АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Натегања околу процесот на легализација на дивоградби во Општина Битола, помеѓу власта и опозицијата. Во кварталниот извештај за реализацијата на буџетот стои дека реализирани се 3,95 проценти за „надоместок за утврдување на правен статус за бесправно изградени објекти“.
Тоа значи дека од планираните 40 милиони денари, во буџетот се собрани над 1,5 милиони денари.
– Граѓаните кои се засегнати со легализацијата трпат директна штета. До кога планирате да го блокирате процесот? Во кварталниот извештај на буџетот по оваа основа има десетпати помал приход во општинската каса, во споредба со истиот период лани. Десет месеци откога сте на власт, процесот стои на мртва точка – обвини советничка на ВМРО-ДПМНЕ, Викторија Христовска.
Градоначалничката Наташа Петровска негира дека процесот на легализација на градежни објекти во Општината е блокиран. Таа смета дека легализацијата не се гледа само преку висината на уплатени средства во буџетот. Годинава е одреден дополнителен рок за поднесување барања за легализација, со што се дозволи на тие што им беше прекинат процесот на легализација во минатите години повторно да аплицираат.
– За над 3.500 предмети се донесоа решенија за прекин на постапката за да им се овозможи на граѓаните повторно да аплицираат, што се одрази на бројот на предмети за кои се носеа урбанистички согласности и решенија за конечност на постапката – одговори Петровска.
Според неа во Општината нема вработени кои исклучиво работат на легализацијата, особено правници кои ги водат постапките.
-Покрај секојденевните обврски, вработените вложуваат максимални напори за да се одвива процесот на легализација, но треба да се има предвид дека се работи за илјадници предмети,одговара Петровска.
Што се однесува до приходите собрани во буџетот од легализации, Петровска е категорична дека тие бројки можат да бидат показател за одвивање на процесот само во фаза на добивање на урбанистичка согласност, „а во другите фази, особено сега кога се издаваат конечни решенија, тоа нема поврзаност, бидејќи тогаш не се плаќа за легализација на објектот“, објаснува таа.