17 години Meѓународна ликовна колонија „Де Ниро“ Битола

Август 18, 2021

Ликовни уметници од Германија, Србија, Саудиска Арабија, Црна Гора, Грција и Македонија ќе бидат дел од 17-тото издание на Меѓународна колонија „Де Ниро“Битола, која што ќе се одржи од 20-ти до 27-ми август во Културниот центар на Меѓународна колонија „Де Ниро“ во с. Цапари, како и на различни локации низ Битола.

„Континуитетот на колонијата успеваме да го задржиме иако веќе втора година по ред сме на сред здравствена криза предизвикана од вирусот Ковид 19. Оваа година придружната програма на колонијата започнува со меморијалната изложба на ликовни дела од Миливоје Новаковиќ – Кањош, врвен ликовен уметник и прв уметнички директор и еден од двигателите од самите почетоци на Меѓународната ликовна колонија "Де Ниро", кој за жал во 2020 та го напушти земскиот свет, но преку неговите извонредни дела ќе биде дел од Колонијата и тие ќе говорат за него" - изјави Драги Филевски, организатор на колонијата.

Оваа година, во рамките на колонијата, ликовниот уметник Мирослав Масин, голем пријател на колонијата,ќе започне со работа на мозаик, кој ќе биде прво вакво уметничко дело во неговиот богат и разновиден опус. Мозаикот ќе биде на површина од 100 м2 и ќе биде поставен во рамките на Културниот Центар  на Меѓународната ликовна колонија Де Ниро, лоциран во с. Цапари.

Во текот на овие 17 години на колонијата учествувале околу 200 ликовни уметници од 30 држави од Европа и Светот кои досега создале речиси 500 уметнички дела. Токму оваа година од колонијата, треба да произлезе јубилејното - 500-тото по ред уметничко дело.

Во рамките на богатата и разновидна програма  ќе бидат реализирани и  следниве настани: „Ден на уметноста“, во чест на Благоја Стефановски-Баге, еден од бардовите на македонската култура, а ќе се реализира на една посебно избрана локација – мало село Ротино, потоа изложбата на Панде Петровски од циклусот Хераклеа, како и соло перформансот на Бранислав Николов кој всушност е заеднички проект на ОХО продукција и Меѓународна ликовна колонија Де Ниро и е најава на "Игнатиа фестивал“, посветен на античкиот пат Виа Игнација, кој идната 2022 година е предвидено да го има своето прво издание, а истиот во својата програма ќе вклучува музика, филм, театар, други изведувачки уметности,гастрономија итн... 

Исто така дел од офф програмата на 17 тата Меѓународна ликовна колонија Де Ниро ќе бидат и музичките перформанси на Зарина Првасевда, Јасна & friends, како и КУД Илинден Битола кои ќе изведат фрагмент од богатиот репертоар на градски игри.

Затворањето на овогодинешното издание на Меѓународната ликовна колонија Де Ниро на 27.08.2021 година, ќе биде симболично и во духот на истрајноста и континутитетот на оваа наша иницијатива, со отворање на изложбата азбука на ликовниот уметник Сергеј Андреевски, изложба посветена на великанот Блаже Конески

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани