Една од основните наши задачи во време на изолација е како да се справиме со актуелната состојба, со стресот кој сите го преживуваме. Кои стратегии да ги користиме за да го сочуваме нашето ментално здравје? Како да се одржи позитивно расположение во време на криза и изолација? Тоа се прашањата кои секој човек си ги поставува деновиве.
Најважно е да се прифати реалноста таква каква што е и да се обидеме да се адаптираме на ситуацијата и да поставиме граници што е во наша моќ да направиме, а што не можеме да го промениме и да го прифатиме како такво. Ментално здрава личност има капацитети и способности да се прилагоди на предизвикот на актуелната ситуација. Стратегии како ќе се справиме со стресот во состојба на криза има многу, и секој ги избира оние кои најмногу ќе му одговараат да се справи со стресот. Во оваа прилика ќе наброиме неколку стратегии за справување со стресот во состојба на изолација.
1. ДА ПРЕПОЗНАЕМЕ И ДА ПРИФАТИМЕ ДЕКА АНКСИОЗНОСТА Е СОСЕМА НОРМАЛНА
Сосема е очекувано да се појави анксиозност кај луѓето во ваква кризна ситуација. Анксиозноста всушност ни помага да се заштитиме, и во одредена доза е дел од нормалното функционирање на индивидуата, и затоа е важно да ја прифатиме анксиозноста како нормална состојба во време на криза. За да ја намалиме анксиозноста во ваква кризна ситуација, потребно е да го ограничиме времето кое го поминуваме пред екраните и изложеноста на премногу информации за ситуацијата и да избегнуваме постојано да сме бомбардирани со информации, со бројот на заразени и смртни случаи, особено да не се контаминираме со катастрофични сценарија, кои нема воопшто да ни помогнат, туку само ќе ни го зголемат нивото на стрес и анксиозност, да ги следиме препораките од проверени извори на информации, од стручни компетентни лица и од одговорните институции. Потребно е критички да ги примаме сите информации од непроверени извори, особено во време на електронски и социјални медиуми кога има мноштво на непроверени информации, шпекулации и лажни вести.
2. ПОСТАВУВАЊЕ ГРАНИЦИ
Во стресни и кризни ситуации, особено кога сме во изолација и ни е ограничено движењето, многу е важно и полезно да ги поделиме проблемите во 2 категории: работи кои можеме да ги промениме и кои зависат од нас како поединци и работи кои не можеме да промениме и кои не зависат од нас. Многу е важно во оваа ситуација да ги разграничиме тие работи. Да поставиме реални граници што е во наша моќ, а што не е, што зависи од нас лично, а што не.
Она што не можеме да го контролираме и не зависи директно од нас е како ќе се одвива и колку ќе трае оваа кризна ситуација, како ќе се заоструваат мерките кои државата ќе ги презема како би се забавила пандемијата.
Она што зависи од нас е нашето движење, нашата лична одговорност кон нашето здравје и здравјето на нашите блиски. Значи ние сме одговорни за нашето движење, поточно да го ограничиме нашето движење само на извршување на најнеопходните активности, со што ќе се заштитите себе си и своите најблиски, а и пошироката заедница. Да се придржуваме до препораките за движење и за лична хигиена, со што секој од нас индивидуално ќе придонесе во намалување на интензитетот на ширење на вирусот, ќе се заштити себе си и своите блиски.
3. ОДВЛЕКУВАЈТЕ ГО ВНИМАНИЕТО ОД КОРОНА КРИЗАТА
Она што во ваква ситуација на криза зависи од нас е она што можеме да го правиме додека сме во изолација во домот и да си креираме активности кои ќе ни го пополнат времето и ќе ни помогнат да го оттргнеме вниманието од актуелната ситуација. Важно е да направиме една дневна рутина, да одвоиме време за обврски и работа, за учениците време за учење, пишување домашни задачи, следење он-лајн настава, да издвоиме време за забава, за малите деца време за игра, потоа гледање на филмови, серии, музика, нешто што го сакаме, читање книги, цртање, занимавање со некои хоби итн. Значи да осмислиме активности кои ќе ни помогнат да го тргнеме вниманието од корона вирусот и ќе ни причинат задоволство и ќе ни ја подигнат позитивната енергија.
4. ДА НАЈДЕМЕ НАЧИН ДА СЕ ПОВРЗИМЕ СО ПРИЈАТЕЛИТЕ И БЛИСКИТЕ ОД КОИ СМЕ ОДДЕЛЕНИ ВО ИЗОЛАЦИЈА
Особено тешко ни паѓа во изолација тоа што сме одвоени од одредени луѓе кои ни значат, кои ни се блиски, пријатели, роднини, и тоа создава дополнително чувство на нервоза и загриженост. Многу е важно да најдеме начин да се поврзиме со блиските луѓе. Тоа барем денес е лесно и има многу начини, преку социјалните мрежи, кои во овој случај ќе ја надоместат социјалната дистанца која мора да ја почитуваме поради изолацијата како би се заштитиле од ширење на вирусот. Можеме преку он-лајн комуникација да воспоставиме конференциска врска со повеќе пријатели како би се дружеле, би се забавувале и би разменувале информации, би можеле да измислиме разни он-лајн игри, предизвици кои ќе ни го пополнат времето и ќе не расположат. Тинејџерите особено можат да бидат креативни во тоа. Но, не треба ни со изложеноста пред екраните да се претерува, затоа што и нивната прекумерна употреба ја зголемува анксиозноста и нервозата и може да има контраефект.
5. ПОСВЕТЕНОСТ НА СЕБЕ, ОТКРИВАЊЕ НА НОВИ ПОТЕНЦИЈАЛИ НА ЛИЧНОСТА
Ова е особено корисно да го направиме, да се посветиме на себе, да бидеме во контакт со себе си. Ако има нешто што сме го сакале одамна да го направиме, но не сме имале време, ако сме сакале да научиме нешто, да се занимаваме со некое хоби, да читаме некоја книга, да свириме на некој инструмент, да цртаме, да пишуваме поезија, проза, да учиме јазик, да медитираме, да се релаксираме, сега е моментот тоа да го направиме, затоа што имаме доволно време. Посветеноста на себе, и наоѓањето на нови начини да откриеме некои свои капацитети, е особено продуктивен начин да се грижиме за нашето ментално здравје. На овој начин ќе откриеме некои наши подзаборавени потенцијали, кои сега можеме да ги развиваме и да стекнеме еден нов квалитет на личноста, кој духовно ќе не збогати и времето во изолација ќе ни го направи подносливо.
6. СВЕСНОСТ ЗА ЕМОЦИИТЕ
Многу важно е да бидеме свесни за сопствените чувства и стравови и да не ги криеме, да не се спречуваме да ги изразиме, туку да ги споделиме со најблиските, да не чувствуваме срам, затоа што сме исплашени, збунети, дезориентирани, испаничени, анксиозни, депресивни, потиштени, безволни, туку слободно да ги изразиме, да зборуваме за нашите чувства, да побараме поддршка од блиските, што ќе ни помогне не само да го споделиме емотивниот товар поради ситуацијата, туку и да добиеме социјална поддршка. Во вакви кризни моменти многу е важно да управуваме, да менаџираме со чувствата, да ја одржиме нашата емоционална рамнотежа, но и баланс на когнитивен план.
Пропуштањето на социјалните настани кои ни биле испланирани, работните обврски, дружењето со пријателите, неможноста да се занимаваме со некои наши хобиа, спортски активности, натпревари, е многу разочарувачко и фрустрирачко. Неможноста да ги реализираме своите долгогодишни навики знае да биде стресно за луѓето од сите возрасти.
Возрасните, поради изолацијата се принудени да се откажат од некои долгогодишни навики, како прошетки и пешачење на свеж воздух, на сонце и тешко го доживуваат тоа. Некои имаат потреба тие прошетки да ги прават и од здравствени причини, што и тоа како може да им се одрази на нивното здравје.
Младите, пак, тешко ја поднесуваат изолацијата зашто водат еден динамичен социјален живот, тие се полни со енергија, која во состојба на изолација нема каде да ја потрошат. Сето тоа фрустрира, создава нервоза, гнев, бес, немоќ да се измени ситуацијата, што може да биде причина и за жестоки караници меѓу членовите на семејството, па дури и за насилство.
Овие чувства и состојби ќе се интензивираат како ќе се оддолжува состојбата на изолација, особено ако се знае дека во многу семејства живеат и повеќе генерации, во кои секој има сопствени потреби, и ако се знае дека сега сите се принудени да бидат затворени на еден простор, без можност да излегуваат, без сопствен простор, може сериозно да ги наруши односите меѓу членовите на семејството. Како ќе се пролонгира изолацијата, така ќе се зголемува фрустрацијата, нетрпеливоста, напнатоста, бесот, немоќта да се измени нешто.
Особено на стрес се изложени дисфункционалните семејства во кои и претходно биле нарушени односите, а сега дополнително можат да се влошат затоа што сите членови на семејството се принудени да бидат 24 часа заедно. Во многу семејства имаме нарушени партнерски односи, што изолацијата може дополнително да ги влоши односите, па дури да ескалира со семејно насилство. Кај таквите семејства, во вакви моменти на изолација, можат да се најдат начини и време, да се поразговара отворено за проблемите, да се смогнат сили да се надминат некои недоразбирања, па дури и да се изнајдат начини да се подобрат партнерските односи, да се поразговара за сите прашања, за незадоволени потреби, за кои претходно се немало време или не се разговарало, па може состојбата на изолација и креативно да се искористи, да се надминат проблемите, да се посветат партнерите еден на друг, сега е момент да најдат време за себе, да се сослушаат еден со друг, да се обидат да ги подобрат односите. Секако на тие дисфункционални семејства им е потребна и стручна помош и поддршка, која државата е должна да ја обезбеди и во вакви услови.
Многу е важно да бидеме свесни дека секој различно ја доживува изолацијата, секој има различно ниво на толеранција на фрустрација и различно реагира и се справува и со ситуацијата и со сопствените емоции, и затоа е потребно да се направат одредени компромиси за тоа како ќе се организира фунционирање на едно семејство. Да се изнајдат начини и стратегии кои ќе им одговараат на сите во семејството, секој да најде свој простор и време да задоволи некои свои базични потреби.
Еден од начините да се справиме со нашата емотивна состојба е да се соочиме со емоциите, да си дозволиме да ги почувствуваме, какви и да се тие. Ако сме тажни сосема е нормално да се исплачеме, да си дозволиме да излезат емоциите од нас, да си дозволиме да го почувствуваме бесот, гневот, нервозата, односно да ги чувствуваме сопствените чувства. Кога ќе осетиме болно чувство, единствен начин да излеземе од тоа, е да поминеме низ тоа чувство, да го доживееме. Процесирањето на чувствата е различно кај секого. Некои луѓе кога се тажни, плачат, некои можат да бидат креативни, да творат, да пишуваат, некои сакаат да зборуваат, некои се затвораат во себе, не сакаат да разговараат за тоа. Важно е да ги почитуваме и сопствените и туѓите чувства.
7. ДА БИДЕМЕ ЉУБЕЗНИ КОН СЕБЕ И КОН ДРУГИТЕ, ДА ГО СПРЕЧИМЕ ГОВОРОТ НА ОМРАЗА
За жал, многу од луѓето се изложени и на малтретирање поради состојбата со вирусот, стигматизирани се, обвинувани дека се заразиле, изложени на омаловажувачки навредливи коментари, на јавни навреди, говор на омраза, дури се изложени и на јавни повици за нивна ликвидација и јавен линч, особено на социјалните мрежи, што кај нив може дополнително да предизвика непријатни емоции и да ја зголеми состојбата на стрес.
Она што секој од нас како поединец може да го направи е да бидеме свесни дека се работи за заразна болест, дека никој не сака да се зарази, ниту да ги инфицира своите најблиски, дека никој не би го направил тоа намерно, освен во исклучително ретки ситуации ако станува збор за психички пореметена личност или крајно неодговорни поединци. Не смееме да подлегнуваме на говорот на омраза, особено на социјалните мрежи, на непроверени информации, да не сатанизираме и стигматизираме никого, да не се труеме со негативни емоции, зашто ќе се влоши нашето ментално здравје ако континуирано сме изложени на негативни емоции.
Исто така, треба да бидеме свесни дека говорот на омраза и стигматизирањето и тоа како негативно се одразува и на оние лица кои се во изолација, а кои се болни и на нивните фамилии, и кои покрај тоа што треба да се соочуваат со самата болест, треба дополнително да бидат изложени и на осуда и напади од средината, а во исто време се соочуваат и со последиците од изолацијата. Тоа воопшто не е лесно психички да се издржи и може да има сериозни последици по психичкото, а и по физичкото здравје и кај заболените да влијае и на нивното опоравување. Изложеноста на вакви мултистрес фактори може да доведе до попуштање на механизмите на одбрана на личноста, што може да резултира со посериозни психолошки нарушувања и депресивни состојби, па дури и да доведе до обид за сиуцид или сиуцид.
Затоа потребно е да негуваме односи на меѓусебна поддршка, која на сите ни е потребна во вакви ситуации, да бидеме љубезни едни кон други, зашто секој индивидуално си знае што и како чувствува, секој си носи сопствен товар како се справува со сето ова и треба да бидеме емпатични. Многу е важно во вакви ситуации да си дадеме меѓусебна поддршка, разбирање, солидарност, љубов, дека никој не е оставен сам на себе, дека има некој тука за него кој ќе му помогне за било што да му треба, да се охрабриме едни со други дека сме посилни од секое искушение и имаме механизми да се справиме со ова. На тој начин се зајакнува духот и позитивната атмосфера, надежта, вербата дека се ќе биде во ред, дека заеднички имаме капацитет да ја надминеме оваа ситуација, за излеземе посилни и помудри и повеќе да ја цениме убавината на животот.
Доколку, сепак, не можеме самостојно да се справиме со стресот со кој се соочуваме, секогаш на располагање ни е стручна психолошка помош која можеме да ја побараме.