АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ОТВОРЕНИ ЛИСТИ
Не сум сигурен дека можноста за законска измена на изборниот закон е реалност или само желба на неколку условно речено „помали“ партии, ама факт е дека со влегувањето во Собрание на предлогот на неколку пратеници, меѓу кои и на пратениците на ЛДП, за локални избори со отворени листи, во следните денови се очекува актуелизирање на оваа тема и полемики во јавноста.
Покрај гласањето за свој советник, предлогот предвидува и учество на листите на 50% жени и 50% мажи, што според мене е уште еден чекор кон демократизацијата на земјата, и изедначувањата на правата на сите кои живеат на овој простор. Тоа е потребен потег и добар за нашата демократија. Темата сериозно се наметнува во јавноста и ако не се реализира на овие избори, тогаш сигурно на наредните ќе имаме таков избор.
ЗНАЧЕЊЕТО
На отворените листи, за оние кои се уште не го разбрале нивното значење, е тоа што граѓанинот сам си го бира својот советник, сам си го бира човекот кој ќе го претставува во општинскиот совет и знае точно за кој го дал својот глас. Од тој човек ќе бара резултати, од него ќе бара иницијативност, од него ќе бара решение за своите проблеми. Демократија приближена до самиот гласач, до самите избирачи и апсолутно непосредна.
Се разбира дека, најпрво ќе се определиме на која партија и на која коалиција ќе и го дадеме гласот, а потоа и за личноста за која сакаме да гласаме. Повеќе нема да има борба за кој да биде повисоко на листата, и кој ќе стане советник само затоа што е помал број на листата, туку затоа што за него се определиле граѓаните. Шансата некој да стане советник ќе биде подеднаква и на 31-от и 1-от на листата и сите ќе бидат изедначени.
НЕЗАВИСНОСТА
На избраните советници ќе биде многу поголема и тие ќе го чувствуваат притисокот на гласачите многу повеќе, отколку во сегашниот модел. Повторниот избор ќе зависи најмногу од исполнетите барања, од реализираните ветувања, од одговорените пораки и телефонски јавувања, и од заложбите кои јавно ќе се промовираат, а можеби и некои и нема да се исполнат ама некои работи и не зависат секогаш од поединецот.
Доколку се изнајдат и средства за професионализација или пак полупрофесионализација на советничката функција, и зголемување на надлежностите на советот, односно до вистинска поделба на моќта меѓу Советот и градоначалникот, тогаш во наредните години ќе добиеме и шанса за побрз развој, повеќе демократија и подобар живот.
Некој ќе речи и дека има многу пати во текстот и демократија и што фајде од неа, ама тој систем иако не е идеален, досега подобар не е измислен.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола, член на Либерално-демократската партија