АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
За еден до два месеца конечно ќе се постави сончевиот часовник на Еврејските гробишта во Битола, соопшти израелскиот амбасадор Дан Оријан на последната средба со битолските новинари пред неговото заминување од амбасадорската функција. Часовникот кој е изработен според цртежите на уметникот Мати Грумберг од Израел, последното Еврејче родено во земјава пред самата депортација, кое го преживеало Холокаустот, чека повеќе од две години да биде ставен на Гробиштата поради правни работи зашто локацијата е културно наследство од прва категорија.
„Се очекуваше вистинскиот момент да се поклопат некои правни работи за да се постави споменикот. Мислиме дека конечно ја имаме можноста да го поставиме часовникот на Мати Грумберг на Еврејските Гробишта. Ние се обидувавме во последните две години имаше потешкотии, вчера се сретнав со министерката за култура, потребни се уште неколу технички работи и ако се оди по планот за еден месец до два, септември или октомври, ќе имам можност да дојдам повторно и да прославиме заедно“, рече Оријан.
Грумберг, кој го проектираше часовникот, бил роден во скопско село на 4 март 1943 година, само неколку дена пред депортацијата. На неговото семејство да преживее му помогнале христијани кои имале млин за брашно, па на таткото на Мати му дале задача да го одржува млинот и ги сокриле од фашистите,по војната зминале за Израел. Досега по негови проекти се поставени вакви часовници во Ерусалим и Њујорк, но со помали димензии. Во Битола по замислата на Мати, часовникот го изгради градежниот инженер Ѕвонко Ристевски. Висок е шест метри и со дијаметар од девет метри, направен од два тони железо и од 90 монтирани делови.
Во изминатите седум години додека траеше мандатот на Оријан беше покренат Маршот на живите во Битола, првиот хакатон натпревар меѓу младите за креативно раскажување, настани со пеење на комеморативни песни, изложби и голем број други манифестации во кои беа вклучени дури и деца со попречености. Последната негова соработка беше со Доброброволното противпожарно друштво „Архангел“ од Битола кои со свој труд и средства ги исчистија петте хектари површина од Еврејските гробишта.
На местото на Оријан доаѓа Симона Френкел, која беше амбасадор на Израел во Брисел..