2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Хуманизмот и левицата

Март 07, 2021

Пишува: Александар Литовски

 

Човекот е највисоко суштество! Тоа е почетната позиција на хуманизмот на левицата. Тој хуманизам подучува: „Дигнете ја главата, слободни луѓе! Недостојно е да молите и коленичите за милост, леб, правда, или било што друго.“ Тој хуманизам е поглед на свет со кој како основна вредност за оценување на нештата се земаат човекот и љубовта кон него. Тој хуманизам го цени и безрезервно го почитува човечко достоинство. Затоа, левичарскиот хуманизам е незгаслива идеолошка желба и политички обид да се отстрани сиот јад и чемер, секое понижување, сите таги и несреќи, сета бездомност, сиот егзистенцијален страв и несигурноста од овој свет.

Левите политички движења, доколку сакаат да бидат навистина такви како што се декларираат, во своето дејствување треба нужно да поаѓаат од ставот дека секој поединец поседува солидарност и емпатија како свои природни особини. Тие независно од конкретните историски околности, хуманизмот, заедно со слободата, правдата и еднаквоста, го прифаќаат како клучна универзална вредност. И за опредметување на таа вредност го насочуваат својот општествено-политички ангажман. Со други зборови кажано, хуманизмот е вредносна карактеристика која суштински ја определува секоја политичка левица. Во овој контекст, тој определува, непогрешиво, кој припаѓа и на македонската левица!

За хуманистичкото дејствување на левицата клучни се три аспекти: почитување на човечкото достоинство, спротиставување на експлоатацијата и барање на социјалната правда. Левицата не само што го брани и штити секое поединечно, конкретно човеково достоинство, туку води борба и за заштитата на човечкото достоинство на едно институционално ниво. За неа спротиставувањето на суровата економска експлоатација е „услов без кој не се може“ на патот во градењето на едно општество на благосостојба. Оттука, фактички, произлегува и нејзината борба за изградба на општествено-економски систем во кој ќе владее социјална правда со која ќе се заштитат економски најранливите категории на луѓе. Во суштина сите три карактеристики на левицата се испреплетуваат, надополнуваат и меѓусебно се комплементарни!

Современиот доминантно капиталистички свет е - антихуманистички! Тоа е очигледен факт. Денешнава капиталистичка тоталитарна држава е релативно економски ефикасна, а семоќната група на газди и нивната армија на политичари, бирократи и џандари, управуваат со населението, кое се состои од робови кои не треба да бидат присилувани да работат, затоа што се истренирани да го сакаат своето ропство. Милиони деца и луѓе умираат секоја година заради глад, милиони луѓе немаат здрава питка вода, милиони луѓе немаат ниту основна здравствена заштита, милијарди луѓе се робовски искористувани за остварување на профит на неколку стотина тираносауруси од редовите на буржоазијата. Антихуманизмот се потврдува и со актуелното некомпетентно, хаотично, трагично, политикантско и идеолошки интенционалното справување со пандемијата. Со еклатантното и скандалозно немање на основна емпатија и ниту минимална солидарност од страна на коропативното здравство и корпоративната фармација, за повеќемилионскиот човечки помор низ целиот свет.

Но, токму заради сето тоа, токму заради тој системски општествен анимализам, токму заради перспективата на човештвото што е катастрофална, перспектива што е пострашна од најцрната дистопија која научната фантастика си ја има замислено, левицата има широко поле за политичка работа, големи шанси за успешно дејствување и светли развојни перспективи. Имено, со своето застапување на доследен хуманизам, односно таков хуманизам кој не застанува на половина пат, туку бара радикална негација на постоечката нехуманост, бара создавање на квалитативно различно човечко општество, бара социјализам, левицата во иднина сосема сигурно ќе стане и остане најприфатлива политичка опција. Едноставно, борбата на левицата да го промени светот кон подобро и да го направи пристојно место за живеење на сите луѓе, долгорочно гледано е политичка визија која нема и не може да има алтернатива, па затоа нејзиниот успех е неизбежен.

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани