АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Денеска, кога светот го одбележува меѓународниот ден на слободата на медиумите, упатувам искрени честитки и огромна благодарност до медиумите и медиумските работници во нашата земја, за нивниот влог во справување со борбата со КОВИД-19.
Од првиот ден кога, како земја, се соочивме со вирусот кој го промени животот на милиони луѓе ширум светот, бевме уверени дека само точна, навремена и транспарентна комуникација може да придонесе во сузбивање на паниката и подигнување на јавната свест за една од најголемите закани по светот во изминатите децении.
Паралелно со справување со пандемијата, светот се бори и со дезинформации и лажни вести, кои во вакви услови можат да бидат поопасни и од самата пандемија. Од друга страна, точните информации и известувањето базирано на факти се лек за човештвото и единствен начин да се добијат големите битки.
Во вака комплексно опкружување, медиумите и медиумските работници се повеќе од спрега помеѓу институциите и јавноста. Тие се партнер кој рамо до рамо со институциите игра важна улога во справување со кризата. Нашите медиуми професионално одговорија на предизвикот и останаа на висина на задачата за што сум искрено благодарен.
Отворени институции, слобода на медиумите, фер и транспарентно известување е кодекс кој треба да го следиме во криза, но и во мирнодобски услови. Само така потврдуваме дека сме посветени на демократските вредности и дека водиме грижа за еден од основните столбови на демократијата.