2win800x200

Коњановски ќе ја гради новата обиколница на Битола со пари од Светска банка

Септември 23, 2022

Новата обиколница на Битола во должина од 2,4 километри во индустрискиот дел на градот ќе ја гради битолскиот градоначалник Тони Коњановски, со средства одобрени од Светска банка уште од 2020 година, од времето на екс-градоначалничката Наташа Петровска.

 

После две години, општина Битола направи проект и конечно ќе може да ги искористи средствата од 1.397.000 евра, од Меѓународната банка за обнова и развој, одобрени од владата на Зоран Заев, а за кои рокот за реализација е до 2024.

Со овој голем проект има надеж дека ќе се реши долгодеценискиот горлив проблем на битолчани со низа проблеми во сообраќајот во градот, предизвикани од движењето на тешките товарни возила.

Битола има две обиколници кои во добар дел и во одреден степен го растоваруваат сообраќајот низ градот, но факт е дека низ неколку битолски улици, како „Партизанска“, „Васко Карангелевски“, Булевар „1 Мај“, „Прилепска“… и натаму секојдневно поминуваат шлепери, особено зашто нема друго патно поврзување од граничниот премин Меџитлија кон Охрид и Скопје, па битолските улици се уништуваат од тешки товарни возила и се небезбедни за пешаците и за возилата. Од тука, оваа обиколница во индустрискиот дел на градот ќе значи многу повеќе и за битолската локална економија, особено за фабриката „Кромбег и Шуберт“ во Жабени, за фабриките во индустрискиот дел на Битола каде се фабриките Квасара, фабриката за картонажа „Фустеларко Борец“… како и поголем број нови стопански капацитети во поранешна „Битола текст“ и „Прогрес“.

Коњановски вели дека, досега за жал, поради недостиг на готови проекти, општината не можела да ги користи овие средства.

„Имав состанок со претставници од Светска банка, со кои договорено е преку оваа програма општината да реализира 3 проекти и тоа: Реконструкција на улица ‘Индустриска’  во должина од 2,4 километри, која ќе биде нова обиколница во градот, за што проектот е изготвен. Реконструкција на комплетна инфраструктура на повеќе улици во должина од 2.060 метри, за што проектната документација е во завршна фаза и третиот проект: Изградба на велосипедски патеки – за што имаме одобрен сообраќаен проект и работиме на градежен и изведбен проект“, најави градоначалникот.

За битолската опозиција, споменувањето на парите од Светска банка предизвика загриженост дали општина Битола пак ќе се задолжува.

„Колкава ќе биде каматната стапка на кредитот што ќе го земеме, колкав ќе биде периодот на исплата и дали општината во моментов има кредит и кои се обврските“, рече Методија Илиевски, советник и координатор на советничката група на СДСМ Битола.

Градоначалникот возврати дека станува збор за задолжување на владата, направено во 2020 година, па го праша Илиевски зошто заедно со претходното раководство на општината не аплицирале за искористување на овие средства кои му се доделени на градот.

„Моите сознанија, а и фактите тоа го потврдуваат, се дека поради проектната неподготвеност, општина Битола, не искористила 1.397.094 евра за подобра инфраструктура, обвини Коњановски.

Точно е дека Општина Битола е задолжена пред Светска банка и тоа за инфраструктурата во поранешната касарна. Кредитот е од времето на екс-градоначалникот Владимир Талески, а почна да го исплаќа поранешната градоначалничка Наташа Петровска во 2018 година, а ќе се исплаќа до 2028 година. Што значи, Битола и битолчани од сега натаму треба да исплатат уште околу 78,6 милиони денари.

Сега, од кога Коњановски е на власт, се завршени реконструкциите на 20 улици низ градот од предвидените 23 улици, проекти кои ги наследи подготвени од Петровска.

Коњановски вели дека за дваесеттина улици биле изготвени проекти од претходно, но сега најавува градежен бум за следната сезона и изготвување на нови над 65 проекти кои ќе се однесуваат на подобрување на патната инфраструктура, подобрување на енергетската ефикасност на објектите, како и хортикултурно и партерно уредување на повеќе локации во општината.https://nezavisen.mk/konjanovski-kje-ja-gradi-novata-obikolnica-na-bitola-so-pari-od-svetska-banka-za-koi-petrovska-nemala-gotovi-proekti/

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани