АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Верскиот празник „Св. Недела“ повторно ги собра на едно место велувци, без оглед на тоа каде сега живеат, дали во Битола, во државата или во туѓина, во САД, Канада, Австралија, Европа . Дворот на селската црква која се наоѓа во центарот на Велушина спроти некогашниот Дом заживеа со верниците, кои присуствуваа на свечената црковна литургија , заеднички ручек , музика и пријатна атмосфера каде се разменуваат спомените за Велушина некогаш, кога селото броеше и над 1500 жители. Велувци велат дека доколку би се собрале сите на едно место би биле над 5000 жители.
Црквата Св. Недела во село Велушина е мала еднокорабна градба .
Во битолското село Велушина има девет цркви. Според мислењата на стручни лица, тоа е село со најмногу цркви на едно место. Но, црквите во селото се поврзуваат и со уште еден интересен податок, фактот, дека токму во Велушина се наоѓаат икони од 18. век, што не е случај со другите краишта во Битолско, но и во државата.
За велувци посебно значајна е црквата Успение на Богородица позната како Голема Богородица, манастирот Св. Ѓорѓи обновен во 1848 година во кој некогаш имало и калуѓерско братство, двете поствизантиски цркви, Св. Атанасиј и Св.Илија кои се од периодот на 15. до 17. век, а кои сега се гробјански цркви. Во Велушина е и манастирот Св.Врачи или манастир на двајца браќа, потоа црквите Св. Никола, Св. Петка и Св. Недела во која најчесто се организирале венчавки. Некои од црквите ги граделе поединци врз основа на лична желба или пак врз основа на желба за возобновување на одредени цркви.