2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

За лажната аристократија

Декември 26, 2021

Пишува: Александар Литовски

 
Сите наши политички медиокритети се замислуваат шефови, директори, началници, министри заменици министри, државни секретари и државни секретарки,  директори, директорчиња, обични шефови и шефови на кабинети,... На сите ним „мислата“ им е дека преку партијата и политиката ќе се вселат во „рајските градини“, ќе „преминат“ од работничката класа во буржоазијата и, безмалку, ќе ја откријат формулата за бесмртност. Овие директориди и министероиди се однесуваат како да се родени во кралско или аристократско опкружување, како да се ранети со златни лажички, како да им е вроден барокниот сјај на дворските балови и церемонијали. Тие, иако сосема неосновано и лудо, се замислуваат како некаква македонска аристократија.
Сите ние живееме во нивниот криминален свет, во свет на секојдневни службени ручеци и добивање привилегирани лиферантски концесии од државниот буџет, па сме приморани да трпиме нашите „аристократи“ да ни „солат памет“ за нацијата, името, идентитетот, историјата, политиката, геостратегијата... Нивната фиксација со сопствената големина и убавина, се типична ментална патологија, меѓутоа оваа дијагноза во текстот е за да го долови фактичкиот историскиот биланс на триесетгодишното клептоманско владеење на македонската буржоазија, кој ни укажува дека македонскиот човек „решил“ да го отфрли сопствениот историски опит и да го прифати празнозборното пелтечење на неолибералните демагози и со тоа повторно да ја стави сопствената судбина на коцкарската рулет маса со големи шанси сè да загуби.
 
Од каде, сега, во почетокот на овој мизерен дваесет и први век, ова наше ситнобуржоаско ѓубре, овие наши малограѓански „покондирени“ тикви, си замислиле дека се аристократија? И дека треба да ни држат лекции на јавната сцена за сè и сешто?! Таа наша лажна аристократија има „мислење за сè“ и мисли дека „знае сè“, ама, фактички, нема основно образование и познавање за тоа што говори. Како оној староримски драмски писател Публиј Теренциј Афер, во своето незаборавно дело „Човек што сам себе се измачува“, за нив да запишал дека „со голем труд кажуваат големи глупости“ (Nae iste magno conatu magnas nugas dixerit). Незнаењето можеби и може да се надомести, но глупоста и нарцисоидноста се ненадминливи недостатоци. Овие наши „аристократи“ сакаат да бидат „нешто“, сакаат да бидат културна, општествена и политичка елита, без вложен труд и стекнати вештини. Затоа мамат и глумат. Ама бидејќи знаењето, личните способности, префинетоста и вештините не се нешто што може да се одглуми, оттаму нивната појава, нивната наместена поза, е секогаш - карикатурална и смешна.
 
Тие наши самозамислени „германските  барони“ се воодушевени од Хитлер, Орбан, Меркел, Трамп, Пиноче... од фашизмот кој бара строго почитување на принципот за ред, работа и дисциплина од плебсот, од оној плебс кој деноноќно работи за нив и им го обезбедува нивниот профит и лагоден живот. Всушност, овие наши празноглави снобови, нескриено ги презираат „робовите“ кои пишуваат, цртаат, копаат, градат, ѕидаат, митингуваат, се потат додека работат на сонцето, кои продаваат по продавниците, програмираат, предаваат по училниците, односно сите кои чесно работат... Нашата бизнис и политичка „елита“ составена од празни и површни снобови, многу сака да води сметка за тоа кој како се облекува, каде се храни, во кои ресторани и кафеани излегува, кој патува, а кој не патува низ светот... Сето тоа „отмено друштво“ не сака премногу да зборува литературно македонски, туку сленговски искривоколчено. Тие се замислиле како инкарнација на англиските аристократи, па, редовно и неизбежно, сакаат да го нагласуваат своето познавање на англискиот. Тие голем дел од времето, квазиаристократски, го поминуваат по опери, балети, џез концерти, отворање на изложби, гламурозни балови, преправајќи се дека нешто разбираат и дека уживаат. Седејќи како некакви пауни со пури и виски во рацете, по своите ексклузивни клубови, каде го чепкаат носот и се лигават, тие презираат сè она што е „наше“, народно, селско, традиционално, балканско, македонско..., а нормално, лакејски се посветени и верни на „европската“ мисла, култура и на европските институции. Мислат дека нивните пари кои им овозможуваат скапа облека, скапа храна во скапи ресторани, скапи патувања по егзотични места во светот, ги прави поумни, поубави, повредни, позначајни, „европејци“... Ги прави нешто повеќе од останатите. Е, таа слика е навистина патетична и жална.
 
Всушност, оваа наша лажна аристократија е една трагокомедија, која има врска со возвишеност, елеганција, образованост и воспитаност, колку што магарињата имаат врска со музикалност и музика. На сите ним, отстранете им го накитот од вратот, измиете им ја бојата од косата, тргнете им ја шминката од лицето, слечете им ја брендираната облека, отстранете им ја сета лага и карневалски сјај од идилично наместената заднина и лесно ќе видите дека пред вас ќе останат само обични мизерни наркомани, пијаници, медиокритети, снобови, аналфабети..., кои се расфрлаат со фрази и демагогија за политика, култура, историја, спорт..., луѓе со приглуп изглед, мизерни и потпросечни егземплари од македонската триесетгодишна девастација на моралот и образованието. И? И толку. Тоа е доволно да се напише, за реално да се опише сета наша, „аристократска“ квазиелита и нивната слугинска интелектуална камарила.
 
 
 
 (Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   
 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани