2win800x200

„Независен“ во Украина: Во Киев нема паника, ни воена психоза, но луѓето се загрижени

Февруари 09, 2022

 

КИЕВ – Ако ставите полн пиштол на маса, тој најверојатно ќе пукне.

Вака Володимир Ариев, пратеник на главната опозициска Партија за европска солидарност, ја оцени ситуацијата во Украина, околу која се трупаат сѐ повеќе воени сили и оружје.

„Ова што се случува не е конфликт на националности, туку на вредности. Едни гледаат во минатото и сакаат да ги вратат советските времиња, други гледаат во иднината и сакаат да се европеизираат“, вели Сергиј Гармаш, член на украинската делегација во Трилатералната контакт група во која се водат преговорите за окупираниот Донецк. Тој  лично верува дека евентуалната руска интервенција нема да биде насочена кон цела држава, туку ќе биде со цел да се зацементира статусот на руските енклави преку кои ќе ја контролира политиката во Украина, па и преку нив да се блокира членството во НАТО.

На секој чекор во Киев е видливо дека Украинците во голема мерка научиле да живеат со руските закани и со окупираните територии, уверени дека еден ден ќе си ги вратат назад, иако над милион и пол луѓе се иселени од нив, а Москва поделила 800.000 пасоши на тие што останаа во Донецк и Луганск. 

Ова што се случува не е конфликт на националности туку на вредности, вели Сергиј Гармаш, член на украинската делегација во Трилатералната контакт група (Фото: С. Јовановска)

 

„Тензии околу нашата граница со Русија има од 2014 година, но од лани летото имаме уште една непријателска  граница, со Белорусија, која ѝ дозволи на Москва да концентрира ракети и тешко вооружување на 50 километри одалеченост од Украина. Русите се мајстори за кревање паника, а хорор сценаријата што се објавуваат во странските медиуми деновиве потсетуваат на тие од таа година. Се подготвуваат за нешто, но не знаеме за што“, вели Ариев. Тој смета дека ова е почеток на многу долга конфронтација во која ќе биде нужно да се инволвира и Западот.

Низ Украина, и меѓу домашните политичари и меѓу странските дипломати, циркулираат повеќе објаснувања што го мотивира  рускиот лидер Владимир Путин да се сврти повторно кон Украина. Според Ариев, големата цел на Путин е да постигне нов договор како тој во Јалта, бидејќи претходниот се распадна, а тој сака да има договорени зони за влијание. Помалата цел, според него, е да воспостави безбедносен појас до Крим кој за него има големо воено значење.

Меѓу дипломатите во Киев чувството е дека воените заканите се реални и можат да се случат секој момент. Според тие оценки, Путин има на располагање многу опции – од тоа политички да ја дестабилизира Украина од внатре, да предизвика протести, да поттикне вооружени инциденти на границата, па до тоа да упадне воено на одреден дел од границата, од каде што потоа ќе спроведе целосна окупација на Украина. Мотив за тоа гледаат во намерата да се окупира поголем дел од територијата така што ќе создаде некој вид појас од Донецк до Крим, но цената, според овие оценки, ќе биде преголема за Русија.

Проценките се дека сега, за разлика од 2014 година, руските трупи ќе се соочат со многу посилен отпор поради големата воена помош што ја прими Украина од земјите членки на НАТО, од која дури 2,7 милијарди долари се обезбедени од САД. Таквиот потег, исто така, ќе го засили источното крило на НАТО, бидејќи ќе биде причина да се распоредат повеќе трупи и воена опрема во Полска, Чешка, Романија, Бугарија и балтичките земји.

Воена руска интервенција ќе ја засили и намерата на Украинците да ѝ свртат грб на Русија, која за да ги спречи да влезат во НАТО го постигнува, според оценките, токму спротивното – ги турка кон ЕУ и кон членство во алијансата.

„Се подготвуваат за нешто, но не знаеме за што“, вели пратеникот Володимир Ариев (Фото: С. Јовановска)

 

Како илустрација тие посочуваат дека во 2014 година, пред интервенцијата на Русија, дури 70 отсто од Украинците биле ориентирани кон соработка со Русија, а симпатиите кон неа сега се сведени само на 25 отсто. ЕУ и НАТО таквата ментална транзиција силно ја поддржуваат, така што само годинава САД планираат да ѝ дадат 650 милиони долари воена помош на Украина покрај економската, а ЕУ значајно ја зголеми економската соработка со земјата, која од целосно ориентирана економија кон Русија, сега сѐ повеќе тргува со земјите членки на Унијата, лани бележејќи раст од над 80 отсто со Франција и нешто помалку со другите големи земји членки.

Иако САД и ЕУ се обидуваат кризата да се реши на дипломатски начин, проблем е што Русија не прифаќа воопшто дека е дел од конфликтот и сака место неа преговорите да ги водат самопрогласените власти во окупираниот регион на Донбас предводени од Руси, со намера да издејствува нешто што го нема во договорите од Минск, а тоа е специјален статус за овие територии. Иако проценките се дека двете страни, и Киев и Москва, ги прекршуваат договорите, вината се гледа пред сѐ во руската страна која одбива да ги отвори местата за поминување, одбива мониторинг на линијата на поделба, ги спречува набљудувачите на ОБСЕ да ја следат ситуацијата и инволвира странски платеници во конфликтот, праќајќи порака дека не сака воопшто да се реши спорот.  

Украинските војници изведуваат вежби дури и во Чернобил (Фото: Ројтерс)

„Осум години по Договорот од Минск ние сѐ уште разговараме кои се документите што треба да ги имплементираме. За нас е главен првиот, од септември 2014 година, а за нив дополнувањата со кои се утврдува неговата имплементација“, вели Гармаш. Во првиот договор стои дека спорот е билатерален и треба да се формираат безбедносни зони на границата меѓу Украина и Русија. „Во првиот нема ни специјален статус за Донецк и Луганск и се споменуваат само уставни реформи за децентрализација, така што ние сѐ уште не можеме да се договориме што, всушност, треба да имплементираме. Исто така, без прифаќање на Русија дека е страна во конфликтот, овој документ е безначаен“, оценува Гармаш.

Како илустрација тој посочува дека во Трилатералната контакт група, всушност, сега има пет страни, бидејќи Русија ги вклучила претставниците на двата региона, а тој како претставник на раселените од таа територија мора да седи неофицијално кога преговара украинската делегација. Од друга страна, гаранти на договорот се Франција и Германија, но во нивните добри намери овде никој не верува.

Според оценка на Сергиј Гармаш довербата во двете земји е намалена поради изјавите на Макрон, кои, според него, биле добри за минатото, но не и за сега, како таа за „финландизација“ на Украина што би довела до губење на окупираната територија, како и поради верувањата дека Берлин има отворено проруска позиција, со недавањето воена помош и со упорното туркање на гасоводот „Северен тек 2“. Затоа, главните пријатели и сојузници ги гледаат во САД, Канада, Јапонија и Велика Британија.

Никој тука во моментов не зборува за директно воено учество на САД или на НАТО при евентуална руска интервенција, а уште помалку се споменува некакво учество на Македонија со другите земји членки. Странските дипломати веруваат во силната решеност на Украинците да си ја бранат земјата од руска агресија и најавуваат досега невидени санкции – од контрола на извозот на руските комании, забрана за финансиски трансакции, така што сите банки ќе бидат затворени за руските компании, санкции за врвните политичари и за нивните семејства, прекин на испораките на микрочипови и други делови потребни за индустријата, односно нешто слично на тоа што му се случи на кинески „Хуавеј“, при што и Кина е обврзана со договори да не испорачува. 

https://youtu.be/wN5nR9VfNpY

Иако повеќето се наклонети да веруваат дека мотивите на Путин околу Украина се стратегиски, дека му паѓа ретингот дома, а во Украина се топи проруската популација, некои гледаат и сосема лични причина во кризата. Според тие проценки Путин е лут бидејќи Зеленски забранил три телевизиски станици на неговиот пријател и бизнис партнер Виктор Медведчук и го ставил во куќен притвор со обвинение за предавство, бидејќи правел профит од воениот конфликт и концесиите што ги добивал во Донецк од страна на Москва.

Најголем парадокс притоа е дека јагленот што го купува Украина е од нејзината окупирана територија во Донецк, а ѝ го продава Белорусија, која воопшто нема такво производство. Во Киев се уверени дека кога-тогаш ќе си го вратат Донбас и останатите окупирани територии, а таму сѐ уште има голем број Украинци кои останале зашто немаат каде да одат, а не сакаат да бидат дел од Русија. Според Гармиш, има и партизанско движење кое не е големо, но презема некои акции, а според бројот на тие што се судат во Донецк и Луганск за наводна шпионажа, проценуваат дека и во нив внатре има отпор кон руската агресија.

Сепак, Ариев тврди дека Украинците се решени да се банат, но не се сигурни дека Зеленски е дораснат на ситуацијата и може да ја преземе улогата на воен лидер, а министерот за одбрана е добар адвокат, но на таа функција е само некој месец.

„Тој е вознемирен од ситуацијата и затоа ја потценува. Украинците треба да ја знаат вистината. Неговата реторика е збунувачка дома и за тие надвор што ни даваат помош, бидејќи нивните граѓани прашуваат – зошто го правите тоа кога Зеленски вели дека нема закана од интервенција од Русија? За ваква реторика сега не е време. Место тоа, треба да ја обедини земјата и да одговори на заканата“, вели Ариев, споменувајќи дека Киев е само 120 километри од границата со Русија. 

Преземено од https://nezavisen.mk/nezavisen-vo-ukraina-vo-kiev-nema-panika-ni-voena-psihoza-no-lugjeto-se-zagrizheni/

 

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани