АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Македонија е на работ да биде турната во нова неизвесност доколку Собранието не ја започне институционално постапката за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите и остантите предложени заедници.
Претседателот на Собранието Џафери ја прекина седницата на која се расправаше и требаше да се гласа за тоа дали Предлогот за пристапување кон измена на Уставот ќе влезе во фазата на амандманска расправа и на крајот на гласање. Власта, како предлагач на измените доби уште 10 дена, колку што трае деловничкиот рок после кој треба да се гласа дали воопшто ќе започне собраниската расправата за амнадманите односно за промена на уставот.
Неизвесно е дали ќе има некоја промена којашто ќе го овозможи тоа, но според однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е крајно неизвесно. Зборот „крајно“ во оваа ситуација е за да се илустрира некоја мала резерва која произлегува од постапката на Џафери да ја прекине седницата и да ги обезбеди тие десет дена за да се случи пресврт во приодот на ВМРО-ДПМНЕ кон ова прашање.
Ако не се случи тој пресврт, ќе заклучиме дека не е прв пат ВМРО (ДПМНЕ) да ја турне Македонија во неизвесност и ќе ни остане да го преживееме и тоа иако цената и овој пат ќе биде преголема и на сметка на граѓаните и на иднината на земјата.
Ќе констатираме дека ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш тврдоглаво не прифати дека е невозможно да постигне подобар „француски предлог“ ако дојде на власт.
Лидерската врхушка на ВМРО-ДПМНЕ ги затвора ушите кога високи претставници на меѓународната заедница им порачуваат дека тоа не е можно и дека за такво нешто ЕУ нема желба. Ниту Европската Комисија ниту, пак Европскиот Советот ќе се заложат за нов договор според нови правила (според ВМРО – да се скинеш од смеење) на неколку месеци пред европските избори.
Не, партиските лидери на ВМРО-ДПМНЕ и нивните партиски послушници се слушаат само себе си.
Тој став и таквиот пристап, доколку остане вака како што се навестува, од нашите пријателите во ЕУ и од САД ќе направат партнери кои секогаш од косо ќе не гледаат секогаш кога ќе треба да се носат некакви сериозни заеднички договори и политики. Непријателите ги создаваме сами, а лидерите на ВМРО-ДПМНЕ се докажани таленти за метаморфозирање на пријателите во непријатели.
Психоделијата на оваа партија дека сите ни се непријатели и дека еден ден ќе ни одземат сѐ не е ништо друго освен доказ за сопствената неспособност да создаваат пријатели и сојузници за прашања од национален интерес. Така е и со идентитетот.
Како што напиша колумнистот на Рацин.мк Тони Поповски со цел да го коментира како апсурдно инсистирањето на идентитетот, па потенцира дека во основа е „бизарно некој да ни го гарантира идентитетот бидејќи е вграден во самото наше постоење и себеопределување, иако на вакви барања на ВМРО ДПМНЕ е излезено во пресрет со Резолуција во германскиот Парламент, со последователни изјави на врвни европски лидери и функционери во ЕУ“.
Бизарно е зашто доаѓа од „најнационалната“ партија која претендира ексклузивитет на статусот бранител на македонскиот идентитет, а всушност се несигурни во него.
Или, можеби нешто друго е во прашање… Да не би заради тоа „нешто друго“ не гласаа за Законот за македонски јазик?
Апсурдно е ВМРО-ДПМНЕ да не можат да сфатат дека во фазата на преговорите (ФРОНТЕКС) и како членка на ЕУ, македонскиот јазик влегува во официјалната комуникација на ЕУ и ќе го имаат предвид половина милијарда Европјани како јазик еднаков со сите други.
А после се лутат кога некој ќе им го црта тоа на табла за да сфатат.
Извор https://racin.mk/