2win800x200

Неофашистичките историографски лаги

Февруари 07, 2021

Пишува: Александар Литовски



Денес антифашизмот не бие битки со Хитлеровите нацисти, Мусолиниевите фашисти, четниците на Дража, војниците и контрачетниците на Цар Борис, антикомунистите на генералот Франко... и сличните идеолошко-фашистички сателити распрскани низ целиот свет од средината на минатиот век, туку противници се некои нови неофашистички експоненти, партии и организации од десничарско-популистички тип. Она што е најстрашно, неофашизмот, веќе долга низа на години, под разни имиња и форми, влегува во структурите на власта од Брисел до Вашигтон.


Од оваа општа неофашистичка атмосфера, сосема очекувано, произлегоа и некои наши, карикатурални локални неофашисти и ревизионисти. Така ние во Македонија добивме, најнапред, партиско, а потоа и државно спонзорирано препрочитување на историјата, а, нешто подоцна, антиквизација и фаворизирање на врховизмот и балистите. Потоа, започна да ни се случува крајна негрижа, оштетување и уништување на мноштво споменици на антифашизмот и градење на спомен-обележја на фашисти и антимакедонски експоненти. И, стигнавме до крвави обиди за останување или доаѓање на власт. Освен тоа, под влијание на агресивниот пропаганден антикомунистички атак, мнозинството се привикна на неофашизмот, па тој стана нормален, прифатлив, непрепознатлив како реакционерен, или уште поперверзно препознатлив како „патриотизам“, што истовремено е смешно, трагично и ментално исчашено во антифашистичка замја каква што, според историската и државна традиција, треба да биде Македонија.


За да се спречат грдите нешта поврзани со фашизмот и неофашизмот, најнапред треба јасноумно да ги познаеме и осознаеме. Потоа, да ги соопштиме. Да ги преповторуваме, за да нè слушнат. Дури и пред реалната опасност да станеме досадни. Или дури и пред можноста да се изложиме на физички атаци, стигматизации и дискриминации од неофашистите. Ете, треба јасно да се каже дека „чист“ неофашизм е кога соседите се обидуваат, исто како 1941 година, да го игнорираат и негираат македонскиот идентитет и да ја делат македонската територија и историја. Неофашизам е кога таквата антимакедонска политика ја поддржуваат, поттикнуваат и оправдуваат нашите домашни вљубеници во Мусолини и Хутлер, во Ванчо и Џемо. Треба да се разјасни дека, покрај силно изразените ксенофобија, антикомунизам и десничарски националшовинизам како дел од политичка идеологија и пракса на неофашизмот за придобивање на гласови од сопственото национално трло, негова алатката за „политичка“ борба е силно експонираниот историографски ревизионизам. Во нашиот случај, оној со кој се оцрнува македонската антифашистичка историска свест и се заменува со антикварни и трули фашистички идеали и историски нарации.

Ревизионизмот манипулира со „неслужбените истории“ и обилно се користи со невистини и полувистини за минатото со цел да измисли „невини“ македонски и албански жртви, со цел фашистичката реокупација на македонската територија да ја релативизира со невистинитите тврдења дека имало фашистичко „ослободување“, оти Албанците и Македонците долго пред Хитлер биле окупирани и тероризирани, дека имало масовни колежи врз Македонци и Албанци на Скопското кале и во Тетовскиот монопол... Всушност, застанувањето на погрешната „страна на историјата“ на некогашниот наш фашизам, денешниве наши македонски и албански неофашисти и монголоидни фашистички епигони се обидуваат да го покријат со бесмислени измислици и аморални барања за рехабилитација на злосторниците во наводно „наместените судски процеси“ од „комунистичката власт и судии“. За очекување е по истата логика, по истите нивни искривоколчени идеолошко-десничарски резони да прогласат потреба од рехабилитација на пресудите и на судот во Нинберг, оти во тој суд имало комунисти-судии од Советскиот Сојуз (Јона Никиченко и Александар Волчков) и обвинители (Роман Руденко). Којзнае, можеби, денешниве десничарски психопати, антикомунисти и ревизионисти, потпрени врз неофашистичките антихуманистички европски резолуции од јануари 2006, април 2009 и од септември 2019 година, ќе успеат и во таа антицивилизациска мисија, па ќе доживееме, да бидат рехабилитирани и фашистичките главешини како Калтенбургер, Јодл, Геринг и Рудолф Хес, осудени во Нинберг?! Впрочем, во свет кој е втемелен врз мизалетија, таквиот исход би бил очекуван.


Во секој случај, неолибералниот и неофашистичкиот ревизионизам, како и насекаде околу нас, така и кај нас, е само една фалсификувана и селективно-десничарска верзија на историја од минатиот век, која има за цел да ја дерогира вистината за фашистичките злосторства против човештвото и против сопствените нации и држави. Тој настојува масовно да почне да се верува во најразновидните историографски сензации и лаги прокламирани од разни десничарски лудаци и умоболни демохристијански антикомунисти. Ревизиоизмот смета на функционалноста на „Гебелсовската мудрост“ дека безбројно пати повторените лаги стануваат „вистини“, па затоа нив неофашистите папагалски ги преповторуваат, не само низ разни електронски и печатени медиуми, туку, сега веќе, и институционално, преку документарни и играни филмови, изложби, комеморации, „научни“ конференции... Оттаму, може со жалење да се заклучи дека Македонија денес, впрочем како и голем дел од Европа, е преполна со огромна количина на појави што сведочат дека сериозно боледува од селективно-склеротичен ревизионизам, појави кои сведочат за општествениот и морален распад на многу од нејзините луѓе и појави кои сведочат за постепеното воскреснување на деструкривниот нацифашизам.

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани