2win800x200

Љутков - Во наредниве 15 дена ќе започне реконструкцијата и адаптацијата на старото кино „Партизан“

Јуни 09, 2025
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денес оствари работна посета на дел од националните установи од областа на културата во Битола, со цел да се направи паралела на реализацијата на задачите во изминатиот период од една година.
Министерот најави дека во наредниве 15 дена ќе започне реконструкцијата и адаптацијата на старото кино „Партизан“.
„Веројатно во наредниов период и можеби до крајот на месецов ќе почнеме со работа но би сакал да кажам дека уште еден голем капитален проект кој што е важен за Битола, а тоа е киното „Партизан“; пред две недели го потпишав Договорот, избран е изведувачот, избран е надзорот. Одобрениот буџет е 94 милиони денари или некаде околу 1,5 милиони евра. Договорот е потпишан, сите постапки се завршени и претпоставувам дека во наредниве 15 дена ќе дојдам повторно во Битола за да го означиме стартот на реконструкција и санација и адаптација на старото кино „Партизан“.
Министерот Љутков нагласи дека во сите институции е направен голем чекор напред, истите работат со двојно поголеми буџети, а со тоа и со наменска реализација.
„Во Завод и музеј го реализираме проектот за реставрација на предната фасада за што се издвоени 1.200.000 денари, а годинава ќе се реализира и партерното уредување на лапидариумот, вреден 1.400.000 денари. После долги години реновирана е сувенирницата која што всушност е направена од сопствени приходи на Завод и музеј, а тоа е многу добро за туристичката понуда која што треба да ја има Битола, а нас како Министерство за култура и туризам ни оди во прилог да се преземаат вакви чекори. Археолошките истражувања насекаде во државата во изминатите седум години беа сведени на минимум, за разлика од порано сега вложуваме во археолошките истражувања и можам да кажам дека тие доживуваат и своевидна ренесанса во овој период. Вкупно за оваа намена имаме издвоено 12.000 000 денари кои ќе се реализираат во следните три години, како и што се договоривме и со директорот, дека е многу подобро таквото стратешко работење“, изјави Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој потенцира дека во Битола се забележува значителен напредок и во делот на туризмот.
На работната посета, министерот го придружуваше и градоначалникот Тони Коњановски, кој истакна дека Битола е центар на културата за што потврдуваат и седумте национални установи во градот.
„Се гордеам што сум на чело на град кој многу вложува во културата и е културна мека во Македонија. Во овие 3-4 години, навистина се доживува еден процут, еден развој во таа област, не само со националните установи, туку и со нашиот културно – информативен центар, каде што има денови, во кои не знаете на кој настан можете да стигнете побрзо. Со право и министерството премина во Министерство за култура и туризам, со оглед на тоа што туристичката понуда која е многу значајна и која сите овие установи ја нудат многу значи за градот и во тој дел сеуште не сме го достигнале тој максимум, но на наше задоволство бројот на туристи секој ден се зголемува, наше е да им понудиме добра програма и секако во однос на престој во нашиот град да ги задржиме посетителите колку можеме повеќе. Тука треба да се ангажира и хотелиерството, приватните стопанственици кои треба да ја дадат таа понуда во делот на ноќевањата и кулинарството итн. Сакам да се заблагодарам за поддршката од Министерството, но и за соработката со националните и културните установи со кои како локална самоуправа имаме исклучително добра соработка. Нашите настани се и нивни, а нивните настани се и наши. Во текот на утрешниот ден ќе го обзнаниме и почетокот на културното лето со еден многу интересен настан“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Министерот Љутков најави дека до крајот на месецот во Битола, ќе започне и реализацијата на еден капитален проект за реконструкција, санација и адаптација на старото Кино „Партизан“, за што министерството веќе потпиша договор со изведувач и надзор, во вкупен буџет од 94.000.000 денари.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани