2win800x200

Битолчанката Сања Поповска напиша роман посветен на сите лавици кои се борат со мултиплекс склероза

Февруари 14, 2021

Девојката со портокалова марама“ е роман во кој битолчанката Сања Поповска преку ликови од имагинацијата ја наслика вистинската борба на лицата со мултиплекс склероза. Книгата беше објавена неодамна, а авторката која има 30 години и веќе води битка со болеста, вели дека делото им го посветува на сите жени лавици кои во изминатите две години ги сретнувала низ болниците.

 

„Инспирацијата за романот се појави од пред две години кога се најдов во Клиниката за неврологија во Скопје. Болничката соба ја делев со сега моја добра пријателка Луна Мичевиќ, на која патем ѝ ја посветив оваа книга. Две девојки заробени во светот на мултиплекс склерозата за која моравме за брзо време да научиме сѐ. Дента кога официјално ѝ ја дијагностицираа осетив страв и очај, сфатив дека ѝ е потребна поддршка од личност со која ја делат истата тежина. Оттаму излезе и инспирацијата за романот. Начин на кој ќе и докажам дека не е сама, дека за рака ја држи уште еден борец. Во овие две години со прошетки по болниците сретнав уште многу такви жени борци, на кои почнав да им се восхитувам. Сфатив дека оваа книга не е само за Луна , туку за сите лавици на кои им е потребна поддршка за да извојуваме победа“, вели Поповска.

 

Главен лик во романот е Ања од Битола, студира психологија, но животот решил да ги одложи нејзините планови. Се соочува со огромен стрес, самоубиство на мајка ѝ, па татко ѝ заболува од рак, борбата со осаменоста за на крај мултиплекс склерозата да исплива на површина. Потоа следува главната војна. Борба со предрасуди, анксиозност, тешки релапси, борба со самата себе.Рака за спас е нејзиниот сопруг на кој главно мото му е „твојата борба е и моја борба“. Лекот за душата го наоѓа во Битола, нејзиниот роден град по кој копнееше.

„’Девојката со портокалова марама’ главно е измислена приказна, но исто така има и доста работи кои нѐ поврзуваат. На пример , љубовта кон Битола, факултетот на кој студирав, болеста и сите сеништа кои ги носеше со себе, стравот од затворен простор, односно ‘тунелот’  како што ја нарекувам магнетната резонанца, паниката која ме обзема додека сум внатре и лошите мисли. Сите тие чувства се обидов да ги пренесам преку главниот лик во романот и чувствата , борбата и поддршката од страна на мојот сопруг преку нејзиниот“, вели Поповска.144833003 1065987693894199 3784917876070495266 n

Романот го пишуваше една година, а пораката што сака да ја упати до сите борци е да не се откажуваат од животот, да не ја губат волјата, да не ја одбиваат поддршката од најмилите, да ја прифатат реалноста и да бидат позитивни.

„Да не дозволиме никој да не сожалува, напротив, да ни се восхитуваат на нашата борбеност. Не велам дека тоа што дознав дека некаков чудовиште се всели во моето тело не ме уби внатрешно, но очигледно мојата позитивна енергија сѐ уште го држи на дистанца и ќе продолжам да се борам на тој начин. Бидејќи, фала му на бога, имам за кој да живеам. Мојата силна верба во Бог, мојот сопруг и моите две малечки деца на кој им треба присебна мајка“, вели писателката.

Нејзиниот роман стана движечка сила меѓу лицата со мултиплекс склероза. Секојдневно добива пораки со поддршка од девојки кои страдаат од истата болест. Мило ѝ е што веќе не се кријат, па порачува дека сака лично да се запознаат и да споделат искуства, да си дадат поддршка, а можеби ќе излезат и други идеи, проекти и гласно ќе зборуваат за оваа тема.

Извор СДК.МК https://sdk.mk/index.php/magazin/bitolchankata-sana-popovska-go-posveti-romanot-na-site-bolni-od-multipleks-skleroza/?fbclid=IwAR3xVVXMPeiQcggV0dQNNnGYm2Jefff0rACD9_kCynp6D6zucgqBfRIRz7s#more

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани