АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
За да се овозможи функционалност и работа на Јавното претпријатие „Жабени“ за привлекување нови инвестиции, Општина Битола планира да го субвенционира со милион денари за сервисирање на затекнатите долгови за електрична енергија, тековни и судски трошоци, рече градоначалникот Тони Коњановски во своето обраќање пред Советот на Општина Битола каде на дневен ред беше ребалансот на буџетот.
„Јавното претпријатие „Жабени“, од страна на претходното раководство е оставено во големи долгови кои десеткратно ја надминуваат затекнатата сума на сметката на претпријатието, а дополнителни оптоварувања за претпријатието се и судски решенија и тужби“, рече Коњановски.
Во тек е реконструкција на 9 улици
На крајот на 2021 година, рече дека завршиле седум отпочнати улици во должина од 3,5 километри и ги исплатиле изведувачите. Со новата градежна сезона, започнати се 9 улици од предвидените 23 за оваа година, а постепено дел од активностите влегуваат и во завршна фаза. Завршена е улицата Солунска, а во тек се активностите на улиците „Македонска фаланга“, „Крушевска република“, „Цане Василев“, „Довлеџик“, „Струшка“ и „Сутјеска“, додека во руралните средини работиме на реконструкција на патот за село Дихово, како и на коловозот на главниот уличен крак во село Логоварди.
За да овозможиме успешна реализација на овој проект кој значи подобра инфраструктура во нашата општина како и за другите проекти од програмите на одделението за комунални дејности и уредување на градежно земјиште, со денешните измени и дополнувања на Буџетот, дел од проектите од едногодишната програма се префрлуваат во развојната програма
„Генералка викенд“ на 6 и 7 мај
Во делот на уредувањето и хигиената во градот, Општината го заврши уредувањето на две нови детски игралишта на улиците „Север-југ“ и „Смилевски конгрес“, а започна и со реализацијата на проектот за изградба на нов парк во Нова Битола и Студентски парк кај Факултетот за информатички и комуникациски технологии.
„Тековно, работиме на расчистување на што повеќе депонии и враќање на сликата на убава и чиста Битола, поради што и ќе учествуваме во акцијата „Генералка викенд“ на 6 и 7 мај и сакам да ве повикам сите присутни тука, заедно да се вклучиме во расчистувањето на што повеќе локации“, рече градоначалникот.
Планират и дополнителни мерки за да може хигиената во градот непречено да се одржува и во летниот период. Со оваа измена на буџетот, во програмата за локален економски развој предвидуваат зголемување од 1 милион денари за проектот „Почиста Битола“, кој се реализира во соработка со ЈП Комуналец, со цел продолжување на ангажманот на лицата вклучени во проектот, за уште три месеци.
.Нема скратување на Програмата за животна средина
„Исто така, од други фондови ќе бидат обезбедени и средствата за набавка на вендинг машини, поради што, предвидените 1.500.000 денари за оваа намена од програмата за животна средина, ќе бидат искористени во другите приоритетни области. Со ова, се овозможува комплетна реализација на програмата за животна средина, заштеда и наменска распределба на средствата. Ова е добро да го знаат сите граѓани, но и политичките партии кои можеби поради недоволна информираност, преку прес конференции ја дезинформираат јавноста“, рече Коњановски.