Битола подготвена за фестивалот Илинденски денови

Јули 06, 2026

БИТОЛА ПОДГОТВЕНА ЗА ФЕСТИВАЛОТ ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ - Од 14 јули, Битола ќе биде домаќин на 56. издание на Интернационалниот фестивал „Илинденски денови“, една од најзначајните и најдолговечни меѓународни манифестации посветени на фолклорот, етнологијата и нематеријалното културно наследство.

Во текот на осумнаесет фестивалски денови, градот ќе пречека фолклорни ансамбли, етнолози, етнокореолози, музиколози, истражувачи, филмски автори и љубители на традицијата од повеќе земји, потврдувајќи ја својата улога како место на културна размена и поврзување.

Пред официјалното објавување на програмата и фестивалскиот постер, организаторите ја претставија приказната зад новиот визуелен идентитет на фестивалот. Годинашната тема „Точка на поврзување“ (Connection Point) е инспирирана од глуварчето – симбол на истрајноста, пренесувањето на традицијата и непрекинатото патување на културното наследство низ времето и просторот.

Според организаторите, изборот на глуварчето не е случаен. Иако често се смета за обичен полски цвет, неговите семиња патуваат со ветерот и пуштаат нови корени, како што традициите се пренесуваат од генерација на генерација и од народ до народ.

Со повеќе од половина век традиција, „Илинденски денови“ останува фестивал кој ги обединува песната, играта, обичаите и културното наследство на различни народи, претворајќи ги во заедничко искуство и мост на поврзување меѓу луѓето.

Во наредните денови ќе биде објавена комплетната програма на фестивалот, кој и оваа година ќе ја претвори Битола во светска точка на средба на традицијата и културата.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани