АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Државниот завод за статистика вчера објави дека инфлацијата за месец јули изнесува 8,4 отсто во однос на истиот месец минатата година. Тоа е скоро двојно пониска стапка на инфлација од онаа што ја имавме во месец јануари оваа година кога таа изнесуваше 17,1 отсто.
Инфлаторната спирала пикот го имаше кон крајот на минатата година кога во месец декември изнесуваше 19,5 отсто, а оттогаш наваму е во постојан пад. Високата стапка на инфлација сериозно удри врз економскиот стандард на граѓаните.
Сепак во голем број сектори растат платите, но се зголемуваат и пензиите со што државата се впушта во директна трка со инфлацијата, но во моментов се поставува прашањето дали сега откако инфлацијата е едноцифрена и сериозно намалена, зголемените плати и пензии вредат повеќе?
Во мај месец просечната плата пораснала за 16,1 отсто, а во истиот месец инфлацијата била 11,3, односно за речиси пет процентни поени пониска отколку растот на просечната плата. Во септември ќе следува раст на платите на околу 130.000 вработени во јавниот сектор во висина од 10 отсто, а истиот месец ќе се зголемат и пензиите за околу 6 отсто според првичните проекции. Тоа ќе доведе до дополнителен раст на просечната плата, кој според економските познавачи драстично ќе биде поголем од стапката на инфлација за која се проценува дека и натаму ќе опаѓа.
За пензионерите пак, зголемувањето во септември ќе значи дека за само шест месеци (март – септември) пензиите ќе се зголемат за речиси 14,5 проценти, (по мартовското зголемување од 8,4%) што исто така ќе биде повисоко од проектираната годишна стапка на инфлација која треба да биде под 10 отсто.
Ако трендовите продолжат вака, веќе е извесно дека растот на платите го претркаа растот на трошоците за живот, што значи дека последиците од економската криза се веќе зад нас и претстои период на стабилизација и развој, освен секако ако не дојде до некои нови регионални или светски потреси.
извор: 24info.mk
Линк https://24info.mk/