2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Фашизам: што е тоа?

Мај 02, 2021

Пушува: Александар Литовски

 
 
Перцепцијата и сфаќањето за фашизмот како политичка идеологија и пракса главно е искривена преку пропагандната слика за фашистите генерално, а особено за германските нацисти, кои веќе долги години наназад беа, преку играни и документарни филмови, преку многу печатени фељтони со фотографски материјал, портретирани во испеглани војнички униформи со војнички фризури, комични движења и досадни говори. Често, дури пречесто, беа „сликани“ со неразбирлива грандиозна патолошка омраза кон Евреите. Скоро да е ставен знак за равенство меѓу фашизмот и антисемитизмот. Или поправо кажано, фашизмот, скоро без остаток, во пошироката јавност се сфаќа како антиеврејство. И, ова сфаќање е целосно погрешно. Германскиот фашизам, односно нацизмот е исклучок, а не правило, за тоа што всушност претставува фашизмот. Оти во прашање е нешто многу пошироко и многу подлабоко од таа лажна извештачена претстава и еднодимензионална определба. 
 
Многумина, и денес, се спротивставуваат на употребата на терминот фашизам, мислејќи и коментирајќи дека „се претерува“ со таквата карактеризација, дека се претерува со предупредувањата за фашистичките методи на владеење низ разни земји од светот. Слично било и пред Втората светска војна кога се пишувало за наци-фашистичкиот терор, за затворите и логорите, за политичките масовни убиства на комунистите... Многумина кои воопшто не се приврзаници на десничарските или фашистичките идеологии, не ги прифаќаат укажувањата и предупредувањата за опасноста од фашизмот, затоа што тоа се противи на нивниот здрав разум и хуманистички однос кон стварноста.
 
Краткиот одговор на прашањето од насловот, позајмено од Лав Троцки, е дека фашизмот е есенцијално политичко зло кое, првенствено, се карактеризира со екстремен десничарски светоглед втемелен врз антикомунизмот и милитантниот експанзионистички етнонационализам. Оттука може да произлезат, значи опционо, расната теорија и пракса, агресивната војна и програмираниот геноцид. Фашизмот е идеја и пракса на монолитна капиталистичка држава која ја зајакнува и гарантира приватната сопственост и профитот, која  е изградена врз обединета нација и обединети поединци кои дејствуваат како еден организам под цврста рака на автократски водач. Тука е придружниот ксенофобичен и клерикален прогон на сите други, различни, луѓе, кои бараат некакви права, а пред сè, социјални и работнички права. Затоа, главното мото на фашизмот е дека „само единството ја спасува нацијата“. На фашистите не им смета либералната демократија како општествено-политички и идеолошки систем, туку за нив тоа е една неуспешена, наивна и бескорисна форма за одбрана на капитализмот, капиталот, приватната сопственост и религијата од внатрешните и надворешните непријатели, особено од „проклетите комуњари“, кои сè нешто дробат за класни разлики, за социјална еднаквост, за пристоен живот за сите, за правда и за правичност. 
 
Во минатото, за време на растот на фашизмот низ Европа и светот, многу поединци, пред сè, оние кои на јавна сцена го оформувале јавното и политичкото мислење, фашистичките режими во 20-30 години на минатиот век ги карактеризирале само како „владеење на новиот современ национализам“, а власта на германските наци-фашисти како „мирно извршена национална револуција која ја разбуди националната гордост кај германскиот народ.“ Така, на пример, Димитрие Љотич во Југославија, се оградувал дека е фашист, а ги „бранел“ фашистичките режими како режими на „новиот национализам“.  Се работи за тоа дека многу „фашисти“ одбивале така себе да се самоопределуваат и декларираат, не заради разликите со фашистичката идеологија, или одбивноста кон фашистичкиот начин на политичко дејствување и владеење, туку заради сфаќањето дека секоја националистичка идеологија мора да биде автохтона и соодветна на општеството во кое се појавува, односно да биде посебна форма на национализам. Впрочем, како што пишува врвниот познавач на растежот на фашизмот пред Втората светска војна, Оливера Милосављевиќ, дури и Хитлер никогаш не би рекол за себе дека е фашист, затоа што тоа е италијанска форма на „национализам“, додека тој прави автохтона германска форма на „национализам“, отелотворена во националсоцијализмот.
 
Освен во „национализмот“, фашистичките режими се разликуваа и во практикувањето на власта. Така, на пример, фашистичките режими на Салазар во Португалија и на Франко во Шпанија, останаа делумно воено „неутрални“ за време на Втората светска војна, па, со помош и поддршка на „демократска“ Европа и Америка, преживеајаа и „дишеа“ сè до седумдесеттите години на минатиот век. Различните европски фашизми се разликуваа и во однос на социјалните слоеви на кои им се обраќаа. Италијанскиот фашизам на селанството, францускиот фашизам поддршката ја бараше и добиваше од конзервативната и аристократската елита, нацизмот ја засноваше својата сила на средната класа, додека фашистичките движења во Романија и Унгарија беа примарно поддржани од лумпенпролетеријатот. Дистинкции имало и во многу други суштински и надворешни карактеристики и политики, но, nota bene, фашизмот, секаде, неразделно содржеше – антикомунизам и милитантен етнонационализам. Во тие две точки, сличностите со некои денешни режими, сè повеќе од очигледни. И затоа, без да се погреши, може да се пишува и зборува за современ фашизам или неофашизам.
 
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   
 
 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани