АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик
Годишниот, постигнат успех на учениците, е веќе завршена работа. Полуматурантите, ги зедоја свидетелствата и дел, се запишаа во средно образование, додека пак, за дел, се уште траат уписнте термини. Сите останати ученици, се на распуст, со известување за нивниот годишен успех, напишан на ливче. За нив, свидетелства нема. Веројатно, пред почетокот на наредната учебна година, ќе ги добијат резултатите од изминатава учебна година.
Заслужен и незаслужен успех, на училиште
Ученик, кој континуирано учи, соработува со наставниците и се интересира за школските активности, нормално дека е успешен и успехот кој ќе го постигне ќе биде заслужен, без никакви дилеми. И така, во животот, се учи да биде самостоен, да не зависи од никого, односно, да размислува со своја глава. Додека пак, ученик кој учи само колку да добие оценка, не може да биде успешен. Тоа е учење напамет. Тука, резултат, не може многу да се очекува. Меѓутоа, се случува и ситуација, од самото следење на часовите, ученикот многу повеќе да запамти и да биде подготвен кога и да го прашаш, отколку, да чита дома и да пребарува по интернет за да биде подготвен за испрашување, тест, или сл. Значи, може да се каже дека станува збор за интелигентен и надарен ученик, кој лесно памти. Има и трета категорија ученици, кои не покажуваат никаква волја да земат и нешто да прочитаат, да научат, да кажат, да им се чуе глас. И тие ученици, се презадоволни со двојките кои ќе ги добијат. Но како ги добиле? Тоа веќе, отвора друга дискусија. Кај овие ученици, учењето не е предизвик, ами доволно е, некаков занает да совладаат и да можат да го практикуваат во иднина, колку да заработуваат некој денар.Постигањата на учениците се лични, а наставникот, е тој, кој што го следи напредокот на ученикот и паралелно го оценува постигнатиот успех.
Меѓутоа, се случува една долгогодишна, да не речам отсекогаш, иста ситуација поготово пред крајот на учебната година, а може и малку порано. На пример: ученикот ја завршува учебната година со сите петки, а со една или две четворки... Ретко кој, ќе се задоволи со овој резултат, иако е заслужен. Знаеме и јасно е, што се случува да не се остане без една или две четворки (ги земам само како пример) меѓутоа, има многу понеправедни ситуации, од 2 се скокало на 4 итн. Тука веќе, родителот треба добро да размисли, дали притисокот и реакцијата кои ќе ги направи за неговото дете да биде одлично со сите петки, или не знам, ред други изговори... дали со тоа, всушност му прави добро на своето дете?! Не верувам, дека оној што ја заслужил таа една четворка ќе приговара. Апсолутно, не! Неговиот родител ќе рече: „толку заслужил, толку пишете му“. Тоа го прават незаслужените, или подарени оценки. Реалноста е повеќе од јасна. Родители: оставете ги децата да бидат самостојни, макар и да направиле некаков пропуст, токму на тоа се учат да се поправат. Од грешките учиме. Би сакал само да дополнам и да се запамти: не се учи за оценки, ами за знаење и живот! Некој тоа го знае, а некој, нека се потруди да го разбере. Успехот на ученикот е негов, личен. Наставниот го следи и оценува ученикот и никој друг. Колку е паметно и убаво, кога ќе се потрудиш да направиш и создадеш нешто, сам. Така и со училиштниот успех.
Добро лето и навраќање на страниците на книгите...
На моите и на сите останати ученици, им посакувам да имаат убаво лето, со пријатни доживувања и впечатоци: да шетаат, да рекреираат, да спортуваат, и да се занимаваат со паметни работи кои ги прават среќни и задоволни. Но, сакам да акцентирам, со оглед на тоа, колку само е запоставено читањето на белетристика (лектири, романи, стрипови...) да се посвети внимание и на ова духовно расположение и опуштање. Никогаш не е доцна, од богат и културен речник. Никогаш не е доцна од ракотворство (можеби, некаде ќе се јави поетски талент). Односно, никогаш не е доцна да се доживее реалноста, одново и одново, бидејќи за неа, многу се учи низ книжевните страници. Да се развива и шири желбата за читање, оти на тој начин можеме да станеме подобри луѓе со одговорни и чесни намери и навики. Чувството да читаш од интернет, не е исто со чувството, кога книгата ја имаш во раце. Тие се различни доживувања, се разбира за искусните читачи. Книгата, не смее да претставува тешкотија и одбивност, оти без неа, сме никој и ништо, исто како без јазикот. За читање, секогаш се наоѓа време. Доволно е, да се разбуди волјата и желбата. Убаво лето, ќе им посакам и на моите колеги и колешки просветари, со желба, за уште подобра и поуспешна, да биде наредната учебна година.
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик