2win800x200

Дигитализацијата на учебниците – пат кон иднината или осакатување на младите генерации(пишува Марија Младеновска-Димитровска)

Април 27, 2021

 

Деновиве, сведоци сме на вистинска експлозија на негодување во јавноста поради најавата на МОН за дигитализација на учебниците. И како и секоја наша реформа во изминатиот период, прво се најавува помпезно, избрзано, без стручна и детална анализа на состојбите, без добро осмислена стратегија за нејзино спроведување, за потоа времето и реалноста да ни покаже дека наместо реформа, тоа е само уште едно фијаско, кое, за жал, секогаш е на штета на младите генерации, кои во сите изминати години се злоупотребуваат и користат за разни експериментирања, чии последици се и ќе бидат несогледливи.
 
Резултатот од сите мегаломански, импровизаторски, квазиреформи не доведоа тука каде што сме денес – да имаме уназадено образование и се послаби генерации ученици. Од сите тие “големи“ реформи по Кембриџ, по фински, шведски и не знам каков модел, денес имаме генерации ученици кои не знаат да читаат, не ги знаат основните математички операции, имаме уназадување на логичко-математичката интелигенција, се послаба лингвистичка интелигенција, генерации кои немаат развиено вербално и пишано изразување, имаат слабо развиена фина моторика, се послаба креативност, а да не зборуваме за развојот на високите ментални функции како критичкото, формално-логичкото и апстрактното мислење. За сето тоа сносиме одговорност сите, без исклучок.
 
И откако се најавија и веќе започнува реализацијата на реформите во основното образование со фузирање на одредени наставни предмети, деновиве се најави уште една реформа - дигитализација на учебниците. И како по обичај, јавноста се подели про и контра дигитализацијата.
Иако за волја на вистината ние не можеме да живееме надвор од современите текови, а секако дигитализацијата е неминовна во современиот свет и таа е дел од нашето секојдневие, сепак, категорично сум против целосна дигитализација на учебниците, зашто тоа ќе придонесе за уште поголем пад на процесот на учење кај младите генерации. И далеку поразвиени држави од нас како Германија, Франција, САД, Јужна Кореја, кои спроведоа дигитализација на учебниците и на наставата, кога ги увидоа негативните последици по когнитивните способности на учениците, дел од нив го ограничија користењето на дигиталната технологија во наставата.
Од психолошко-педагошки аспект воведување на дигитализацијата на учебниците ќе придонесе само за уште поголем пад на учењето и ќе предизвика уште поголеми проблеми при изведувањето на наставата и при совладувањето на материјалот. За ова што го тврдам постојат сериозни светски научни истражувања како дигитализацијата влијае негативно на развојот на когнитивните способности на учениците и на степенот на совладување на материјалот.
Замената на печатените учебници со дигитални, ќе го намали квалитетот на совладувањето на материјалот, иако навидум се чини дека дигиталните учебници ќе го подобрат и олеснат совладувањето на материјалот и ќе го направат поинтересен за децата.
 
Самата преголема изложеност пред екраните негативно влијае врз когнитивниот и емоционалниот развој на децата и предизвикува низа здравствени проблеми. Наставата не смее да се сведе само на дигитални содржини на сметка на класичното учење и интеракцијата и комуникацијата ученик-наставник. Потпирањето на дигиталните содржини во текот на часот неминовно ќе придонесе за намалување на таа интеракција и ќе го насочи ученикот да пребарува низ дигиталните содржини во дигиталните учебници, линкови и други мултимедијални алатки. Преголемата изложеност на дигитални содржини доведува до бомбардирање на мозокот на децата со огромен број информации кои тие не можат да ги процесираат, што доведува се повеќе до појава на т.н. деконцентриран ум или distracted mind и до појава на т.н. дигитална деменција, или дигитална заборавност.
Испитувањата на мозокот кај децата покажуваат дека кај децата кои поминуваат многу време пред екраните послабо се развиени региите на мозокот кои се задолжени за насочување на вниманието, за процесите на помнење, за планирање и организација, за емоционална регулација и самоконтрола. Ова можеме да го забележиме и во секојдневието, кога се почесто гледаме кај децата неможност за ретенција на вниманието, хипервигилност и хипотенацитет на вниманието, неможност да помнат, намалена способност за учење, преосетливост на нервниот систем, раздразливост, нервоза, испади на бес, гнев, лутина. Тоа се последици од прекумерната изложеност пред мониторите и изложеност на дигиталните технологии. Претходно психолозите советувавме да се редуцира колку што е можно повеќе изложеноста на децата пред екраните, затоа што докажано негативно влијаат на психофизичкиот развој на децата, а сега со онлајн наставата тие се речиси половина ден изложени пред мониторите, а згора на сето ова ќе треба и да учат од дигитални учебници.
Информатичката технологија во никој случај не треба и не смее да го замени наставникот, хартијата, учебникот, моливот. Ова се однесува и на дигиталните учебници, каде децата треба со еден клик да отворат некоја страница, некој линк, со еден клик да одговорат на разни онлајн тестови. Каде е тука развојот на фината моторика, развојот на графомоторните вештини, моторната координација око-рака, развојот на говорните вештини, кои се и тоа како важни за процесот на учење. Затоа не треба да не чуди што се повеќе во практиката имаме деца кои имаат проблеми со пишувањето, дисграфија, диспраксија, со говорот, а ќе имаме се повеќе такви проблеми, ако не се вратиме на докажаните методи на учење кои се практицирале со векови, а тоа е пишување и класично читање и учење од книги.
 
Истражувањата направени во светски рамки во држави кои веќе ја вовеле дигитализацијата, покажале дека при читање и учење од дигитални учебници, доаѓа до појава на т.н. плитко читање, односно читање без задлабочување во текстот, до нарушување на процесот на складирање на податоците од краткотрајната во долготрајната меморија, токму поради т.н. “ефект на прекинување“, која се јавува при учење од дигитални учебници, кои најчесто се компилацијата од мултимедијални содржини, исполнети со многу илустрации, линкови, со вметнати аудио и видео материјали во текстовите, кои го прекинуваат текот и поврзаноста на текстот и предивикуваат нарушување на вниманието кај децата и прекини во читањето, што го оневозможува процесот на задлабочување и разбирање на материјалот што се чита и се учи, што е неопходно за материјалот да се разбере и совлада.
Друг проблем при користење на дигиталните учебници е когнитивното оптоварување кое се јавува при учење од дигитален текст, кога ученикот треба во одредени моменти да донесе одлуки и да одговори на некои барања, да се пренасочи на некои линкови, мултимедијални содржини, на друг извор, како на пример следење и на работата на наставникот на онлајн платформата или на “паметна“ табла во една дигитална училница итн. И таквите ситуации на когнитивно оптоварување доведуваат до попречување на процесот на разбирање кај ученикот.
 
Често пати не се педагошки ни методолошки издржани тврдењата на оние кои ревносно се залагаат за дигитализација на учебниците, дека со нив учениците полесно ќе учат. Ако се направи квалитативна анализа, ќе се види дека тоа не е така, затоа што креаторите на дигиталните учебници, најчесто во обидот да ги доближат учебниците до децата и да ги направат што поинтересни, претеруваат во имплементирање на мултимедијалните содржини, или ги мулти димензионираат како би го направиле учебникот што попривлечен за децата и поинтерактивен, а тоа може да има контраефект, затоа што само предизвикува непотребна дистракција на вниманието на децата од една мултимедијална содржина на друга и наместо полесно разбирање на материјалот доведува до конфузност кај децата, до когнитивно пренатрупување со непотребни информации, што го отежнува процесот на учење и стекнување на знаења. Се оди на тоа дигиталните учебници да бидат што поатрактивни за децата и наставните содржини да се прикажуваат како видео игри, што доведува навидум до брзо усвојување на материјалот, но тоа знаење е само површно и нема суштинско разбирање на материјалот, ниту критичко размислување.
Читањето и учењето од печатени текстови има како ефект длабинско разбирање на материјалот, за разлика од читање на дигитални текстови, каде често имаме површно или плитко читање на материјалот без длабинско разбирање, “прелетување“ низ материјалот, дистракција на вниманието поради алатките за навигација на текстот, разните линкови, други вметнати аудио и визуелни медии итн.
 
Друг сериозен проблем кој се јавува при дигиталното читање, е проблемот со разбирањето на материјалот при читање на подолги и посложени дигитални текстови, т.н. хипер текстови, брзо губење на интересот кај учениците и проблеми со т.н. континуирано или одржувано внимание, кое е неопходно за длабинско разбирање на текстот и задлабочување во материјалот кој се чита. Ова е последица и на тоа што дигиталниот текст е “недопирлив“, зашто меѓу текстот и читателот стои екранот, додека при читање на печатен текст контактот е директен и читателот ги користи своите раце активно, со подвлекување на текстот, обележување на текстот, со правење на забелешки итн., сите тие мнемонички техники кои играат важна улога во читањето, помнењето и учењето.
При дигиталното читање на текст имаме прелетување низ материјалот, распрсканост на вниманието, нема ментално мапирање на материјалот, нема соживување со материјалот, ни задлабоченост во истиот.
Ова што го тврдам би го поткрепила со неколку издржани научни истражувања.
Така, на пример, Hillesund (2010) во своето истражување утврдил дека при читањето на дигитални содржини онлајн е карактеристично прелетување низ материјалот, површно прегледување, прескокнување, без задлабочување во материјалот и увидување на целокупниот контекст што е одлика на дисконтинуирано и фрагментирано читање, додека печатениот материјал се чита со ред и концентрирано. Nielsen (2010) во свое истражување утврдил дека испитаниците кога читале текст на Ајпад биле поспори за 6,2% од оние кои читале печатен текст.
Некои истражувања, како на пример на Morineau и соработниците., покажале дека испитаниците послабо ја разбираат содржината кога читаат текстови во дигитален облик, отколку кога читаат печатени текстови. Mangen (2008) истакнува дека кај децата кои читаат дигитални текстови, доаѓа до недоволно развивање на мозокот и слабеење на критичкото мислење. “Прекумерната, некритичка и исклучива употреба на дигиталните текстови доведува до развој на т.н. “digital natives“ “дигитални домородци“ (Bennet, et. al, 2008), односно децата да не бидат способни за класично читање (Giffard, 2009).
Според истражувања направени во САД и Велика Британија, 84% од испитаниците во Велика Британија и 88% во САД, се изјасниле дека подобро ги разбираат и усвојуваат информациите од печатен текст отколку од дигитален материјал.
 
Развојот на когнитивните способности и вештините на читање со разбирање на материјалот, негово декодирање, па се до степен на критичко размислување и увидување во суштината на материјалот, се поттикнуваат со години континуирано читање и учење.
Се прашувам како ќе ги развиеме овие способности кај учениците преку дигиталното учење, кое е површно, дисконтинуирано и плитко читање. Се прашувам дали е тоа и крајната цел на сите овие “модерни“ реформи: создавање на генерации кои ќе бидат изгубени во дигиталниот свет, кој навидум им нуди неограничени можности за знаења и информации, а од друга страна ги отапува и уништува нивните когнитивни способности и креира генерации кои нема да бидат способни за критичко размислување и суштинско разбирање на стварноста која ги опкружува.
Да не зборуваме за тоа дека затворањето на децата во т.н. дигитален свет создава осамени, оттуѓени генерации, неосетливи, без емпатија, без емоции, генерации кои нема да знаат да функционираат надвор од виртуелниот свет.
Да не заборавиме и за нееднаквоста и дискриминацијата која со спроведување на дигитализацијата ќе ја направиме, зашто сите деца немаат електронски алатки за дигитални учебници. Тоа што родителите кои не сакаат нивните деца да учат од дигитални учебници, ќе можат да си ги печатат, повторно е дискриминација, зашто родителите немаат можност да им ги испечатат учебниците во боја на своите деца, па дали тие деца ќе треба да учат од црно-бели копии како од 19 век.
 
И на крајот, но не помалку важно, е ако веќе спроведуваме дигитализација на образованието, да прашам колку нашиот наставен кадар располага со вештини за да спроведува т.н. информатичка дидактика, а која се разликува и има своја специфика од класичната дидактика. Дали надлежните кои ја спроведуваат дигитализацијата слушнале за поимот информатичка дидактика? Дали и за дигитализацијата, наставниот кадар ќе се обучува ад-хок, со инстант обуки, како и за сите други претходни реформи во образованието?
На крајот би заклучила, дека свесни сме дека процесот на дигитализација не можеме да го запреме и дека таа е дел од сите сегменти на нашиот живот. Следствено на тоа не можеме ретроградно да се движиме и да ја исклучиме дигитализацијата од образованието, но оптимално би било кога дигиталната технологија би ја имплементирале во образованието во комбинација со традиционалната настава и класичните учебници, односно дигиталните уреди, алатки и учебници би ни биле само помошно средство при изведување на наставата, а не целосно да се потпреме на дигитализацијата. Потребно е да креираме добро осмислени, квалитетни образовни програми, софтвери и бази на податоци, кои ќе им го олеснат процесот на поучување на наставниците и совладувањето на наставниот материјал на учениците. Притоа не смееме да ги заборавиме ни негативните импликации кои дигитализцијата ги има врз менталниот развој и здравјето на децата, на што сме сведоци сите вклучени во образовниот процес.
 
М-р Марија Младеновска-Димитровска, психолог
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани