе исполнети со страв, недоверба, станавме еден на друг непријатели, недоверливи, секој секого го гледа како потенцијална закана, замолчени, покорни, егзистираме на социјална дистанца, се повеќе оттуѓени од другите и од себе си.
 
Нашиот живот се претвори во живот во кафез, во затвор, живот уреден под строг протокол, живот под маски, живот под пластичен проѕирен визир, низ кој јa гледаме новата извртена реалност. Живот заробен во малите екрани осетливи на допир, а ние веќе неосетливи на ништо, низ кои ја набљудуваме и живееме оваа нова искривена реалност. Се повеќе сме робови во новиот робовски светски поредок, експериментални глувци во овој  глобален психолошко-социјален и биолошки експеримент, а се помалку луѓе.
 
Се повеќе стануваме свесни дека го губиме сопствениот живот, нашите лични и граѓански слободи, се повеќе стануваме свесни дека веќе ја живееме Орвеловата 1984, заробени во овој орвеловски кафез, како експериментални животинчиња, под будното око на големиот брат, кој го следи секое наше движење, секоја наша комуникација, секоја наша постапка, па дури и мисла, наметнувајќи ни ги новите исчашени ставови и изместени вредности на искривоколчената стварност. Нашиот живот е заробен во новокомпонираните правила и забрани, вткаени во некакви си протоколи, и кодиран во бескрајниот бинарен систем на нули и единици, под будното око на креаторите на виртуелната реалност и на новата (не)нормална стварност. Нашиот живот, веќе не е наш, туку е туѓ, одземен, поробен во окови и во паралелен свет, застаклен зад параваните на дистанцата, низ кој ни протекува реката на (не)постоењето. Се повеќе сме поробени во виртуелниот затвор, од виртуелните господари на светот, и на нашите животи, а да биде уште потрагична нашата судбина поробени сме и во нашите сопствени окови на стравот, а што е најстрашно од се немаме ни волја ни желба да се ослободиме, да се бориме да си го (по)вратиме животот, туку летаргично се предаваме на стихијата, се препуштаме на апатичноста други да решаваат за нас, за нашите судбини и новото модерно ропство го прифаќаме беспоговорно, без бунт, без (само)критичност, збунети до крајни граници во овој старо-нов свет на контрадикторности, нелогичности и хаотичност.
 
Нашиот живот веќе е однесен од надојдената биуца на стерната на хаосот и неповратно истекува во понорот на векот. 
Ние сме скроз “одјавени“ од овој наш таканаречен живот, и сме неповратно логирани во кодираниот систем од бројки, виртуелни шеми, протоколи, врамени во рамките на инстаграмираните слики, изгубени во софтверските апликации и визуелизации, кои мултисензорно ни ги заробиле сите сетила и кои безмилосно ни ги цицаат соковите на животот од нас.
 
Изземени од се свое, немо си ја набљудуваме нашата животна приказна која ни ја раскажува Фејсбук и Инстаграм, воајерски уживајќи во сопствениот (не)реален “адвертајзинг“ и овој нов вид на “сторителинг – storytelling“. Вкалапени во малите екрани и дисплеи, раководени од “големиот брат“, кои ни го маѓепсале мозокот и ни прават интерференција на електричните импулси на невроните, ја прескокнуваме синапсата на (не)постоењето, (не)свесноста, (не)бидувањето овде и сега, вибрираме во паралелна (не)реалност.
 
Мозочните бранови ни се се побавни, поспори, со намалена моќ на процесирање. Се повеќе оглупени, отупени, отапени, полека стануваме жртви и на т.н. дигитална дементност, изгубени во бескрајниот свет на информации, фотографии, линкови, лајкови, емотикони, кои нашиот мозок веќе не може да ги процесира, воајерски насладувајќи се на егзибиционизмот во туѓите животи, во новата фотошопирана (не)реалност на паралелните универзуми.
Ние сме отсутни од нашите животи, но затоа максимално присутни во паралелниот свет и маскимално синхронизирани со виртуелноста, без можност за наше избавување и исцелување.
 
Ние се повеќе немо ѕиркаме низ решетките на стравот, сокриени под нашите маски и визири и немаме сила ниту да пробаме да излеземе ни од сопствената, ни од наметнатата заробеност.
 
Го трошиме нашиот живот, длабоко закопани во стравот, лутајќи низ кодираната реалност на (не)времето во кое живееме или можеби не живееме воопшто, туку само го набљудуваме неговиот истек, или уште повеќе можеби ниту тоа не го правиме, зашто сме заглавени во паралелните универзуми на виртуелната стварност, во кодот и матрицата на бинарниот систем на 0 и 1. И што сме ние сега - само ред нули и единици испреплетени во совршен бескраен низ кој не заробил и кој од нас прави хуманоиди и аватари, со лажно, виртуелно, алтер его, кое лута во сопствените проекции и его-трипови.
 
Нашиот живот е неповратно кодиран, во кодираниот систем на алгоритмите на безизлезот и строго наложените инструкции на протоколите, а ние остануваме (не)здраво прилагодени на (не)нормалноста, каде скроз ги изгубивме аксиомите на нашето постоење.
 
И што ни останува нам во вакво (не)време? Веројатно ни останува само уште надежта дека нема да се предадеме и да се откажеме од нашата диогеновска потрага по Човекот во нас и во другите и од борбата за Него
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани