2win800x200

Срцето ми заигра кога за првпат разговарав со Ајри: Новинарката Жанета Здравковска за нејзиното интервју во „Дневник“ 2008 г.

Октомври 30, 2023
 

Новинарката Жанета Здравковска е родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, Дописник беше на дневниот весник „Дневник“, а за Радио Слободна Европа известуваше од 2002 година.

Во два наврати добитник е на наградата „Менде Петковски“ за најдобар дописнички прилог. Таа е дел од големиот новинарски борд кој остави значаен белег во регистрирање на најбитните случувања во Битола меѓу кои беше и посетата на Ајри Демировски во 2008 г. за кое повеќе се заинтересиравме да ја контактираме и запрашаме да ни раскаже нешто повеќе околу тоа. интервјуто е преземено од порталот Бабам Битола. 

На интервјуто со почесниот граѓанин на Битола Ајри Демировски направено за весникот Дневник пред 15 години на 17.03.2008 г. стои Жанета Здравковска. Денес сигурно го паметите овај настан. Какво беше чувството да се разговара со Ајри?

Како новинар од секогаш сум имала афинитет да пишувам за работи и лица кои оставиле трајни вредности за Битола. И што беше многу важно, „Дневник“ секогаш ми оставаше доволен простор низ неговите страници да ја распостелам душата на Битола.

Така беше и со Ајри Демировски, тој март 2008 година, кога го направиве интервјуто, а другиот ден беше најавено на насловната страница. Го интервјуирав во лоби барот на хотел Епинал. Бев возбудена зашто знаев дека разговарам со голем човек за градот. Секогаш имам многу повеќе енергија, ентузијазам, воодушевеност, едноставно срцето ми заигрува, кога разговарам со луѓе што придонеле многу за Битола. Битолчани кои со својата дарба, талент, труд оставиле голем белег за градот, отколку кога правам разговори со политичари. Иако песните ги имаше напишано кога јас не бев ни родена, ги знаев сите и ме интересираше дали позади нив има вистински приказни. Го прашував за секоја песна и нескржаво ја отвори душата и зборуваше. Жално што во весникот интервјуто беше ограничено на половина страница. И жално што подоцна го избришав аудиото од диктафонот зашто зборуваше за секоја песна одделно, од што бил инспириан да ја напише и како ја создал. Растргната од дневното новинарство, не обрнав внимание дека имав аудио материјал кој денес ќе имаше непроценлива вредност.

>Со колегите од „Дневник“

Од каде дојде идејата за интервју?

Пред да го направам интервјуто воодушевена од посетата на Ајри на Битола, по пауза од 45 години, му се јавив на уредникот Димитар Грумар и му реков дека ќе му пратам вест. „Во Битола е авторот на антологиската песна „Битола, мој роден крај“, му реков. Не требаше понатамошно објаснување. Тој рече: „Не вест, ќе му направиш интервју“. Средбата ја договорив преку „Битолски весник“ на чија покана Ајри имаше допатувано во Битола. За да се разговара со него немаше потреба да договарате термин од денес за утре или друг ден. Тој веднаш прифати да се сретне со мене. Се сретнавме еден час подоцна и ја отвори душата пред мене како да сме стари пријатели.

Како на прв поглед изгледаше Ајри?

Изгледаше слабечок, со бела коса, но со многу благ изглед на лицато. Она што ми остави впечаток уште при првото поздравување беше неговиот топол, милозвучен глас. Тој зборуваше како да пее. Уште повеќе ме воодушеви тоа што беспрекорно зборуваше македонски јазик иако четири и пол децении живееше во Турција. Имав впечаток како да зборував со битолчанец кој никогаш не го напуштил Широк Сокак. Иако остави трајно богатство за градот, кај него немаше вообразеност и арогантност. Дури и откако го завршивме интервјуто и со колегата фотограф Дарио Јанковиќ тргнавме заедно со Ајри од Епинал до Градскиот часовник за да го фотографираме, ни требаше повеќе од четириесет минути да стигнеме дотаму. Луѓето го застануваа по Широк Сокак, го поздравуваа, го прегрнуваа, разговараа со него. Беше народен човек на кого душата му беше прирасната за Битола.

Дали се чувствуваше неговото треперење и носталгија за родниот крај?

.Во разговорот се чувствуваше неговата носталгија за родниот крај. Го прашав:„Ви фали Битола?“. Одговорот беше доста емотивен: „Каде и да го завршам животот, срцето ќе ми остане во Битола“. Така одлучив и да го поставам насловот на интервјуто „Срцето засекогаш ќе ми остане во Битола“. Рече дека неговото семејство кое живее во Турција го врзува за таа земја. Но, дека тој остана да се чувствува како битолчанец. Рече: „Битола по големина не е ни ноктот од Истанбул, но тука ми е душата“. Ми раскажа дека песната „Битола, мој роден крај“ прво ја напишал во душата, а потоа и на хартија додека учел графичка школа во Загреб. Кажа дека на почетокот никој не му верувал дека песните се негови зошто не знаел ноти. Кога ја напишал „Сношти те, Маре, сонував, на сон те, Маре, бакнував“, половина на македонски, половина на турски, морал да биде ага со лага, па во Радио Битола им велел тетка Маре од Буково ми ја даде, па чичко Борис од Новаци итн. Признал дека е авторот на песните откако првпат ја испеал „Битола мој роден крај“ пред Ацо Станковиќ поранешен директор на радиото, кој му бил голем другар. Тој бил одушевен и одлучил да ја испее на еден концерт пред театарот, на еден државен празник. Ете, тогаш првпат битолчани го слушнале тој рефрен. Публиката аплаудирала од на нога.

– Но, кога се сеќаваше на Битола од детството и младоста имаше и болка во неговиот глас и очи. Тоа беше поради сиромаштијата што ја преживеал тука. Рече дека повеќе бил гладен, отколку сит, повеќе бос од облечен, поради што и ги напишал последните стихови од „Битола мој роден крај“ во кои пее „како дете одев по тебе и бос“. Не се воздржуваше да зборува ни за првите љубови. Рече дека сите негови песни се инспириани од животни приказни, па дури и за личната Стојна која работеле како слугинка во сокак во близина на дуќанот каде бил бербер. Но, двајцата биле сиромашни и не биднало ништо од нивната љубов. Но, песната остана до денес.

Дали денес доколку би го правеле истото интервју би додале уште нешто?

Тој беше неисцрпен бунар за информации за поранешниот живот во Битола. Можев уште многу да прашувам, а тој да раскажува цел ден. Само што бев ограничена со време. Инаку денес да го правев интервјуто, а Ајри да беше жив ќе го прашав колку денешна Битола се разликува од неговата Битола и дали овој град денес повторно ќе го инспирираше да пее за него?

Стих од „Битола мој роден крај“ е испишан на гробот на Ајри Демировски во Измир

Каков впечаток Ви остави Ајри? Дали до денес имате сретнато некој кој исто или повеќе од него ја сака Битола?

Во мојата новинарска работа сум сретнала многу луѓе на кои Битола им е во душтата, од писатели, новинари, лекари, спортисти, архитекти, поети, музичари, професори… Листата е долга. И сметам дека на новинарските страници секогаш треба да им отстапуваме простор на тие луѓе, многу повеќе отколку на оние кои со политиканство и манипулации успевале да изградат кариери или да приграбат нешто од градот. За жал, во мојата работа сум среќавала многумина кои ги излажале битолачани со големи проекти, а откако успеале да стигнат до некоја функција, го напуштиле градот.

Кое е вашето мислење за нашата иницијатива доставена до Општина Битола Ајри да добие улица во Битола, а зошто да не и спомен обележје?

Ја поздравувам вашата идеја и ја поддржувам целосно. Сметам дека треба да му се посветат и улица и спомен обележје. Ако тоа не го направиме за човекот кој го прослави градот насекаде низ светот со песната, тогаш за кого? Ова требаше да се направи уште многу порано, но не е доцна ни сега. Очекувам Советот на Општина Битола да ја прифати вашата иницијатива.

Дали на Битола му се потребни повеќе луѓе како Ајри кои ќе ја величат со нивните текстови, ја опејуваат и сакаат Битола…?

Битола има многу битолчани кои со своите дела покажуваат колку го сакаат и им значи градот. Но, дали се прифатени од средината, дали таа им го оддава заслуженото внимание и почит? Или пак, треба некој да умре за градот да почне да го величи. За жал, сме имале многу такви примери. И на крај колку секој од нас е подготвен да ѝ помогне на Битола преку волонтерски акции, иницијативи кои не зависат од пари. Нашите предци носејќи ги градежните материјали на плеќи го изградиле Копанки, а ние веќе десет години не можеме да го обновиме. Изгоре домот Ловечка на Пелистер, никој не мрдна со прст, не се знае ни кој е виновникот, пропаѓа Детското одморалиште, градби со стара архитектура, Широк Сокак стана тесно грло од масите на кафулињата. Немаме автопат за никаде, а сега ни возови. Се караме дали да има велосипедски патеки или реконструкција на Парк, а зошто да не двете? Треба многу да се работи за да ги менуваме работите и со исполнетост да можеме да испееме „Битола, леле шуба си“.

Зоран Ѓоргиев

Извор: https://babambitola.mk

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани