Архитектот Зоран Николовски влегува во трката за градоначалник на Битола како независен кандидат

Септември 02, 2025
Зоран Николовски - независен кандидат Зоран Николовски - независен кандидат

Архитектот Зоран Николовски влегува во трката за градоначалник на Битола како независен кандидат

Познатиот битолски архитект и сценограф, Зоран Николовски поднесе кандидатура за независен кандидат за градоначалник на претстојните локални избори во Битола.

Николовски е вработен во Завод и Музеј Битола од 1999 година и до неодамна беше директор на оваа установа од културата од редовите на партијата ЗНАМ (како избор на Максим Димитриевски), како вршител на должност, но не ја доби довребата на министерот за култура Зоран Љутков, да продолжи со мандатот, па беше сменет. Николовски и претходно раководеше со Завод и Музеј Битола во периодот од 2006 до 2010 година за време на владата на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Тој е истакнат во својата стручност и креативност со значајни проекти и музејски поставки и досега работел како надворешен соработник во многу музеи низ државата.

Во јавноста Николовски  се наметна и со своите архитектонски идеи за поубава Битола кои ги објавуваше јавно на социјалните мрежи пред четири години. Тој на претходните локални избори беше еден од внатрепартиските кандидати на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Битола за градоначалник, кога довербата на партијата ја доби Тони Коњановски.

Сега за „Апла“, Николовски потврдува дека поднел кандидатура за независен кандидат за градоначалник, но нема своја независна листа на советници.

„Мојата кандидатура е природна реакција на досегашното владеење на политичарите во Битола. Јас не сум политичар, јас сум АРХИТЕКТ ! Јас цел живот сум архитект - од тоа живеам, а тие цел живот се политичари - за тоа живеат. Со таа разлика, што јас за мојата професија сум завршил школо, а тие за нивната НЕ !, оти за политичари училиште нема...... Мене љубовта ме натера тоа да го учам, а политичарите – алчноста ги натера тоа да го работат.... Само Архитектот ја има Боженствената мисијата постојано нешто да прави, постојано да гради. Политичарот е деструктивен – Архитектот е конструктивен. Цел мој живот сум го посветил на родниот град Битола, и многу добро знам што му треба и како тоа да го направам. Мојата визија ми е се´ во животот. Со неа се будам, со неа заспивам“, изјави Николовски за „Апла“.

Во Битола досега има тројца независни кандидати за градоначалник на  претстојните локлани избори, Ќире Димов независен кандидат за градоначалник на Битола поддржан од партијата на Ванчо Шехтански - ТМРО, Габриела Илиевска од независната иницијатива „Поинаку“ и сега кандидатурата на Николовски.

Од политичките партии официјална е кандидатурата на актулениот градоначалник Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ и на Методија Куновски од СДСМ. Битолчани со голем интерес очекуваат дали партијата Левица ќе има свој кандидат за градоначалник или ќе поддржи некој од независните или партиските кандидати на претстојните локални избори.

А.Б

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани