АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Младите од Битола дискутираа за приоритетите и можните решенија за нивните проблеми во рамките на процесот за изработка на Стратегија за млади на Општина Битола, проект кој е поддржан од ЕУ, а општината го реализира во соработка со Коалиција СЕГА .
На средбата на фокус групата која се одржа вчера во Офицерскиот Дом, присуствуваа 17 млади од граѓански организации, студенти, средношколци, претставници на подмладоците на политичките партии, Младинскиот Совет на Општина Битола како и претставници од локалните институции.
Се разговараше за состојбата на младите во општината, нивните секојдневни предизвици во образовниот процес , негативното влијание на социјалните мрежи, пасивноста од една страна, но и ниската самодоверба за активно вклучување во јавниот живот, недоволната информираност за младинското учество и младински активизам како и борбата со пороците. Младите дефинираа 5 приоритети за кои предложија и решенија кои меѓу другото вклучуваат и зголемување на можностите за вработување и достоинствени работни места, промоција на практиканството меѓу приватниот сектор, интензивирање на соработката меѓу граѓанските организации и училиштата со цел воведување разновидни воншколски содржини, волонтерство и младински активизам.
Целта на средбата беше да се чујат ставовите и предлозите на младите луѓе од општината за дефинирање на стратешките цели на Општина Битола за наредните 5 години за унапредување на состојбите на младите во Битола. На оваа средба му претходеше електронска анкета на која повеќе од 400 млади од Битола го дадоа своето мислење за нивните предизвици и приоритети за развој на младинската политика. Процесот ќе продолжи со средби со претставници од релевантни локални институции и јавна расправа на која ќе се презентираат наодите од истражувањата и предлог приоритетите во Стратегијата за млади на Битола за периодот 2023-2027.