АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Универзитетите треба да размислуваат за намалување на бројот на студенти бидејќи не може и не смее да се фалиме дека 93,8 проценти од средношколската популација се запишала на факултет, а да имаме интелигенција која виси на пазарот на трудот, рече Димче Настоски, директор на Гимазијата „Мирче Ацев“ од Прилеп на денешната средба на директорите на средните училишта со Управата на Битолскиот универзитет.
„Од една страна викаме дека имаме околу 19 проценти невработеност, а од друга страна имаме недостиг на работна рака, односно квалификувана работна сила. Усогласувањето меѓу училиштата и унивезитетите ќе придонесе за една поквалификувана високо образована интелигенција која нема да виси на пазарот на трудот. Универзитетите треба да размислуваат за намалување на бројот на студентите бидејќи не може и не смее ние да се фалиме дека 93,8 проценти од средношколската популација ни се запишала на високо образование. Тоа е едно деградирање на високото образование и давање дипломи кои немаат никаква ефикасност на пазарот на трудот“, рече директорот.
Според него задолжителното средно образование не е рак рана на македонското образование, туку кавлитетот што се стекнува.
„Добро е децата да имаат средно образование. Но, прашањето е за квалитетот на наставните планови и програми и на она што се вади на пазарот на трудот. Сега во 21 век ние да имаме уште неписмени или со основно образование, не е во ред. Но, ако се сфати задолжителното средно образование како задолжително завршување без потребниот квантум на знаење тогаш е лошо“, додаде Настоски.
Ова е прва ваква средба на директорите на средните училишта ид Битола, Прилеп, Охрид, Ресен и Демир Хисар со универзитетската Управа. Се одржа по иницијатива на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола. Целта е да се споделат искуства и да се унапреди образованието.
„Предизвиците се состојат во промената на средината. Учениците кога ќе дојдат на факултет не се научени на новиот систем на предавања, новиот систем на пренесување на знаењето ,од повеќе формален би го рекол, во делот на гимназиското или стручното образование, кон еден послободен и понеформален. Треба да споделиме размислувања како на еден поиновативен начин тоа да го направиме ние и тие и да не се разликува толку. Ученикот од четврта година да не ја чувствува разликата дека сега е нешто многу различно и така побрзо ќе ги совлада знаењата“, рече ректорот Сашо Коруновски.