Во организација на Комисијата за образование на СДСМ од Пелагонискиот Регион, денеска во Небрегово, во родната куќа на Блаже Конески беше одбележан Светскиот ден на учителот, 5 Октомври.
Во име на Комисијата, на претставниците на општинските комисии, Денот на учителот им го честиташе регионалната координаторка, Петра Лукароска. Изразувајќи им благодарност на наставниците за трудот и несебичноста со која на учениците им го пренесуваат знаењето, за трпението и вниманието со кои
ги водат до нови знаења и животни вештини, Лукароска нагласи дека учениците и наставниците во 55 училишта ја започнаа новата учебна година со значително подобрени услови за настава.
„Министерството за образование и наука инвестираше над 4,5 милиони евра за изградба на 145 спортски сали и рехабилитација на училишни објекти. Поставени се енергетски ефикасни фасади и еколошки системи за греење во училиштата. Учениците од одделенска настава и оваа учебна година продолжуваат да работат со тандем наставници по физичко и здравствено образование, со што е овозможен правилен раст и развој од најмала возраст, а децата со попреченост се вклучени во редовната настава со образовни асистенти. Со укинување на екстерното тестирање, ги ослободивме учениците и наставниците од стресни ситуации“, рече Лукароска.
Таа потенцираше дека на наставниците со закон им е овозможено кариерно напредување во звања и зголемување на коефициентот за плати, со што е обезбедено квалитетно менторирање на новите наставници-приправници.
„Владата на СДСМ им ја зголеми платата на наставниците за 55%. Се намали педагошката администрација и со тоа на наставниците им се овозможи повеќе време за креирање на наставни часови. Со воведувањето на дуалниот модел за средно стручно образование, се продуцираат кадри кои веднаш после завршувањето на образованието ќе бидат подготвени со соодветни вештини и компетенции да се вклучат на пазарот на трудот, да се вработат, со што истовремено се намалува јазот помеѓу понудата и побарувачката на работна сила која им е потребна на компаниите“, напомена координаторката на Комисијата за образование на СДСМ од пелагонискиот регион, Петра Лукароска.
„Да се биде учител, наставник, професор, воспитувач е најблагородната, најважната, но и најодговорната професија што подразбира огромна посветеност на младите луѓе, на кои треба да им се пренесат знаења, вештини и мотивација. Наставникот ја зема раката, го отвора умот и го допира срцето на децата. Учителите се водечка светлина за учениците. Тие им го покажуваат правилниот пат и им помагаат на учениците да откријат повеќе за себе.
Учител, човек кој е исправен пред големи предизвици, столб во градењето на една индивидуа и креатор на една млада личност во која треба да изгради морални вредности, доблест, почит, самодоверба, искреност и толеранција“.На настанот присуствуваа и претседателката на Комисијата за образование при ОО СДСМ Битола, Весна Баковска со членови од комисијата.