АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 15 декември 1914
Во Битола е роден Јосиф ХРИСТОВСКИ-Ѕвончаро, припадник на македонското националноослободително и комунистичкото движење и учесник во антифашистичката борба во Југославија. Основно и средно образование заврши во Битола. По матурата во 1933 г., се запиша на правни студии во Белград, Србија. Откако дипломираше во 1939 г. се врати во Битола, каде стана еден од иницијаторите за создавање на Местен комитет на КПЈ во градот и негов прв секретар. Заради својата револуционерна дејност од српската полицијата беше повеќе пати апсен и затворан. Во 1939 г. беше затворен во Билеќа, Босна и Херцеговина. Откако се врати во Битола повторно беше вклучен во работата на комунистичката организација како член на Местниот комитет. Во септември 1940 г. е уапсен и осуден на пет години затвор. Казната ја издржуваше во Србија, во затворот во Сремска Митровица. Тука го затекна Априлската војна од 1941 г. Во август 1941 г. заедно со други комунисти-затвореници успеа да побегне од затворот и како партизан се приклучи на Фрушкогорскиот партизански одред. По краток период се префрли во западна Србија и учествуваше во создавањето и работата на познатата Ужичка република. Оттука, замина во југозападна Србија и во реонот на Лесковац стана борец на Кукавичкиот партизански одред. Загина во борбите на оваа партизанска единица со големосрпските четници на Дража Михајловиќ во април 1942 г.
Подготвил: проф. д-р Александар Литовски, историчар