АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола има шанса да бира нов лидер или да му ја даде поддршка за реизбор на актуелниот претседател на партијата, Борче Димитровски.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ од вчера објави вонреден генерален повик за избор на претседатели на 76 општински комитети во државата, кој ќе трае до 11 март. Ова според добро упатени извори во партијата во Битола е шанса за воспоставување на свои луѓе од доверба на новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, но и потег за реформи во партијата, односно да дојдат до израз членови кои постигнале резултати на општинско ниво, но заради одредени пријателски и роднински врски со поранешната гарнитура на Никола Груевски не дошле до израз.
Според наши информации на повикот одговорил актуелниот претседател на партијата во Битола, Борче Димитровски, кој на оваа позиција е од април 2015 година. Димитровски е актуелен советник во Советот на општина Битола. Но, сега неизвесно е дали Мицковски ќе му даде доверба на Димитровски да го продолжи мандатот со негов реизбор или ќе се бира сосема нова личност за претседател.
Се зборува дека за позицијата апетити пројавиле уште некои од најблиските соработници на Димитровски, исто така советници, но можност за промена виделе и членови со подолг стаж во партијата. Меѓу имињата за нов лидер на битолскиот општински комитет се споменуваат и членови на реформското движење на ВМРО-ДПМНЕ во градот.
Меѓу аспирантите за правата позиција на ВМРО-ДПМНЕ во Битола се споменуваат Николче Котевски,поранешен пратеник , а амбиции наводно имал дури и досегашниот директор на ЈП „Нискоградба“, Кире Крстевски.
Како сериозен кандидат се наведува и името на Сашо Илијовски, поранешен советник, инаку еден од најблиските соработници на Силвана Ангелевска,поранешната претседателка на Совет, која е и единствениот претставник на Битола во новиот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ.