2win800x200

Нова дограма соодветна на објектот денеска доби Спомен куќата на Гоце Делчев во Битола. Под надзор на Завод и музеј Битола старите прозорци се заменети  со дрвени во темно кафеава боја.

Веќе трета година по ред затворена е Спомен куќата на Гоце Делчев во Битола поради лошата состојба во која се наоѓа објектот. Кога ќе биде отворена повторно за посетители, не може да се предвиди, зашто парите издвоени од Министерството за култура не стигаат за забрзано да се реновира. Според пишувањата на медиумите годинава, од вкупните потребни средства за конзервација и реставрација на фасадата што ги побарал битолскиот Завод и Музеј, беа одобрени само шест проценти.

Оваа година, со Годишната програма на Министерството за култура се доделени само 350.000 денари од повеќе од 5.799.000 денари колку што беа побарани за целосна реализација на проектот.

гоце 3

Во меѓувреме повлечена е и дотогашната музејска поставка  заради нејзино обновување и осовременување, но најмногу заради лошата состојба на самиот објект.

Како што е веќе познато во првата фаза, во 2016 беше изработена проектна документација за осовременување на куќата. Минатата година беа доделени 250.000 денари за реализација на предвидените активности, со што беше комплетно заменета електричната инсталација и беа преземени некои помали зафати во ентериерот.

Пред повеќе години, едно семејство живееше во куќата и така придонесуваше да биде отворена и одржувана. По смртта на членовите на ова семејство, посетите се најавуваа во Завод и музеј. Денес, куќата е затворена.

гоце 2

Во оваа куќа, Гоце Делчев во 1901 година престојувал во домот на тогашниот началник на Реонскиот комитет на ВМРО во Битолско, Михаил Ракиџиев. Во Битола останал два месеца, а за тоа време, во битолскиот затвор го посетил и војводата Даме Груев и остварил средби и со други истакнати припадници на револуционерната организација. На заминување, во знак на благодарност, му подарил пиштол на Ракиџиев, што како реликвија се пренесувал од генерација на генерација и на крај, завршил како вреден експонат во Спомен куќата.

Куќата содржеше две изложбени простории со вкупна површина од 37 квадратни метри. Едната имаше документи и фотографии за дејствувањето на војводата, а во другата, каде Делчев ги одржувал состаноците, беше задржан ентериерот во оригинална состојба. Таму беше и гобленот извезен од разнобојни монистри, кој за спомен му бил даден на Ракиџиев од политичките затвореници во Централниот битолски затвор.

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани