2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Никогаш не учев за оценка, туку за знаење, вели Марија Наумоска најдобар дипломец на Техничкиот факултет во Битола

Јули 12, 2021

 

Можеби техниката се` уште се доживува како машка професија во земјава, меѓутоа жените тоа полека, но сигурно го демантираат. Доказ за тоа е и признанието “Инженерски прстен” кое претседателот на државата Стево Пендаровски ѝ го додели на најдобриот дипломец на Техничкиот факултет во Битола, крушевчанката Марија Наумоска. Дополнителна потврда на тезата е и тоа што годинава дури 10 од 12 добитници на ова признание што се доделува на најдобро дипломираните студенти на инженерските факултети, се девојки.

„Техниката воопшто не треба да се доживува како машка професија, барем не во денешно време, каде полека но сигурно интересот за инженерството се изедначува. Лично јас, никогаш не се покаив што ја избрав техниката, ниту пак во некој момент почувствував дека техниката е машка професија. Напротив, го сакам тоа што го изучувам и се трудам теоретското знаење да го надополнам со практично“, рече Наумоска.

Не ѝ било тешко зашто го учела тоа што го сакала

Таа денес е дипломиран инженер по електротехника на насоката електроенергетски системи. За овие студии се одлучила без многу размислување. Од малечка ги сакала математиката и информатиката. Решавањето задачи секогаш ѝ претставувало задоволство, а не притисок, товар или обврска. Електро струката ја одбрала како занимање на иднината, струка во која постојано се учи и надоградува.

„Имаше периоди кога имав премногу обврски, повеќе материјал за учење или повеќе испити за полагање, меѓутоа не можам да кажам дека ми беше тешко, бидејќи навистина го сакав тоа што го учев“, вели Наумоска.

Техничкиот факултет се смета за еден од најтешките на Битолскиот универзитет. Таа успеа да дипломира во рекордно време со просек 9,95.

„Во текот на моите студии никогаш не учев за висока оцена и за висок просек. Секогаш учев за знаење и тоа што го учев се трудев да го применам во текот на мојата практична настава. Никогаш не преполагав ниту еден предмет, што е доказ дека никогаш не ми беше важно да остварам висока оцена. Оцените едноставно доаѓаат сами по себе кога ќе вложите во себе и кога учењето нема да ви претставува товар, туку задоволство и можност да се стекне што повеќе знаење кое може да ве однесе многу далеку во животот“, вели инженерката.

Иако веќе со години трае трендот на заминување на квалитетни високообразовни кадри од Македонија за странство, сепак тоа не е на агендата на Наумоска. Таа моментално е демонстратор и студент на постдипломски студии на Технички Факултет – Битола. Би сакала во иднина да работи во некоја од компаниите за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија во земјава. Или пак теоретско знаење да го искористи и да продолжи да работи во високото во образование пренесувајќи го своето знаење на идните генерации.

Бидете најдобри во она што го правите, порачува инженерката

„На младите сакам да им порачам да го студираат она што навистина го сакаат, за учењето да не им претставува обврска туку задоволство. Техничките науки се науки каде надоградувањето и идеите никогаш не престануваат. Во инженерството постојано има нови откритија, предизвици и проекти кои го прават светот подобро место за живеење. Инженерите со своите идеи, размислувања му се потребни за раст, развој и напредок на општеството. Што и да правите, бидете најдобри во тоа! Вие бидете промената која сакате да ја видите во светот“, апелира Наумоска.

Таа беше дел од најдобрo дипломираните студенти на инженерските факултет на кои претседателот Стево Пендаровски им го додели признанието Инженерски прстен. Тој е покровител на оваа манифестација што се одржа по 18 пат, во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и инженери. Доделувањето Инженерски прстен освен признание за најдобро дипломираните студенти претставува и своевиден поттик за изучување на инженерството и придонес за формирање на квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји.

Извор https://www.fakulteti.mk/news/08072021/marija-naumoska-diplomira-so-9-95-vo-rekordno-vreme-na-tehnichkiot-fakultet-vo-bitola-nikogash-ne-uchev-za-ocenka-veli-taa

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани