2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Главни одлики на наставничката професија кои ја прават да биде една од најблагородните професии во светот се: одговорноста и посветеноста. Одлики, од кои произлегуваат како „Грозд“ техника, сите други воспитно-образовни начела во наставниот процес. Постоеше едно време (многу одамна), кога професијата наставник беше: авторитет и принцип. Додуша, и денеска е така, но во многу, многу ретки и исклучителни ситуации. Денес, е технолошко време, „тимско“ време. Време, во кое класичното е потиснато од современото. Има разлика: читање книги и спуштање „готови“ состави, текстови, од интернет. Или подобро кажано: цели магистратури и докторати. Но, таа е веќе друга тема. Секоја промена се сведува на време и навика. Така што, со текот на времето, учиме да се навикнуваме и да прифаќаме секакви предизвици кои ги носи новото училиштно време (онлајн, или технолошко време).

Наставната одговорност и посветеност

Добар наставник е прав педагог и психолог. Тоа значи: правилно научил и докажува, дека треба да биде: лик и пример во воспитно-образовниот процес (како дома, така во училница и пошироко). Односно, методски, вешто и тактички совладал како да застане во училница, пред тој убав и млад свет, како да се однесува во училница и секако, во интеракцијата со колективот каде што работи. Значи, правилна и културна комуникација (субјект-објект), секако, со доза на хумор, што е препознатлив и присутен во наставата. Таа е многу важна особина која го краси солидниот наставник. А од неа, секако дека доаѓаат до израз и впечатоците кои ќе ги остави. Без разлика, колку се напредни денешните генерации, и колку само не читаат, што е очигледен факт (со ретки исклучоци), сепак, правиот наставник, мора да го одржува кодексот на однесување во континуитет. Оти, таа е негова, врвна одговорност и посветеност во тоа што го прави, и што очекува да постигне. Всушност, кодексот е принципот на наставникот. Како еднаш ќе го изгради, така целиот живот ќе се памети. Некој го поседува, а некој, не. Воопшто не се виновни учениците, ако наставникот не умее да го организира и одржи часот како што треба. Тоа само ја потврдува неконтролираната демократија во текот на часот од која не се извлекува апсолутно, никаква морална поука, а најмалку не, знаење од часот. Очигледно, дека нешто треба да се промени. Затоа, кога велам дека е една од најубавите и најблагородните професии во светот, професијата наставник, колку предизвици, толку и одговорности сноси.

Колку е убаво да се чуе: „Прекрасен наставник“; „Има што да се научи од него“; „Со задоволство се седи на час кај него/неа“; „Прав другар со учениците“; „Чест ми е/нѝ е, што ми предававте“; „Нѝ покажавте прав пат во животот“; „Ретки се наставниците како Вас“ итн... Искрени изрази и впечатоци кои учениците со радост ги зборуваат и споделуваат. И навистина е пријатно, да се чујат. За така да биде, нека се потруди секој наставник да ја одржува својата одговорна, посветена и културна професионалност. Верувам дека може. Секој ученик сака добар наставник. И обратно, секој наставник сака паметни и вредни ученици. Да, ама добар ќе биде кога ќе ги научи на: знаења, на толеранција, на одговорност, на мислење со своја глава... Дури тогаш, не добар, ами најдобар ќе биде, секој наставник. Дури тогаш и повратната инфорација од учениците ќе биде над очекуваното. Затоа, велиме: „искуството си го прави своето“. Помладите наставници нека земат пример, нека „црпат“ искуство од повозрасните. Оти, навистина има што да научат и да практикуваат. Ништо не губат, напротив, добиваат. Секој, на свој начин, се разбира. Така се гради заедничи јазик кој води до посакувана цел.

Наставникот – поучувач и советувач

Со целосно внимание и максимално трпение, наставникот треба да биде посветен на својата работа. Не е така едноставно, но сепак е чекор до успех. Во наставниот процес, имаме секакви ученици, како што имаме и секакви карактери на наставници. Токму со тие различни карактери, треба љубезно и многу трпеливо да се работи. Лесно е да се каже: „не можам“. Другата алтернатива: „можам“ е попродуктивна. Како менаџер на часот, наставникот треба да ги познава, сите свои ученици. И секако, да практикува начини, како да ги привлече и заинтересира да соработуваат и комуницираат заеднички, со сите другарчиња, соученици во училницата и надвор од неа, но најважно е, да им ја долови интересната страна на учењето (нешто, сепак да сакаат да прочитаат, и да научат). Тоа може да се постигне, иако во многу ситуации наликува на потешко.

Мислам дека, со посветеност и разбирање, се постигнува успех. На тој начин и крајно незаинтересираниот ученик за учење, ќе покаже некаква волја. На тој начин ќе има и повратна информација (каква-таква). Клучот е во наставникот и во неговата дарба, љубов и креативност за работа. Работата на наставникот, не е воопшто лесна и едноставна. Тој ја има привилегијата да работи со најмилата радост на овој свет, и како поучувач, и како советувач. Сублимат на тие две компоненти е: оценувач. Тие две, педагошко-психолошки одлики наставникот треба да ги применува секој час, па дури и на секоја средба со учениците. Затоа се вика наставник, да даде знаења и совети. И на крај, да изведе заклучок: дали навистина од ученичето, направил прав ученик, или не... Оној ученик, кој слуша и почитува наставник, секако дека ќе биде на прав пат и ќе тежнее кон напредок и успех. Покрај работата на часот, вредниот наставник гледа доследно и одговорно да ги завршува и своите административни обврски, што е дополнителна работа во неговото наставничко досие. И тоа, скоро секој од нас го завршува навремено, да речам во корелација со е-дневникот. Доколку, нешто се заборавило на училиште, се завршува од дома. Се со цел, да се најде повеќе време за посвета кон подготовката на часовите и комуникацијата со учениците.

Работата на наставникот, не е само половина ден на училиште, таа нема крај, оти секогаш по нешто излегува да се сработи. Исто така, треба да се спомене и најважната компонента, а таа е: комуникацијата со родителите, која треба да се одвива без проблеми и навремено, со цел да се прнесат и следат промените кај учениците. Взаемна комуникација, која мора да се почитува и почесто да се практикува. На пример, имаме отворен ден за родители, каде родителот има можност со секој наставник што му предава на неговото дете, да поразговара за успехот и неговото поведение. Секој наставник, и како поучувач, и како советувач, па со ред и со уште многу други функции, треба да го чува своето достоинство, а со него и столбот кој го носи во самото училиште. Без него, нема настава, исто како што нема џагор во училницата, во училиштните ходници, во училиштните дворови, без учениците.

 

Времето се менува, а со него и генерациите

Без разлика колку промени ќе донесе наставното време, а со него и генерациите кои доаѓаат, функцијата и целта на наставникот не смее да се занемари. Наставниците заслужуваат многу поголема поддршка и мотивираност за работа, односно, треба многу повеќе да бидат вклучени во донесувањето на образовни промени иако и самите знаат како најдобро да го водат наставниот процес. Има многу квалитетни наставници, и нивниот потенцијал треба да дојде до позначителен израз. Знаеме дека со сила ништо не се прави, ами со волја и интерес. МОН, БРО, ДИЦ, знаете дека наставниците се движечка сила во наставниот процес. И секогаш, го даваат најдоброто од себе.

Затоа, потрудете се, повеќе да дојде до израз соработката со нив. Едни со други, од корист сте! Секој наставник е одговорен во својот предмет кој го предава. И оттука, има што да предложи и понуди: и како сугестија и како совет за тоа што го работи. Се разбира, за да имаме поквалитетно образование, а со него и воспитание. За крај, на сите мои почитувани колешки и колеги од просвета, им порачувам: колку промени и да донесе новото наставно време (иако и понатаму чека на реформирање), секогаш бидете свои и принципиелни кон работата која што ја сакате и која со задоволство ја работите. Гледајте позитивно, за подобро да биде. И мора да биде. Барем, сите така сакаме и очекуваме. Како за нас, така и за учениците, така и за сите чинители во училиштната средина.

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

 
 

    

 

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани