Ревизионизмот и мафијата

Мај 09, 2021

Пишува:Александар Литовски

 
 
За време на враќањето на нашите простори во варварство, што трае, ете веќе повеќе од триесет години, со антикомунистичките баења од племенските шамани, попови и оџи, и со паганските ритуали на жртвување на луѓето и држава на олтарот на профитот и капиталот, дојде со фундаментална реформа на некои научни и уметнички дисциплини, пред сè, на историјата, која претрпе голем број на ревизии, како што велеа –  „препрочитувања“, така што таа повеќе не личи на себеси. Таа, всушност, се претвори во предмет на политикантско изживување од страна на разни националистички и клерикални лудаци, финансиски помогнати од партиите, тајкуните, црквите и џамиите. Или поинаку кажано од – мафијата!
 
Политичката граѓанска каста и за неа прикачените „бизнисмени“ и „интелектуалци“, главно, се занимаваа и се занимаваат со одземање на парите од граѓаните, со (до)приватизација на имотот и земјата од државата, но и со одземање на достоинството, честа, чесноста, иднината и надежта на жителите на ова наше убаво парче земја. Во време на оваа наша „првобитна акумулација на криминалот“, со помош на политичката „елита“, религиозните заедници, исламската и православната, но и со асистенција на граѓанската и националшовинистичката „интелигенција“, се изврши универзална релативизација на вредностите по која лагата стана вистина, ропството стана слобода, а злосторниците станаа – херои. Вистината, во аристотеловска смисла, е убиена, вистинската хуманистичка еднаквост, политичка и социјална, исчезна од етичкиот кодекс, а македонизмот се најде на секојдневен удар како „комунистичка измислица“ на Тито и Колишевски. Бугарскиот шовинизам, од последниве години, само дополнително го потенцира, она што нашите врховисти и десничари го работеа и блебетеа од раните деведесетти наваму.
 
Граѓанските владеачки структури се обидуваа да најдат механизми за „демократско лоботомирање“ на младите од „марксистичката пропаганда “ и „канцерогената“ идеја за некаков самоуправен социјализам, а сè со цел да ги придобијат, или за глобализмот, или за национализмот по големоалбански или големобугарски маштап, како основа за иднината. Најголем дел од самонаречените либерални „левичари“, поврзани со западните политички, бизнис и невладини кругови, иако ја влечеја својата економска и политичка моќ од социјалистичкиот период на развој на државата, сепак како своја основна идеолошка детерминанта го прифатија антикомунизмот, а не антифашизмот. Ова беше во согласност со нивната одвратна конвертитска, политичка и интелектуална, мимикрија која требаше да ги „квалификува“ пред нивните газди во евроатланските институции, кои имаат „скриено“ профашистичко и нескриено, изразито, антикомунистичко дејствување. Впрочем, како и пред Втората светска војна, насекаде низ Европа во граѓанските „леви“ и десни политички кругови беше силно присутен антикомунизмот, а тој никогаш не беше придружуван од антифашизам. Со други зборови, пронаоѓањето во марксизмот и комунизмот за „најголеми зла“ во нашето време, по правило се произведува помирувачки однос кон неофашизмот и го овозможува неговото јакнење како идеологија и практика. И, тоа, кога-тогаш, на сите ќе ни се скрши од главата.
 
Згора на сето тоа, преку антикомунистичкиот ревизионизам од наследниците на некогашните големобугарски фашисти и големоалбански балисти, а кој го поддржаа, толерираа и спроведуваа скоро сите политичко-криминални кланови што во изминатите триесеттина години владееја со македонската држава, се започна со постепено уништување на македонизмот, како идеологија и пракса на борбата за афирмација на чистиот македонски национален идентитет. И за тоа „убиство на рати“, неофашистите и мафијашките политичко-финансиски кланови, составени од дилери на дрога и оружје, разузнавачки платеници во ликот на наши универзитетски професори, економисти, писатели, историчари, академици, православни епископи и муслимански оџи, правници, разни функционери низ поголемите политички партии и друг општествено-политички отпад, ги  користеа сите расположиви ресурси, сите финансиски и интелектуалните потенцијали.
 
Овие мафијаши и национални одроденици знаеја и знаат дека за да ловат во матно, прво мора да ја заматат бистрата македонска национална свест, негувана претходните четириесет и пет години. Затоа, „интелектуалните ревизионистички единици“ на македонскиот политичко-мафијашки картел работеше, деноноќно, на создавање на националшовинистички програми и на спроведување интензивна антикомунистичка и анти-антифашистичка пропаганда. Целта беше да се создаде целосна забуна во главите на луѓето, да се искриват сите концепти и идеи за еднаквост и правда, да се создаде ментална збунетост кои сме и што сме, да се посее дефетизам во државотворниот капацитет, да се соборат основните етички норми и да се атрофира способноста на нашите луѓе грдите и антимакедонски нешта, како фашизмот и антимакедонизмот, да ги наречат со вистинското име. Како резултат на овој триесетгодишен малоумен атак од економско-политичката мафија, дојде млаката реакција на неофашистичките и шовинистичките глупости од „официјална“ Бугарија, а македонската држава се наоѓа пред целосно неизвесна иднина.
 
 
 
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   
 
 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани