АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Апла: Какво беше искуството во првото полугодие од учебнатната година со оглед на тоа дека наставата се изведуваше онлајн?
Л.Споа-Цела оваа состојба со пандемијата, не прави да се чувствуваме различно од порано и ние и учениците. Училиштето во текот на прввото полугодие беше празно, училниците празни, ни недостасуваа учениците, ни недостасуваше нивната смеа, нивните гласови, едноставно ни недостасуваше сета онаа училишна атмосфера на која сите ние сме навикнати. Во разговори со учениците, тие споделуваат дека се би направиле што побрзо да се вратат во училишните клупи, тешко им е, се што им беше вообичаена практика, излегување, дружење, патување, сега им е сведено на минумум. И ним им недостасуваше наставата со физичко присуство и кажуваа дека ништо не може да ја замени атмосферата за време на часовите во Гимназијата.
Апла: Што презеде психолошко-педагошката служба во Гимназијата?
Л.Споа-Сега со завршувањето на првото полугодие, можам да истакнам дека ние како стручна служба, односно јас како психолог цел овој период сум во секојдневен контакт со учениците, мојот телефон, e-mail е секогаш достапен за нив и за нивните потреби, дури и за време на викенд. Јас сум тука за нив, тие тоа го знаат, така било секогаш, така и ќе биде, особено сега за време на пандемија, период кога им сум нај потребна. Изминатите месеци реализиравме повеќе онлајн активности, предавања, работилници, настани, одбележавме значајни денови, организиравме новогодишна хуманитарна активност и новогодишен онлајн концерт со музичките бендови.
Апла-За кого ситуацијата беше постресна?
Л.Споа-Подеднакво. Новиот начин на настава, кај наставниците предизвика стрес и огромен ангажман, се со цел да им обезбедат квалитетна настава на учениците. Го поздравувам нивниот труд и посветеност на кого јас како психолог бев сведок овие месеци. Новиот начин на реализација на наставата беше стресен и за учениците. Сите ние и наставниците и учениците имавме по некој заболен во фамилиите, некој што го прележал вирусот, некој што чека резултати или некој кој потешко се бори со болеста. Мојата помош и поддршка и тоа како им беше потребна не само на учениците и родителите, но и на колегите наставници.
Апла- Како се реализираат советувањата?
Л.Споа-Советувањата со учениците се реализираа на неколку начини: телефонски, преку формирање на група на Microsoft Teams а имаше и дел од учениците кои доаѓаа и со физичко присуство , секако тоа беше со претходно договорени термини и почитување на мерките. Имавме ученици кои потешко ги допре целава оваа ситуација, тешко им беше да го совладаат наставниот материјал за време на онлајн часовите, тешко им беше да се изразат и да научат обемен матерјал за кратко време. Имавме ученици кои изгубија родители, баби, дедовци, блиски роднини, имавме ученици кои и самите тие и нивните семејства беа заболени од вирусот. Имавме и мал дел на ученици кои немаа техника да ја следат наставата, но ние како училиште со средства од општината им обезбедивме лаптопи на реверс. Имавме секакви ситуации со кои секојдневно се справувавме. Мојот телефон постојано звони со повици од ученици и родители на кои им е потребна помош и на кои безрезервно им помагав и сѐ уште им помагам.
Апла:Што ги советувате учениците?
Л. Споа- Во сите овие месеци се вклучував на класните часови на кои им давав насоки за справување со стресот за време на пандемија. На Microsoft Teams заедно со мојата колешка педагог креиравме група каде што се вклучени сите ученици и нивните родители, се со цел полесна комуникација со сите како и споделување на матерјали и насоки. Организирани беа и интерактивни предавање на тема : Грижата за менталното здравје за време на пандемија на кои учениците споделуваа како тие лично и нивните семејства се справуваат со целава ситуација. Ги советувам дека ситуацијата во која што се наоѓаме не е наш избор и нема да трае вечно. Ние не можеме да ја избереме или да ја промениме состојбата во која што се наоѓаме поради пандемијата, но затоа пак можеме да избереме како и на кој начин ќе реагираме. Ги насочувам свесно и разумно да размислуваат и да ја прифатат ситуацијата таква каква што е, да не се плашат, да живет среќно и смирено да ги прифаќаат секојдневните промени. Сакам и се трудам да ги насочам позитивно да размислуваат, а не да им зборувам за последици , често ги засмејувам на состаноците, и секогаш се трудам да ги расположам. Во тоа ми помага и Младинскиот актив на гимназијата кој е составен од сите претседатели и заменици на класови. Со младинскиот актив на кого сум особено горда, ова полугодие реализиравме интересни предавања и настани на Microsoft Teams.
Апла-Дали имавте заеднички активности психолозите од училиштата во земјава?
Л. Споа- Среќна сум што неколку месеци сум член на групата „Заедно за менталното здравје“ во која сме вклучени сите психолози од основните и средните училишта. На состаноците со психолозите од нашата држава, споделуваме матерјали, креираме протоколи за ученици, наставници и родители, си помагаме едни со други и се залагаме за заштита и промоција на менталното здравје.
Апла-Заврши првото полугодие, дали учениците беа исполнителни?
Л. Споа-Можам и гордо да споделам дека учениците во нашата гимназија и покрај сите потешкотии докажаа дека и со онлајн настава се солидни и исполнителни. Полугодието го завршивме со традиционална хуманитарна акција која ја реализираме секоја година пред нова година и среќни сме што и покрај овие услови одлично се организиравме и израдувавме десет социјално загрозени семејства. Новата година нека ни донесе еден нов почеток во кој сите ќе бидеме среќни и ќе уживаме во едно подобро утре.