2win800x200

ЧЕТВРТИОТ РАЈХ И ФАШИЗОИДНОТО НОВИНАРСТВО

Август 30, 2020

Пишува: Александар Литовски

 

Техничко-технолошкиот напредок не мора, нужно, да води кон подигнување на квалитетот на човечкиот живот. Технолошкиот напредок од последните три децении, на пример, сосема очигледно доведе до усовршување на постоечките и создавање на нови медиуми, кои ја подигнуваат човечката комуникација на повисоко ниво. Вестите и информациите многу брзо се шират, а новите електронски медиуми се секојдневен одбеглив дел од човековиот живот. Всушност, новите социјални мрежи и медиуми се оние кои го создаваат, одржуваат и насочуваат социјалниот, економскиот и културниот живот. Во човековата историја нема ниту еден феномен кој се востоличил и влијаел врз животот толку многу колку медиумската моќ. Медиумскиот монопол врз протокот на информации е сосема евидентен, а медиумите како никогаш претходно се оружје за ширење и на дезинформации и лаги. Денес имаме надграден и „подобрен“ гебелсовски информативно-медиумски модел. Глобално фашизоидно новинарство! Некомерцијалните содржини од областа на науката или културата, кои едно време во минатиот век заземаа значајно место во масовните печатени и електронски медиуми, во овој глупав и полуписмен 21. век ги снема од медиумскиот „интерес“ и се заменети со информации за десничарската антикомунистичка идеологија и историја, „лесна забава“ и пропаганда на баналните идоли и идеологии. Впрочем, банкарите и останатите крупни олигарси ги плаќаат медиумите, па нормално е медиумите да го штитат нивниот политички и економски систем, оној кој им ја обезбедува генерациски криминално стекнатата приватна сопственост, им носи профити, како што е „нормално“ и настојувањето на медиумите да се „сврти“ погледот од неправдите и експлоатациите кои системот секојдневно ги произведува, а во интерес на нивните газди.

Медиумите,денес, го дегенерираат човечкиот мозок, ја уништуваат човечката мисла. Постоеја некои скредновековни времиња кога мислата била прогонувана и цензурирана, а денес имаме,или дескридитирање, или одземање на смислата на незгодните и еретички мисли. Преку инфлација од јавни информации и преку организирана сатанизација на недозволените мисли и зборови. Во оваа смисла, освен продукцијата на безбројни „бенигни“ и „пофални“ текстови за капиталистичкиот систем, економија и култура, се користи и фото-мислењето. Имено, на луѓето им се нудат безброј многу фотографии и видео материјали со што се постигнува впечаток на исполнување на менталниот простор и со таквите содржини се истиснува мисловната активност. Тој процес е, скоро, максимално ефикасен, оти се спроведува врз „доброволна основа“ и без никаков отпор и присила. Човекот е деградиран до физичка појава и – ништо повеќе. Едноставно, луѓето се маѓепсани со капиталистичкиот идеал на богатството и луксузот, но и насочени кон задоволување на егзибиционистичката потреба да бидат видени од што поголем број на луѓе.

Впрочем, ако го парафразирам пишаното во романот „Џунглата“ (1906) од американскиот писател Аптон Синклер,тогашновинарството е само „една од алатките со која индустриската автократија ја држи под контрола политичката демократија. Тоа се прави ден-за-ден, со пропагандата меѓу избори, со што умовите на луѓето се држат во состојба на согласност, па кога ќе дојдат изборите тие излегуваат и гласаат за еден од двата кандидати на своите експлоататори.“

Значи, десниот тоталитаризам, а само тој таков може да биде, денес не се појавува наеднаш, не е последица на некаква катаклизмична политичка или економска појава, туку се изградува постепено, преку суптилна ерозија на човековите права и слободи, со дискредитација на вредноста на човековото достоинство, со суптилно присвојување на државно-правни прерогативи и преку секојдневно образовно и медиумско изградување на култ кон капиталот, на системот кој овозможува профитот за малкумина и за одредени политички личности. Зарем може некој да не го забележи сосема очигледниот факт дека живееме во глобално општество во кое се отстранети скоро сите морални предрасуди, освен неколкуте лицемерно-религиозни, кои се во полза на зачувување на богатството и моќта на најбогатите, и кое таквата аморална состојба ја третира како „нормалност“ и „прогрес“. Затоа, недвојбено е дека пред наши очи постепено се изградува новиот, сега глобалистички, Четврт Рајх, а медиумските „кучиња чувари“, за кои пишува новинарот на францускиот „Ле монд“, Серж Халими во книгата „Новите кучиња чувари“, тоа го поддржуваат, пропагираат и овозможуваат.    

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани