АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Македонија е земја која во своите триесетина години независност, направи неколку чекори кон процесот на децентрализација и постигна одреден степен на локална самоуправа, но тој процес, жестоко започнат пред петнаесетина година, во последните се движи со тешки и мачни чекори, само делумно задржувајќи го правецот, притоа создавајќи само привидни чекори, дека се движи кон целта, а всушност сето тоа е само тапкање во место и губење на драгоцено време кон вистинската децентрализација.
Процесот мора да започне со друг начин на избор на советници, доносно целосно спроведување на моделот на отворени листи, без одложување и без скриени или отворени замки за негово спроведување, а вториот дел е одма и без условувања предавање на надлежностите на локалната самоуправа, во многу области, без да се има страв дека властите не ќе можат да ја спроведат и дека ќе биде полошо ако се децентрализираме.
ОБЛАСТИТЕ
Областите кои треба да се децентрализираат се многубројни и нудат огромни можности. Неразбирливо е, и нема никаква логика за да си ја реновирате својата куќа, а живеете во поширокото централно подрачје во Битола, дозволата за тоа да ја добивате од Скопје и за тоа да чекате неколку месеци. Зарем нема да биде поефикасно и побрзо ако на пример општината ги издава дозволите за експлоатација, а не за тоа да чекате дозвола од некој „апаратчик“ во главниот град, кој на картата не може да ја најде локацијата за која треба да ја издаде дозволата.
Зарем треба директорите на културните институции во градот, да ги назначува министерството, како да министерот подобро ги познава соодветните кандидати, а тоа не може да го прави градоначалникот или Советот, или пак двете заедно. Искрено мислам дека и делот на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот, многу подобро и поефикасно ќе го обавува локалната самоуправа.
ОПАСНОСТИТЕ
Опасностите кои ги има овој процес, според мене се во човечкиот фактор и начинот како сето ова би се реализирало. Целта на децентрализацијата не е моќта на министерот да се префрли кон градоначалникот, туку целата власт да биде поблиску кон граѓанинот. Ако на градоначалниците на поголемите општини им се даде моќ да наименуваат и да назначуваат повеќе директори на институции, отколку на пример премиерот на државата (кој нема таква моќ, туку му е потребна одлука на влада), тогаш не сме постигнале ништо освен, што една моќ, сме концентриале во друга и тука нема суштинска децентрализација.
Затоа е потребно, ако веќе одиме во овој процес, да направиме како држава, баланс помеѓу двата општински органи, совет и градоначалник и вистинско законско решение во кое моќта ќе биде распоредена и балансирана. Опасноста за многу голема моќ во една рака е сериозна, и мора да биде рано детектирана и брзо спречена.
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)