2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Обезмозочување

Ноември 21, 2021

Пишува: Александар Литовски

 
 
Денешниот, столетниот, а може да се каже и милениумскиот, светски конфликт е судир на два големи идеали: на едната страна е моралниот идеал за сечовечка хуманост и слобода, светски мир и почитување на секој човечки живот; на другата страна се наоѓа антихуманата идеологија на моќ, превласт и национална или друг вид експанзија, за која насилието е основна алатка, а безвредни се човековото достоинство и човековиот живот. Поинаку кажано, сместен во денешните општествени координати, тоа е конфликт на идеалите за социјализам и капитализам.
 
Анализата на општествено-политичката реалност лесно го открива владеењето на малцинството врз мнозинството. Тоа, всушност, е парадокс дефиниран од шкотскиот филозоф Дејвид Хјум, кој затоа се нарекува „парадокс на моќта“, или „Хјумов парадокс“. Според Хјум, еден од најконтроверзните и најинтересните проблеми на секоја политичка конструкција е леснотијата со која мнозинството над кое се владее ја препушта политичката моќ на малцинство што владее. Според неговите согледувања „потчинувањето е имплицитно“. Тој се прашува: Како, навистина, е можно тоа малцинство, кое има само монопол над мислата, да управува со мнозинството што има бројна надмоќ?“ Неговиот одговор е дека секој авторитет мора да се темели на „контрола на мислата“. 
 
Денес, скоро триста години по Дејвид Хјум, светот е полн со „лаборатории“ за манипулација со информации и постигнување на „контрола на мислата“. Со развојот на новите технологии, усовршено е производството на лаги преку кои треба да се оправда агресијата, антихуманата функционалност и одржливост на капитализмот и неговите империјалистички претензии. Усовршено е производството на лаги за да се ревидира стварноста и историјата за потребите на денешните светски газди. Денешното производство на лаги преку кои се фалсификуваат податоците и се нарушува перцепцијата каде и како е извршена инверзија на вистинските хумани вредности и како е искривена вистината до непрепознатливост, има безбројни можности и безбројно многу форми – од традиционалните медиуми до новите интернет алатки. Вербата во таквите лажни конструкции, некогаш трае релативно кратко, некогаш подолго, но и кога ќе се потроши таа верба, креаторите на лажни содржини, идеи и идеали измислуваат и пуштаат во оптект нови конструкции и нови лажни интерпретации кои функционираат во наредниот период.
 
Секако, за да биде целосно разбирањето на контролата и владеењето во денешниов доминантен општествено-политички и економски систем, нужно е да се има предвид дека постои како реалност категоријата на физичка сила и принуда, која ја поседува и која припаѓа, исклучиво, на малцинството кое управува. Имено, владејачката капиталистичка класа, нејзината држава и нејзината влада, располагаат со институционализирано насилство. Тоа значи дека нивната власт, нивната моќ, помеѓу другото се темели и врз силата. Всушност, и ова само го открива денешниот доминантен принципот на класна организација на државите и општеството. 
 
За илустрација на ваквите тврдења може да послужат случувањата во Централна и Јужна Америка и тамошните „одреди на смртта“. Имено, и порано и денес, под под покровителство, со стручна и логистичка помош на Вујко Сем, организирани од тамошните десничарски влади егзистираат и оперираат таканаречени „одреди на смртта“. Тоа е профашистички систем на владеење во кој се врши „интернализација на теророт“ и се создава колективно чувство на страв, преку што се контролираат невладините организации, синдикатите, студентските организации и класните здруженија на граѓани и селани, а се уништуваат левичарските и комунистичките партии и организации. 
 
Денешниов современ систем на владеење, ја акцентира оригиналноста и вредноста на „Хјумовиот парадокс“, бидејќи сосема е јасно оти модерната капиталистичка држава, не може да постои без одредена, по правило висока, контрола на мислата и одредено „производство на согласност“, со што јавното мислење се трансформира во, што би рекол американскиот новинар Виктор Липман, „збунетото стадо пасивни набљудувачи“. Тоа е исклучително сложена операција на одземање на разумот, оневозможување на рационалното размислување, одземање на функционалноста на мозокот. Обезмозочување. Поинаку кажано, без оглед на силата на армијата, полицијата и параполициските формации и без оглед на вештината на тајните полиции да прислушкуваат и да ги следат слободољубивите граѓани, што Едвард Сноуден, повторно, затоа што сите слободномислечки суштества тоа и претходно го знаеја, го разоткри пред светската јавност, сепак на буржоаската држава ѝ е нужно потребно да си обезбеди согласност од мнозинството луѓе преку индоктринација, со цел тоа мнозинство да ја препушти, „доброволно“, политичката и економската моќ во рацете на малцинството од буржоаската класа и нејзините политички експоненти.  
 
 
 
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   
 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани