АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Новото раководство на Техничкото училиште во Битола, започна со санација и реновирање на три училници кои заради негрижа од бившите раководства со години биле оставени да скапуваат во влага со мувлосани ѕидови и распаднат малтер.
Директорот на средното техничко училиште Владимир Роме, вели дека училиштето во оваа зграда опстојува од 1986 година и од тогаш до сега ништо не е сменето и реновирано, особено не, во водоводот и одводот. Цевките се целосно зарѓени, испукани и дотраени, а таква е состојбата во целото училиште, за што говорат и фотографиите.
-Итно и со сопствени средства во училиштето санираме три училници, со цел оспособување на просториите во кои ќе биде сместена опремата за двата кабинети по физика и практична настава за профилот електротехничар- енергетичар, грант добиен од амбасадата на Германија во Р. Македонија во висина од 5500 евра. Средствата за опремата ги обезбеди германската амбасада , но средувањето на кабинетите е на наш товар. Сега се прават градежни зафати за корекција на ѕидовите, ново лед осветлување, замена на водоводна и одводна инсталација и бојадисување, изјави Роме за апла.мк.
Директорот Роме наведува дека за санација на состојбите во школото потребна им е помош од локалната самоупрва.
-Градоначалничката е информирана за оваа состојба и се надеваме на позитивен одговор од страна на општина Битола. Санацијата е неопходна, а за тоа се потребни средства што училиштето ги нема, вели Роме.
Во ужасна состојба се и олуците како и покривот на училиштето кој сеуште е прекриен со азбестни плочи кои се крајно оштетени и при поголеми дождови ги поплавуваат спортската сала и дел од училниците. Азбестните плочи се на површина од околу 3200м2.
Ова училиште можеби е и единствено во Општината кое е со стара и дотраена дрвена дограма која не дихтува и токму поради тоа има огромни загуби на нафта за греење. Прозорците зјаат па најголем дел од нив се заковани како би се намалил провевот.
Новото раководство прави напори да обезбеди замена на дограмат со цел решавање на овој проблем.