АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Како локална власт во изминатите 4 години покажавме и докажавме како се води општина Новаци. Како треба да работи и функционира една локална власт која исклучиво има за цел - подобар, посовремен и попросперитетен живот за свои граѓани. Како власт која се води од социјалдемократските начела и принципи и на овие избори ќе водиме позитивна кампања. Ќе прифаќаме исклучиво конструктивни критики без оглед од која страна да доаѓаат, но никако лаги и невистини, рече на денешното обраќање до јавноста градоначалникот на Новаци Љубе Кузманоски.
„Мојот противкандидат од редовите на ВМРО ДПМНЕ Стевче Стефановски, за жал продолжува со валкана и нечиста кампања во обид да ја замае јавноста. Тоа не му успеа во изминатите 4 години, а уште помалку сега кога нашите сограѓани живеат ги ползуваат придобивките од бројните реализирани проекти. Ќе кажам на наједноставен начин-Стевче ве лаже! Ај што ве лаже, туку е и смешен! Стевче не е тој што може да ги зголеми субвенциите во земјоделието, бидејќи и самите знаете - тоа може да го направи само Владата“, рече Кузманоски.
-Кажува дека сме направиле непродуктивни трошоци со набавка на механизација. Зарем тој мислеше дека ќе продолжиме по нивните стапки и ќе правиме одлевање на општински средства спрема приватни фирми за одржување во зимските денови? Тие времиња завршија кога поединци и фирми се богатеа на грбот на жителите на општина Новаци, сега имаме своја механизација. Во нивно време ем скапо плаќаа, ем ниту снегот се чистеше, ниту патишта се одржуваа.
Кузманоски додаде дека Стевче ја отвора и темата за општинската зграда, а самиот е сведок дека во нивните 12 години власт не обезбедија простор за одржување на состаноци на Советот. Да не зборуваме за цената за градба. Тие за многу полесна и поедноставна градба во 2013/2014 плаќаа по 550 евра од квадрат, а ние во 2021 кога се е поскапено и во време на пандемија плаќаме по 460 евра од квадрат за градба. За далеку подобар, по модерен и по функционален објект!
-Ме загрижува неговата дрскост да зборува за набавката на новите моторни возила кои се купени по иста цена која тие ја плаќаа за половни возила и дополнително се расфрлаа пари за нивно сервисирање- рече градоначалникот кој ќе биде кандидат од редовите на СДСМ за прв човек на Општината и овој пат.
„За 4 години се што беше потребно се направи и се градеше во секое населено место на општина Новаци. Комуналното претпријатие целосно е опремено и одговара на потребите на жителите, а не како во нивно време кога единствено одговараше само на скапите фактури за ручеци по рестораните. Разликата е видлива. За жал Стевче како вработен во општина Новаци сите овие години како да ги преспал, па не е запознаен со проектите што ги реализиравме и оние кои се во тек“, рече Кузманоски.
И додаде: „Нашата општина веќе има готови целосни проекти и одобренија за изградба на канализациони мрежи во 4 населени места, а се работи и за во други населени места. Но, она што е симптоматично, во исто време и трагично што и самиот не знае на кои проекти е координатор. Во интервју вели дека бил координатор на ИПА-проект што го спроведува општината, гарантирам дека и тоа е лага, тој не е координатор на никаков ИПА-проект. Прво треба да се заинтересира во какви проекти е вклучен, потоа да се фали. Особено да не се осмелува да лаже дека јас како Градоначалник сум го кочел проектот. Се што е доброто на наште граѓани мора да се реализира, чесно и во согласност со законите“.
На крај на противкандидатот му порача : „колку побрзо научи дека лагите и сеењето магла не поминуваат кај граѓаните толку побрзо ќе се фати за работи за она за што е задолжен и секој месец зема плата. Накрај, Христијан Мицкоски треба да се загрижи за својот пулен, бидејќи со ветувањата што ги дава Стевче пред кампања ги помешал лончињата, како да се кандидира за премиер на Република Северна Македонија, а не за градоначалник на Новаци“.